Финн, Германец кој живее во Скопје: „Евтин авионски лет ме доведе во Македонија - се заљубив во земјата и се преселив тука“
Колку често одиш дома? Дали некој член од твоето семејство ја посетил Македонија?
Обично одам два-три пати годишно дома по неколку дена.
Половина од моето семејство живее во Фрајбург, а другата половина во Хамбург, така што понекогаш сум таму, а понекогаш таму.
Моето семејство веќе неколкупати ме посети и навистина се заљуби во Македонија. Обично тие почесто доаѓаат овде на кратки патувања, отколку што јас се враќам во Германија.
Затоа, би рекол дека и на нив им ја пренесов љубовта кон Македонија.
Татко ми работи како доктор во своја ординација во близина на Базел и неодамна го посетиле неколку Македонци кои имале здравствени проблеми.
Кога им кажал дека неговиот син се преселил во Македонија, сите биле воодушевени и го поканиле кај нивните семејства во Македонија доколку оди во Македонија, плус ја препорачале неговата лекарска ординација и на други македонски иселеници, што дефинитивно е еден од моите омилени моменти.
Ова навистина покажува колку се неверојатни Македонците.
Колку ти е тешко да го учиш македонскиот јазик?
На почетокот беше доста тешко поради кирилицата, но од почетокот на годината имам неверојатна учителка од Битола и таа ме учи на сè и имам часови 2-3 пати неделно.
Скоро сè научив од неа, па дури добив и возачка дозвола овде со сите тестови на македонски јазик.
И сега, колку сум подобар, толку е полесно да разговарам со луѓето и да ги подобрам моите јазични вештини.
Ми се допаѓа колку многу Македонците се радуваат кога ќе видат некој како се обидува да зборува на нивниот јазик. Тука никој не те осудува за грешки и буквално секој е подготвен да помогне, што ми олеснува навистина.
Бурек, ајвар или ракија... Што најмногу ти се допаѓа од македонската кујна?
За мене сè е буквално прекрасно! Прво сакам да јадам шопска салата и другите предјадења, потоа месо и леб со ајвар и сите други прилози.
Значи омилени ми се шопска, ајвар и сите видови на месо.
Колку долго планираш да останеш овде?
Се разбира, не можам да гарантирам што ќе се случи во иднина, но би сакал да живеам во Македонија до крајот на мојот живот.
Ја сакам земјата, јазикот и луѓето и тука се чувствувам како дома, па не сакам да живеам на друго место.
Мојот сон е еден ден да изградам куќа овде и да си основам семејство.
©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.
Симона Симионова | Црнобело