Александра од Скопје, мајка што постојано се качува на Водно со синот (3): „Го носев во кенгур на Водно уште од бебе“
Одењето не е секогаш песна и најчесто раскажуваме приказни за да се залаже, а и одиме заедно со нашето куче Нала па најчесто таа е мотивација и заедно ја истражуваат природата.
Самиот ранец тежи 3 килограми празен, па затоа би рекла дека е добро да се почне постепено уште додека детенцето е многу малечко и како расте да се навикнувате на тежината.
Јас уште и пред Давид бев активна со планинарење и вежбање, па еве и сега кога тој има скоро 3 години и 15 килограми не ми е тешко да го носам на грб.
Иако многумина мислат дека рамената ме болат, тежината на ранецот ја носите всушност со нозете. Појасот што се прицврстува на половината е носачот на целата тежина.
Синчето, освен на Водно, го имам однесено и до планинарскиот дом ’Љуботен‘ на традиционалното искачување по повод ослободувањето на Скопје – 13 Ноември.
Минатата година имаше само една годинка, а оваа година му беше вторпат и си доби благодарница за најмлад учесник од планинарскиот клуб ’I love hiking‘.
Водно е најубавото бегство посебно кога во Скопје е многу загадено зимскиот период. Не ви е потребна некоја посебна опрема освен високи планинарски кондури, облекување во слоеви и облека за пресоблекување.