Анжелика од Скопје за ракот на дојката: „Се изнаплакав кога ми кажаа, а потоа ги извадив двете гради, решена да го победам“
- Детали
- вторник, 22 октомври 2024
„Сама бев појдена на контрола и, искрено, не се сеќавам како стигнав до дома. Се освестив кога си ги видов децата на врата. Е, тука потклекнав, ги гушнав и заплакав. Откако си заминаа, се затворив во купатилото да се извикам и исплачам“ - сликарката Анжелика Колева за CRNOBELO.com раскажа за својата борба со ракот на дојката.
Анжелика Колева (52) од Скопје е наша сликарка, која пред неколку години ги извади двете гради, откако ѝ беше дијагностициран рак на дојката.
Фактот дека има рак ја дочекал неспремна, иако со години имала цисти во градите и одела на редовни ехо-контроли на секои 6 месеци, а правела и мамографија на 2 години.
По првиот шок, кога вели, едвај дошла дома, таа решила да се исплаче, а потоа по позитивен став да ја победи болеста од која претходно ѝ починале две другарки.
Денес, Анжелика ужива во животот, но освен за себе, се бори и им е поддршка на жените кои поминуваат низ истиот страв низ кој поминала и таа поради болеста.
Во интервју за CRNOBELO.com. оваа храбра жена раскажува за првиот момент кога се соочила со најстрашната дијагноза и патот што го изодела за да дојде до ова што е денес - здрава и среќна жена, опкружена со љубовта на семејството.
Прочитајте го целиот разговор:
Пред колку време ти беше дијагностициран рак на дојката... Дали се случи тоа на редовна контрола или самата почувствува нешто со напипување на градите?
Пред три и пол години ми беше дијагностициран рак на дојката. Со оглед на тоа дека имав цисти во дојките, правев редовни контроли - на 6 месеци ехо и на две години мамографија.
Но, почувствував јака болка во десната града подигајќи ја раката да земам кутија од полицата на работа.
Помислив дека е од цистата од која требаше да се вади течност, како кога ќе се воспали, и го правев тоа кога ќе имаше потреба.
Веднаш ѝ се јавив на докторката, која веќе за следното утро ми закажа преглед.
Која беше првата дијагноза и препорака на лекарот?
Со оглед дека короната тогаш земаше замав, решивме прво да се направи мамографија.
Прво ми ја сними десната града и имаше што да се види. Гостинот се сместил под цистата и логично беше што не можев да го напипам.
На самиот преглед ја испразнивме цистата и земавме биопсија. Тоа беше ден четврток.
Сама бев појдена на контрола и, искрено, не знам како стигнав до дома, не се ни сеќавам.
Се освестив кога си ги видов децата на врата и сфатив што се случува. Претходно на телефон им кажав дека нешто не е во ред.
Е, тука потклекнав, ги гушнав и заплакав.
Откако си заминаа (бидејќи не живееја со нас), се затворив во купатилото да се извикам и исплачам.
Сопругот се исплаши да не си наштетам на самата себе, па притрча.
Му реков: „Остави ме да се извикам и нема да го честам гостинов веќе со моите солзи. Ќе го решам по брза постапка“.
И така беше. Се соземав и продолжив да функционирам по дома.
Во саботата ми се јави докторката да ми каже дека е малиген тумор и дека треба да се видам со доктор од торакална хирургија ќе ме оперира.
Веќе во понеделникот бев таму.
Дали беше неопходно да се извадат двете гради?
Хирургот ги виде резултатите и потврди дека ќе треба да се отстрани целата десна дојка.
Ми реков: „Вади ги двете, знам дека нема потреба за другата, но сакам да ги отстраниш и двете“.
Го испочитува моето барање и веќе следниот ден, во петокот ме оперираше.
За една седмица откако дознав дека е тука, го „решив“ гостинот - рак.
Се сеќаваш ли на првиот момент кога си го виде телото во огледало по операцијата, без завои? Каква беше твојата реакција?
Во моментот на вадење завои воопшто не се исплашив од тоа што го видов во огледалото. Не е сеедно да ти ја снема женственоста, но психолошки бев и сум многу силна да го „соџвакам“ тоа.
Ми се промени телото, но тоа сум јас. И се сакам таква каква што сум.
Не ми требаше време за прифаќање. Отприлика знаев што ме чека со оглед дека изгубив две другарки во оваа борба. Бев и сум насочена да останам жива.
Свесна од прв момент дека ова ќе биде секојдневна борба додека дишам.
Дека е лесно - воопшто не е, да не се лажеме, имам болки секој ден во коски, во вилицата, главата...
Но од сè ова најважен е психолошкиот момент, да научиш како да се носиш со ова и да стоиш цврсто на земјата за нормално да функционираш.