Инспиративна жена: Татјана Алексиќ е професорка „жедна за книги“, омажена за својата прва љубов
Тајната да се биде успешна и сакана професорка според вас е…
Нема тајни, денес сè е транспарентно, освен криминалот, тој е добро маскиран.
„Тајната за успехот“ е туѓа тајна, некој друг треба да ја види и обзнани. Ете, штом јавно ме прашувате, значи во нешто го препознавате мојот успех. Јас во ништо мое не гледам посебен успех, освен во толерантноста.
Јас сум од оние „лицемерните“ коишто внимаваат што и како ќе кажат нешто, за да не навредат некого.
Сè и сешто може да ми падне на ум, но нема да го исфрлам на друм за да не предизвикам метеж. „Без влакно на јазик не значи искреност“, а искреноста и тоа како може да убие некого, ако не се балансира со зборовите.
Успех е да не си конфликтен, кавгаџија и злопамтило. Успех е да знаеш да сакаш. Успех е да се радуваш што си се разбудил жив и чекаш ред за купатило, слушајќи ја водата од казанчето.
Успех е никогаш да не викнеш или навредиш ученик, колку сака нека те провоцира. Со добрина да разоружаш.
Кои се вашите навики за убавина?
Не пушам. Не пијам. Немам пороци. Не варирам во телесна тежина.
Физички активна. Пешачам. Многу работам. Уживам во работата.
На козметичар од 8 одделение. Умерена шминка. Умерени естетски експерименти. Не легнувам да спијам со шминка. Полна со љубов.
Најдобрата навика за убавина е по навика да си вљубен во животот.
Убавината отежнува или олеснува кога станува збор за животот?
Не сум толку убава за да ми го олесни или отежни животот. Просекот полесно поминува во обичното секојдневие.
Вонвременската убавина е вид на генијалност, трае и кога физички ја снемува.
Не знам генијалец на кого лесно му било со генијалноста. Освен Новак Ѓоковиќ.
Јас растев со својата просечност, повеќе како „дечко“, отколку како убавица. Бев права Олива на Попај. Се омажив за првиот дечко и заличив на женско суштество, после втората бременост.
Не знам дал ќе бев поубава да родев уште едно дете, но ќе бев уште посреќна. Многу сакам деца и животни.
Никогаш не сум добивала работа заради убавината, туку поради трудољубивоста.
Една жена, врвен менаџер и вљубеник во женската мода каква што е Елена Лука, во мене препозна труд и креативност. Така и започнавме со соработка.
Да не се лажеме, на овие години не се станува професионален манекен. Има многу поубави, помлади и покомпетентни за пливање во манекенските води, но ете мене ми импонира соработката со еден моден, македонски бренд и гуру на тимот ЕЛ, Елена Пандова.
Секако дека е убаво да си убав. Убавото лице е благодат, убавото и здраво тело грациозно се движи. Но, убавата душа и во староста убавее.