Успешни Македонци низ светот: Марија (29) од Скопје е сопственичка на салон за нокти во Ротердам

 „Холанѓанките се негувани и вежбаат сите од 7 до 77 години. Сите прават нокти, но за разлика од Скопје каде си муабетам со клиентките, тука додека им правам нокти, си молчиме. Тука се внимава сè да е стерилно и од сертифицирани брендови, а Холандија е земја со олеснителни околности за нов бизнис“ - Mарија Цветановска за CRNOBELO.com раскажува за проширувањето на нејзиниот бизнис во Ротердам. 

uspeshni-makedonci-niz-svetot-marija-otvori-svoj-salon-za-nokti-vo-roterdam-01.jpg

Марија Цветановска (29) од Скопје, има завршено Филолошки Факултет (турски јазик и книжевност), но моментално е на мастер студии во Амстердам, Холандија за Интернационален Менаџмент, а тезата и истражувањата на кои работи се во рамките на индустријата за убавина и директно поврзани со нејзиниот бизнис.

Таа веќе 10 години работи на својата бизнис приказна „Velvet Nails“, што од изработка на нокти како хоби за лична сатисфакција и заработка во студентските денови, денес прерасна во препознатлив салон за убавина во нашиот главен град. 

uspeshni-makedonci-niz-svetot-marija-otvori-svoj-salon-za-nokti-vo-roterdam-.jpgVelvet Nails - некогаш vs. денес

Денес таа живее на релација Скопје-Ротердам, бидејќи си го исполни својот сон кога бизнисот од Скопје го прошири на интернационално ниво и отвори салон за нокти во Холандија.

За CRNOBELO.com Марија раскажува за предизвиците да отвори свој бизнис тука, но и во туѓа држава, разликата помеѓу клиентките во Македонија и Холандија, како и за тоа колку Холанѓаните ја сакаат нашата земја. 

Во продолжение прочитајте повеќе за нејзината бизнис приказна и животот на релација Скопје-Ротердам... 

Што те однесе во Ротердам? Кога првпат отиде и како се одлучи да останеш на подолго таму?

Во Ротердам дојдовме со мојот сопруг првпат во април 2023 како дел од неколкуте патувања по повод нашиот меден месец.

Едноставно ја шетавме Европа неколку недели во текот на годината, па без некој посебен план завршивме тука. Некако беше љубов на прв поглед.

Многу ми се допадна затоа што е различен од цела Холандија, многу е „младалачки” што би рекле ние.

Простран е, прилично нов (бил бомбардиран во Втора светска војна, па граден одново).

Насекаде има случувања, многу е чисто и јавниот превоз функционира совршено (што мене ми е моментално од клучна важност).

Како и цела Холандија инфраструктурално е погоден за велосипеди, што ми беше исто значаен аспект кога веќе решивме дека е опција за престој на подолго време.

uspeshni-makedonci-niz-svetot-marija-otvori-svoj-salon-za-nokti-vo-roterdam-02.jpeg

Колку е Холандија развиена во индустријата на модата и убавината? Зошто се одлучи таму да се надградуваш во областа и да го шириш бизнисот?

Кога станува збор за тоа што мене лично најмногу ме интересираше во тој момент (а тоа се ноктите), Холандија ја има една од најразвиените индустрии во тој домен.

Имаат голем број на фабрики за домашно производство, речиси сите светски корпорации имаат претставништва и ограноци тука, а за салони воопшто не станува збор.

Пример, во зградата каде што живеам јас моментално има 5 салони за нокти.

Разликите се големи, како во салоните, така и во целата индустрија.

Во пракса тука сè е различно, свртени се кон одржливи практики, се внимава многу на рециклирање, на транспарентност, на чистота, на сертификати за квалитет, на однос со вработени...

Се одлучив за Холандија бидејќи според мене е едно од најсредените општества кои сум ги видела и искусила и сè функционира. Пазарот има голема побарувачка и има место за сите.

Голем дел од работите се завршуваат онлајн, нема редови во администрација, а тоа е она што кај нас отсекогаш најмногу ми пречело.

uspeshni-makedonci-niz-svetot-marija-otvori-svoj-salon-za-nokti-vo-roterdam-19.jpeg

Колку програмата на мастер студиите ти беше од помош во пракса?

Да ми кажуваше некој дека толку многу ќе ми се најде - искрено немаше да верувам. На многу од работите кои сум ги правела интуитивно сега им најдов објаснување и име.

Постепено ги систематизирам работите во „Велвет”. Согледувам што ми недостасува од бизнис перспектива.

Се обидувам и учам да го менаџирам личниот стрес сè повеќе, сметајќи на тоа дека не може секогаш „јас да влетам и да ги средам работите”.

Согледувам дека за успех се потребни многу различни аспекти, а не само добро направени нокти, трепки, масажа.

Тоа да, секако функционира на почетокот, меѓутоа со текот на времето и растот на бизнисот, мора да се инвестира во континуитет, да се пратат светските трендови, да се работи на маркетингот, да се биде во чекор со најновите производи, да се биде прв во нешто во Македонија.

uspeshni-makedonci-niz-svetot-marija-otvori-svoj-salon-za-nokti-vo-roterdam-06.jpeg

Какви трендови од Холандија носиш во Македонија?

Покрај голем дел од производите кои кај нас во Македонија не се достапни или многу се чекаат, а јас тука имам секојдневен пристап - најважно ми е да носам трендови на добар однос со вработените и клиентите.

Она што овде најмногу се цени и почитува се вработените. Тие се дел од тимот, тие се оние кои ги задржуваат клиентите и на сето тоа треба да се пристапува со особено внимание.

Индустријата за убавина во Македонија нема баш таква историја и пракса, па затоа јас се трудам да ги подигнам стандардите земајќи примери од овде.

uspeshni-makedonci-niz-svetot-marija-otvori-svoj-salon-za-nokti-vo-roterdam-22.jpeg

Колку се различни жените таму и кај нас? Се негуваат ли и колку се оптоваруваат со изгледот?

Жени се жени, секаде и секогаш. Многу се негувани, витални, се одржуваат, сите одат на вежбање од 7 до 77 години...

Шминката не е толку истакната како кај нас, се дотеруваат, иако мене оваа мода тука малку ми е чудна.

Веројатно и временските услови си го прават своето. Само што ќе си ја средиш косата, ќе заврне...

Нокти прават речиси сите жени, со тоа што не се почнува од толку мала возраст како во Македонија.

Исто така, тука се поскромни во однос на изборот на боја, дизајн, должина. Да речам ете, кратки, еднобојни, француски маникир.

Секако има и исклучоци, меѓутоа во најголема мера е така.

uspeshni-makedonci-niz-svetot-marija-otvori-svoj-salon-za-nokti-vo-roterdam-11.jpeg

Дали откако отиде таму и се надоградуваше во областа, сфати дека си била во заблуда околу некои ситници со работата? 

Да речам дека да. Најважната реченица која ја слушнав од мојот професор Андреас по маркетинг и секојдневно ми одѕвонува во глава е: You can not make everyone happy – you’re not a pizza (Не можеш да ги усреќиш сите - не си пица).

Сака да каже дека на ниту еден салон, бизнис, продавница... не му се таргет сите. И не треба да му бидат.

Треба да се фокусираме на нашата таргет група и публика и таму да растеме. Ете тоа ми е една од најважните лекции кои ги научив.

Секако и покрај тоа, ние како тим го задржуваме највисокиот можен стандард. Посветуваме исклучително внимание на секој клиент и се трудиме да обезбедиме беспрекорна услуга и врвен квалитет.

uspeshni-makedonci-niz-svetot-marija-otvori-svoj-salon-za-nokti-vo-roterdam-26.jpeg

Продолжува на следната страница... 



Би можело да ве интересира:

Вирџинија од Скопје е девојка со уникатен моден стил – шарени стајлинзи, сина коса и нокти во сите б... „Косата ми е сина веќе 7 години и е ‘морето во мене’. Облекувањето за мене е заб...
Успешни Македонци низ светот: Руки Чуки oд Скопје нацрта мурал на трговски центар во Лондон „Како студент на Ликовната академија во Скопје паметам дека 2007-ма беше годинат...
Анжелика од Скопје за ракот на дојката: „Се изнаплакав кога ми кажаа, а потоа ги извадив двете гради... „Сама бев појдена на контрола и, искрено, не се сеќавам како стигнав до дома. Се...
Сашо од Битола за животот на Флорида: „Кога си далеку од дома сè ти недостига – но, не знам дали би ... „Бидејќи работев на брод, беше лесно да извадам туристичка виза и да дојдам посл...
Бродски љубовни приказни: Србинот Ненад и Перуанката Дафне, Карен од Мексико и Роман од Венецуела Врските на брод се познати по својот краток рок на траење, многу авантури за едн...
Маја Саздановска: „И по 30 години од песната ‘Во светот на бајките’, добивам видеа од родители кои г... „Од моето најрано детство, баба ми ме качуваше на столче кога ќе ѝ дојдеа другар...

Најчитани неделава

sonovnik-sidebar.jpg