Александра Јорева Михајловски за ракот на матка: „Сопругот ми беше поддршка, синот сам на интернет дознал за дијагнозата“
Правиш редовни контроли на 6 месеци, дали по секоја од овие контроли повеќе го цениш животот? Која животна лекција ја научи од оваа тешка ситуација?
Да, правам редовни контроли по протокол изработен од онколог, некогаш и самоиницијативно знам да си направам контрола пред време.
Животот мислам дека сите го цениме секако и без канцер состојби. Но, се учиме да се цениме себеси повеќе и да се сакаме повеќе, веројатно звучи себично, но не е.
Со ваков став е поубаво за сите, едноставно ги менуваме приоритетите во животот.
Учиме да си го слушаме телото, научив што е мир и спокој и како да си ги најдам во секојдневниот животен хаос, научив дека има случајни минувачи во животот и тоа е здрава селекција, научив дека молитвата е таа која нè чисти од сите лоши вибрации, научив дека треба едноставно да бидам јас.
Стана ли посилна жена?
Уфф ова прашање веројатно треба да го одговори некој друг за мене. Животот не ме галел, така што да, силата мислам дека е моја одлика, за секоја една животна лекција или ситуација.
Станав посмирена и веројатно уште посилна.
Живееш ли во грч? Или стави точка на оваа немила епизода?
Живеам во здрав дух, живеам тотално сменета и никогаш нема да бидам старата јас, сега живеам нов живот, со нови навики и приоритети.
Точка мислам дека не може никој да стави затоа што грчот е секогаш присутен поготово за време на контроли и чекање резултати.
Примаш ли терапија?
Терапија не примам, примам многу суплементи, витамини и минерали.
Единствена терапија којашто ја примам е терапијата од центарот за ревитализација.
Што би им порачала на другите што се соочуваат со дијагноза од сличен тип?
Канцерогена дијагноза од сличен или различен тип е канцер секако.
Читајте, едуцирајте се, разговарајте со сите блиски, немојте да собирате горчина во себе и уште помалку да си поставувате прашања: „Зошто баш јас? Зошто на мене? Што згрешив?“
Нема да најдете одговор, а позадината на неодговорените прашања ќе ве мачи. Имајте чиста мисла, јасен пат и уште појасна цел.
Сè ќе биде како што сакате вие со молитва и чиста мисла.
Зошто е важно жените со дијагноза рак на матка или гради да комуницираат меѓу себе? Имаш ли нови пријателства од овој период? Колку се клучни?
Комуникацијата е важна заради меѓусебната поддршка, многу ни е полесно кога знаеме дека имаме со кого да направиме муабет и да нè разбере, знаејќи точно за што станува збор, затоа што го поминал/а истото.
Многу е убаво кога некој ќе се израдува на чисти резултати, тоа e чудна енергија што си ја даваме меѓусебно.
Пријателства нови немам, но комуникации да. Многу често знаат да ми пишат на Фејсбук или на Инстаграм, па да размениме контакт и да се слушаме во период додека на некој му треба поддршка или совет.
Секогаш сум тука за секој еден што ме побарал во врска со дијагноза знаен или незнаен.
Знаете како - тоа е само разговор кој кај другиот буди сигурност, така што дајте да се сакаме и да бидеме уште подобра верзија од себе, можеби така и државава ќе ја направиме поубаво место за сите, да ја градиме емпатијата, емоционалната интелигенција и љубовта.
Да се биде онколошки пациент значи…
Да се биде онколошки пациент значи да се соочуваш со комплексен процес на лекување и адаптација на животниот стил. Тоа вклучува физички и емоционални предизвици, како што се третмани, несигурност, страв од непознатото и потреба за поддршка.
Понекогаш, тоа значи и барање нова смисла во животот, одржување на надежта и создавање потреба за поддршка од семејството и пријателите.
Сето ова може да донесе нови погледи на животот и важноста на секој момент. Сепак, многу луѓе исто така развиваат отпорност и се учат да се справуваат со предизвиците, што може да доведе до нови перспективи за животот.
Не сме свесни колку може нашето тело во комуникација со мозокот да издржи!
Да се сакаме.
Повеќе фотографии од Александра:
©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.
Симона Симионова | Црнобело