Урбан лик: Бојан Ковачевски е вљубеник во мотоцикли, тетоважи и маж со специфичен моден стил
- Детали
- вторник, 03 декември 2024
„Јас сум ‘хард кор’ фан на Ducati – мотоцикл за секој ден. Од дедо ми добив подарок Harley-Davidson WLC од 1941 година, мотоцикл што самиот тој го возел и е и највредниот мотоцикл што го поседувам“, вели Бојан Ковачевски (40) од Куманово за CRNOBELO.com.
Бојан Ковачевски (40) од Куманово речиси 10 години работи како „senior account executive“ во компанија за финансирање на транспортни бизниси во САД.
Негова пасија и најголема љубов се мотоциклите.
За CRNOBELO.com говори за својот животен стил:
Каков животен стил водиш и кое ти е омилено хоби?
Привилегиран сум што поради природата на мојата работа никогаш не мора да се будам со аларм. Уживам во утринското кафе кое некогаш трае и по повеќе од еден час, којшто преферирам да го поминам во апсолутен мир и тишина.
Првата половина од денот го поминувам дома, а работниот ден ми почнува во 15 часот и трае до доцна навечер.
Викендите ги користам исклучиво за најблиските и за мојата пасија кон мотоцикли во пролет, лето и есен, а преку зима слободното време го поминувам на стрелиште.
Кој ти е омилен мотоцикл?
Првиот мотоцикл го имав на 14 години, сè уште го чувам и ќе го чувам додека сум жив. Истиот е во перфектна состојба и иако не го возам, редовно го одржувам.
Не поседувам патнички мотоцикл, па поради тоа моите излети се лимитирани на дестинации низ Балканот.
За мене уживањето не е во должината на патот, туку во честите возења, па макар биле од 20-30 километри.
Претпочитам европски брендови на мотоцикли и секогаш изборот ми е од таа палета.
Јас сум „хард кор“ фан на Ducati – мотоцикл за секој ден и за скоро секоја моја потреба.
Покрај возењето мотоцикли, уживам и во дизајнирањето на истите, па поради тоа имав и проект мотоцикл – BMW К100 од 1986 година – којшто го направив целосно „custom“ и сега во него ужива еден мој другар.
Од дедо ми добив подарок Harley-Davidson WLC од 1941 година, мотоцикл што самиот тој го возел. Тој воедно е и највредниот мотоцикл што го поседувам и кој не го ни сметам за превозно средство туку за уметнички, музејски експонат.
Каков е твојот моден стил и кои се твоите модни правила?
Да ме прашаше некој пред 5 години ќе кажев никогаш спортски патики, никогаш светли бои, но стилот еволуира кај секого.
Денес, преферирам комоција, квалитет и колку што е можно повеќе уникатност.
Моето главно модно правило е дека не треба да бидеме подвижни реклами на брендовите кои ги купуваме, лично, иако купувам брендирана гардероба никогаш не избирам парчиња со натписи на самиот бренд.