Урбан лик: Бојан Ковачевски е вљубеник во мотоцикли, тетоважи и маж со специфичен моден стил
Омилени модни детали…
Главен моден детаљ за мене секогаш ќе бидат очилата за сонце и морам да признаам дека имам доста голема колекција.
Кога се работи за вид никогаш не би експериментирал, па затоа се држам до квалитетни брендови за очила.
Колку тетоважи имаш и кое им е значењето?
Досега имам 5 тетоважи. Веќе е направена листа за надополнување на празните места така што бројката сигурно ќе се зголеми.
Секоја тетоважа за мене има значење и раскажува приказни и етапи од мојот живот.
Само една е посветена на неубави спомени од време поминато во Авганистан.
Колку често излегуваш? Каков беше ноќниот живот некогаш, каков денес, односно по што си најносталгичен?
Во последно време многу ретко излегувам и почесто уживам во домот. Баш поради тоа што ноќниот живот во минатото беше многу подобар.
Порано, имавме избор на вистински локали и клубови кои нудеа квалитетна музика и забава.
Денес, излегувањето е како на модна писта и имам чувство дека луѓето најмалку излегуваат за себе и за да си поминат убаво.
Ми недостига музика по локали од едно поминато време која сега е заменета со сосема друг за мене непознат правец, кој не се ни трудам да го разберам.
Најголеми достигнувања и животно мото?
Започнав да работам од свои 20 години и првото мое вработување беше во земја којашто важеше за светско воено жариште, и тоа траеше со години.
Тоа ме дефинираше и како човек и како личност со тоа што ме научи многу рано сам да се справувам со предизвиците.
Ме научи на дисциплина, а и да бидам иновативен во решавање на животните проблеми, па можам да кажам дека моето животно мото е: „Necessity is mother of invention“ (Неопходноста е мајка на иновацијата).
Секоја наша цел, мала или голема, нè тера и мотивира да се трудиме и вредно да работиме за да ја постигнеме.