Елена од Валандово изработува букети со мирисливи свеќи: „И од помалите градови може да се работи и да се заработува солидно“
- Детали
- недела, 15 декември 2024
„Првите свеќи ги изработив во мали теглички од бебешки кашички кои ги декорирав. За три дена сè што имав направено се продаде. Тоа ми даде мотив да размислувам за повеќе“ – вели во интервју за CRNOBELO.com, Елена Гошевска од Валандово која изработува мирисливи свеќи и букети од свеќи.
Елена Гошевска од Валандово е дипломиран менаџер по бизнис администрација и е вработена во СОУ „Гоце Делчев“ – Валандово како професор по економски предмети.
Паралелно покрај својата професија се занимава со изработка на декоративни и мирисливи свеќи. Таа на социјалните мрежи е препознатлива по цветните букети од свеќи.
Со Елена поразговаравме повеќе за тоа како успеала ова свое хоби да го претвори во мал бизнис, но и за тоа како изгледа да се работи во мал град како Валандово.
Дали тоа што живее подалеку од главниот град ѝ е пречка, или пак, воопшто не е важно каде живеете сè додека имате добар и уникатен производ, што лесно ги освојува потрошувачите?
Во продолжение прочитајте како Елена го започнала својот мал бизнис, како стекнала знаење за него, но и што е она што Македонците најчесто го бараат од нејзините производи.
Следува целото интервју со Елена:
Од каде идејата да почнете да изработувате свеќи? Како започнавте да се занимавате со ова хоби?
Сè започна многу спонтано и приказната за тоа е доста интересна.
Долго време сакав да работам нешто покрај мојата професија.
Ова хоби за мене беше како љубов на прв поглед.
Пред да се решам да почнам, многу истражував, гледав видеа, читав за целата постапка за изработка на свеќи, предности – недостатоци, материјали за работа и сл.
Ќе звучи интересно дека кога почнав, со себе ја имав само големата желба за успех, восокот и својата фантазија.
Верувале или не, првите свеќи ги изработив во мали теглички од бебешки кашички кои ги декорирав.
Изработките изгледаа толку уникатно и посебно, па кај мене се роди желба да ги покажам на моите блиски, колегите од работа, пријателите и верувајте за три дена сè што имав направено се продаде. Тоа ми даде мотив да размислувам за повеќе и да продолжам понатаму.
Од каде научивте како се изработуваат свеќи? Има ли курсеви кај нас за овој занает или сами ги совладавте вештините?
Денес, во ова дигитално време, интернетот ни нуди многу можности. Сè што научив за изработка на свеќи беше преку интернет содржини и видеа, читајќи текстови и со многу истражување.
Колку што сум запознаена, има организации во поголемите градови кои нудат различни видови курсеви за млади лица, па дури и за изработка на свеќи, но јас вештините и техниките околу нивна изработка ги совладував сама.
Се сеќавате ли на првата свеќа што ја изработивте, каква беше, со каков мирис?
Секако дека се сеќавам. Првата свеќа што ја направив беше во тегличка, направена во млечнобела боја и со мирис на лаванда.
Колку време ви е потребно за изработка на една свеќа и букет од свеќи?
Времето за изработка за една свеќа зависи од повеќе фактори и тоа: големината на свеќата, нејзината тежина, нијансата на боја која треба да се добие и сл.
Приближно половина час.
Од друга страна, пак, што се однесува за букетите од свеќи времето за изработка најмногу зависи од желбите и барањата на клиентите.
Лесно ли се наоѓаат материјали во Македонија за изработка на свеќи?
Со оглед на тоа што веќе извесен период го работам ова, можам да кажам дека материјали за изработка на свеќи може да се најдат во Македонија, но доколку сакаме повеќе од тоа и да примениме нешто ново што кај нас го нема, потребно е да побараме и во странство.
Во суштина мојата филозофија за ова е: „од една свеќа да направите уметност, не се доволни само материјалите, потребно е многу љубов, идеи, голема креативност и посветеност“.