Елена од Валандово изработува букети со мирисливи свеќи: „И од помалите градови може да се работи и да се заработува солидно“
Дали сметате дека тоа што живеете во Валандово е предност или пречка за вашиот бизнис? Може ли да се заработува солидно со ваков бизнис и дали е потешко да стигнете до потрошувачите кога живеете во помалите градови во Македонија?
Ако ги ставиме работите на кантар да измериме предности и недостатоци за тоа што Валандово е мал град, ќе кажам граници не постојат, границите сами си ги поставуваме.
Напротив и малите места како Валандово нудат многу предности и можности за луѓе кои се креативни и сакат да работат.
Во контекст на тоа, мотивирана и инспирирана да направам свеќа која ќе биде автентична и ќе асоцира на Валандово – изработив свеќа во форма на калинка, зошто Валандово е градот на калинките.
Кога станува збор за тоа дали може солидно да се заработува би кажала, да, може, а, пак, што се однесува за тоа дали е потешко да се стигне до потрошувачите, ќе кажам дека интернетот и социјалните мрежи ни нудат можности да сме лесно достапни насекаде, па затоа јас не гледам никакви пречки за развој, напредок и комуникација со потрошувачите.
Од каде наоѓате инспирација за формите за свеќи и кои ви се најбарани?
Инспирацијата за формите, боите, па и мирисите на свеќи најчесто ја црпам од годишните времиња, односно сезоната во којашто сме.
Најбарани свеќи преку целата сезона генерално се цветовите (во секакви бои и форми, мали – големи).
Букетот од свеќи е најактуелен и најбаран за изработка, бидејќи одговара за секакви пригоди.
Што е со мирисите? Кои мириси се најчесто најбарани?
Ова прашање е доста интересно и дискутабилно.
Кога станува збор за мирис, изборот зависи најмногу од вкусот на клиентите и важно е да напоменам дека пак сезоната во којашто сме има доста влијание.
Пролетта и летото најмногу се бара мирис на лаванда, љубовни ноти, шумско овошје и сл.
Додека есента и зимата се резервирани за мирис на цимет и јаболко.
Кои се најчудните форми на свеќи што ги побарале од вас? Сте успеале ли да ги изработите?
Да бидам искрена до сега повеќето од клиентите со кои сум соработувала избираат боја и мирис на свеќата, а останатото го препуштаат на мојата креативност, впрочем довербата и односот така најдобро се градат.
Каква форма на свеќа би направиле само за ваша душа и со каков мирис? Зошто?
Моментално пред нас доаѓа сезоната на Новогодишните и Божиќните празници, па како личност која многу се радува на овој период од годината за себе уште сега имам изработено многу свеќи со новогодишни и божиќни мотиви.
Кога би бирала мирис тоа би бил незаменливиот мирис на цимет и јаболко.
©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.
Б. С. Б. | Црнобело