Миријам од Мексико живее во Македонија: „Во Маврово првпат видов снег, многу луѓе знаат шпански поради теленовелите“
Колку долго живееш овде и зошто со сопругот ја избравте Македонија? Дали можеби живеете и во Мексико некој период?
Тука сум од август 2020-та и, како што спомнав, требаше да бидам овде само за одмор.
Но, со Марјан сакавме да бидеме заедно…
За време на пандемијата, животот на вработените на крузер многу се промени, се заработуваше помалку, а и беше опасно да се вратиме на брод бидејќи вирусот уште беше присутен.
Марјан веќе осум години работеше на брод, а јас скоро пет, па одлучивме дека е време да престанеме да му се враќаме на тој живот.
Одлично ни беше кога патувавме, заработувавме добро.
Искрено, тоа е удобен живот бидејќи е како фантазија – „надворешниот“ живот минува многу брзо.
Но, проблематично е што си одевме дома на неколку месеци, трошевме пари, па пак се враќавме на брод, одново и одново.
Но, веќе старееме, па сакавме да имаме семејство и нормален живот.
Македонија, всушност, никогаш не ни беше во план, никогаш не сме зборувале за тоа.
Но, кога го почнавме семејниот живот овде, во Скопје, бев среќна што сум тука. Мислам дека Македонија е убава земја за живот.
Отидовме во Мексико на одмор минатиот декември.
Сопругот ги знаеше само туристичките места, како Козумел, Плаја дел Кармен, Кабо Сан Лукас, но сега знае многу за Мексико.
Бевме и во Пуебла, мојот роден град.
Се венчавате во Македонија – дали следевте некои македонски и мексикански традиции?
Се венчавме во Скопје.
Ги следевме сите македонски традиции – дури и направив крштевка во црква пред свадбата за да ја прифатам православната религија. Во Мексико бев католик.
Мислам дека нема некои големи разлики меѓу двете, слични се.
Од мексиканските традиции вклучивме само латино музика, а на крајот од свадбата имав краток танц со брат ми што им беше забавен на сите.
Не го планиравме, но одлучивме да танцуваме… Многу луѓе коментираа дека танцот беше врв на вечерта.
Како ти се допаѓаат луѓето во Македонија? Дали се љубопитни за твоето потекло? Кои се разликите меѓу Македонците и Мексиканците?
Ги сакам Македонците.
Сите се многу гостопримливи, особено кога ќе им кажам дека сум од Мексико.
Многу ги гледале теленовелите, па многу зборуваат шпански јазик. Македонците знаат теленовели за кои јас не сум ни слушнала.
Сите секогаш ми покажуваат многу почит и често ме прашуваат дали готвам мексиканска храна.
И, секако, ме прашуваат каде е поубаво - овде ли во Мексико.
Јас секогаш им велам дека Македонија е убава за живот, ми се допаѓа што сè е блиску, го возам велосипедот низ градот, одам на работа со велосипед, се чувствувам безбедно насекаде, во кое било време, а тоа не можам да го кажам за Мексико.
Мексико е огромна земја! Секако, убава е, имаме прекрасни места, но исто така има многу повеќе народ, треба повеќе време да се стигне некаде, а некои места не се многу безбедни.
Имам група пријатели од Латинска Америка од кои повеќето се во брак со Македонци, и сите се согласуваме дека Македонија е многу безбедна и мирна земја.
Секако, ми недостасуваат храната, музиката, мексиканските забави, семејството и пријателите…
Кога моето семејство дојде за свадбата, сите рекоа дека сме многу слични, дека Македонците се пријателски настроен и одлични домаќини.
Дали ти се допаѓа храната овде? Кое ти е омилено јадење и пијалак? Колку се разликува од мексиканската храна?
Да, ја сакам храната.
Омилениот пијалак ми е во зависност од друштвото – со семејството сакам да пијам ракија со салата, а потоа вино или пиво.
За летните денови Скопско, а за зимските – вино.
Нашата храна во Мексико е заснована на тортилја и грав, а овде скоро сè е печено што беше новост за мене.
Ми недостасува да јадам манго, кокос, папаја, ананас …
Во Мексико повеќето семејства ја користат рерната како место за чување тави (хаха).
Ретко кога печеме нешто, храната ни е повеќе пржена или варена.
Овде, во Македонија, најдов многу вкусни лути пиперки и моето семејство однесе семе во Мексико, па сега сите уживаат во нив.