Штипјанките Патриција и Андреа (21) за CRNOBELO: „Дечковците порано нè мешаа зашто сме идентични близначки“
Сте имале ли некогаш непријатна ситуација (и ако да - како се справувате)?
Сме имале убави и незаборавни моменти, но и моменти од кои сме научиле нешто.
Секогаш од сè гледаме да изведеме поука - лекција за „подобро утре“.
Од друга страна, нашата реакција на непријатните искуства никогаш не била драматична.
Секогаш сме сталожени и смирени, бидејќи според нас вистински пад е само кога ќе се откажеш, а за нас реакцијата е секогаш поважна од самата акција.
Изгледате прекрасно - дали е во прашање генетика, или сепак, имате и мали корекции?
Благодариме, ни значи!
Отсекогаш сме посветувале внимание како на менталното, така и на интелектуалното усовршување, но и на естетското, посебно откако почнавме да се занимаваме со работа која често нè става во центарот на вниманието.
Посветуваме доста внимание и време на хидратација и витаминизација на нашите лица и тела.
За многумина делуваме екстремно кога станува збор за нашите лица, но ние, всушност се радуваме.
Кога станува збор за вложување во кој било аспект кај нас, ние не работиме со лимити, но, сè е во граница која не пречи на здравјето.
Како го одржувате телото? Дали вежбата, имате ли посебна исхрана и што избегнувате, а што преферирате во однос на храната?
За физичкиот изглед се трудиме да се грижиме со тоа што активно посетуваме теретана кога сме во нашиот дом.
Кога имаме патувања повеќе сме фокусирани на консумацијата, количината и типот на храната, ако веќе не сме во можност да вежбаме.
Но пред сè, преферираме здрава исхрана за здрави позитивни мисли.
Брзата храна не делува добро ни врз здравјето ни врз расположението.
Клучот лежи во конзистенцијата, не во интензитетот.
Која од двете е постара? Која е подоминантна сестра, а која попушта повеќе?
Патриција е постара за една минута од Андреа.
Во однос на доминантноста, по природа и двете сме доминантни и бунтовнички настроени.
Секогаш трагаме по нови идеи и борби, по нови предизвици и оптимистички настроени.
Дали се карате (и за што најчесто)? Колку ви било најдолго да не разговарате една со друга?
Работејќи заедно сме имале и несогласувања и недоразбирања, но најмногу во студио.
Овие недоразбирања, верувале или не, потекнуваат од преголемата и физичка и карактерна сличност.
Но, сите овие несогласувања брзо завршуваат со компромис.
Ние сме сестри, најблиски другарки, но и партнерки, основачи на успешни интернационални проекти кои бараат високо нивно на професионалност, како од нашите соработници, така и од нас две.
Каков ви е стилот на облекување за на сцената, а како се облекувате приватно?
На сцената сме секогаш во поалтернативен стил, отколку кога сме дома.
Работиме со стилисти и дизајнери кога станува збор за настапи, често си играме со контра бои на исти дизајни.
Во суштина, немаме правила, ниту некој кодекс на облекување.
Често сме водени од инспирацијата и моменталниот мотив.
Но, сите блиски ни имаат ставено „печат“ дека сме најголеми даркерки!
Три работи без кои никогаш не излегувате од дома?
Патриција без Андреа, Андреа без Патриција и слушалките без нас двете! Се шегуваме.
Трите работи дефинитивно би биле: насмевка, добро расположение и нашите Gianni Geor очила.
Дали како деца (па и сега) сте си ги заменувале местата или луѓето ве препознаваат лесно?
Апсолутно. Би било криминал да имаш идентична близначка, а да не го „злоупотребиш“ тоа во одредени моменти, особено на училиште.
Често се имаме “зезано“ и со блиските, па кога ќе нè препознаеле, останувале вчудовидени и почнувале да се смеат.
Се случувало и дечковците, кога сме биле на почеток на некоја врска, во онаа фаза на запознавање, да ѝ пријдат на погрешната близачка, а потоа да се изнасмееме за грешката.
Денес помалку личиме една на друга и луѓето полесно нè разликуват, но како деца бевме индиго.
Имате ли понуди за работа како модели (или сте сликале нешто за некој бренд)?
Ние примарно почнавме со сликање во нашиот роден град, па потоа како посериозен проект беше снимањето спот во Битола, за Тајзи, за песната „Сувенир“.
Последни сликања ни беа во центарот на модата, Милано, каде сликавме за Dianna Dieppa Couture, Anton Giulio Grande, Diesel.
Фотографирањето е неразделив дел како од нас, но и од нашата музичка кариера.
Денес фотографираме за дизајнери, модни куќи, магазини, музички куќи и за нашиот бренд Gianni Geor.
Кој е идниот предизвик за The Geors?
Идниот предизвик секогаш го смислуваме на дневна база.
Никогаш немаме очекувања, секогаш имаме дневни планови на дејствување и инвестирање како во проектот The Geors, така и во брендот Gianni Geor.
Самите идеи на дејствувања си носат свои предизвици со кои се соочуваме секојдневно, и на кои им се радуваме.
Светот на музиката е брз, секогаш со „неочекувани“ предизвици и можности.
Тоа всушност ни го дава комфорот дека проектот расте и оди во нагорна линија.
©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.
А. Ј. | Црнобело