Инспиративна жена: Татјана Алексиќ е професорка „жедна за книги“, омажена за својата прва љубов
Колку време се подготвувате наутро?
Војнички брзо и прецизно. Немам простор за утрински ритуали, трчам по автобуси. Не возам автомобил од 2011 година и веќе 13 години мечтаам за достоинствен градски превоз.
Користам обичен сапун за миење лице и едноставна козметика. Во лето се туширам наутро, во зима пред спиење.
Зимурлива сум, немам грам сало да ме грее (175/59 кг.). Не се шминкам за на работа.
Од минатиот септември влегов во Корчагинската библиотека, мојот центар за креативност каде што пијам утрински чај и се „шминкам“ со книгите околу мене.
Омилени модни додатоци...
Чевли и чорапи ми се пасија од дете, најбитни ми се во гардеробата. Модни додатоци само тематски, на некој настан или за реклама.
Сакам бисери. Ме потсетуваат на бабите, мајка ми, стринка ми којашто ги носи и на 90 години.
Прочитајте и Даница е инспиративна дама - на 90 години не излегува без бисери од дома, слуша само класична музика
Трикови за добар јавен настап...
Нема импровизација, мора темелна подготовка, од чевли, преку кармин и секако најважното, „Не е битно што ќе кажеш, туку како ќе го кажеш“.
Сите ние учителите сме инфлуенсери, шириме јавно мислење, секој ден по 45 минути. Имаме добра вежба за пред поширок аудиториум.
Мора да имаш концепт, спремен говор и очен контакт со слушателите.
Харизмата не знае за импровизација. Освен ако не си Зоран Радмиловиќ во Радован Трети. Тајната е повторно во љубовта, да го сакаш тоа што го работиш и да го сработиш темелно.
Кои се вашите тајни за продуктивен ден?
Една од „Малите тајни на големите мајстори на кујната“, а тоа е здрав залак. Темел на здраво семејство е кујната, столбот е секако спалната, каде што се прават деца.
Без добра храна и љубов нема продуктивен ден.
Љубов кон утрото што те разбудило, мирисот на книга или кафе, поздрав од уличното кутре со опаш…
Нема продуктивен ден без волја за живот, каков и да е.
Неодамна ни угина зајчето. Гојко наш, лавја грива со лавовско срце за живот. Го чувавме како детуле, бебуле… Едно деноноќие испушташе душа.
Прв пат видов како душа излегува низ уста, низ муцето што ни даваше радости неполни пет години. Ја видов сета несреќа и тага на светот, сите болни и мртви души… И Гогољ го видов.
Тука е јазолот, соочувањето со смрт и загуба. Затоа, единствената тајна за продуктивен ден е во животот.
Книга и филм кои ги читате/гледате одново и одново…
Ненаситна сум за книги, книжен молец, книгојадач. Ги заборавам, па ги препрочитувам, читам со восхит како прв пат да ми е, подвлекувам реченици, цитирам мисли, ги анимирам во секојдневието. И никогаш доволно начитана.
Штета што немаме подолг животен век за да сме начитани.
Нема подобар психотерапевт од книги, филмови, претстави. Тоа е таа катарза на Аристотел, излегуваш продуховен после секоја филмска или театарска изведба, изџвакана книга.
Излегуваат од мене како мирис од отворено шише парфем. Книгата е најскапоцениот мирис. Нема една, ниту повеќе, ниту за набројување… Има само жед за читање.
И запишување по нешто. Секој допадлив филм би го гледала повеќепати, уживам во мјузикли. Немам недопадлива театарска претстава! Доволни ми се актерите да ги гледам на сцена.
На кои животни успеси сте најгорда?
На својата добронамерност и неконфликтност, услов за мир – најголемиот животен подвиг.
Најдобра животна лекција што ја имате научено и совет кој можеби би си го дале на помладата верзија од себе?
Ништо не е по заслуга. Не се враќа добро со добро и зло со зло, помешани се брзините и критериумите за добро и лошо.
Ако некој не може да ти ја препознае добронамерноста не очајувај. На некое друго место ќе ја препознаат. Смени местоположба.
Човек треба да прави добрини до изнемоштеност, дури има живот во него, и ништо да не очекува за возврат.
Децата треба да се научат да работат, да учат со радост, да студираат со волја. Да научат мирно да спијат без да завидуваат, оти секогаш има и ќе има поуспешни, поубави, поспособни и многу други компаративи од нив.
Синовите на Татјана - лево е Ненад постариот, десно е помладиот Алекса
*Постариот син на Татјана е секретар на Машински факултет, а помалиот работи во ГИМ, правна служба и има уште два испита на Правен факултет).
Најдобрата лекција од родителите…
Чувана со љубов, не знам за друго освен за љубов. Ја препознавам и каде што ја нема, затоа што ја имам во себе.
Човек го кажува она што го чувствува.
Љубовта е невидлива исто како и душата – не се гледаат, но се чувствуваат, било низ болка, било преку радост.
Имав родители коишто никогаш не викнале по мене, ниту ме казниле. Тоа е лекцијата којашто ја научив од нив и ја применувам.
Родителите ме научија да сакам. Затоа и нивните души живеат во мене.
©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.
Симона Симионова | Црнобело