Финн, Германец кој живее во Скопје: „Евтин авионски лет ме доведе во Македонија - се заљубив во земјата и се преселив тука“
Што работиш поточно? Колку се пониски трошоците за живот во Македонија од Германија?
Работам маркетинг на социјални медиуми од далечина за една американска компанија - така што поминувам многу време со социјалните медиуми дневно и би рекол дека тоа е моја страст.
Кога станува збор за трошоците за живот, сметам дека навистина зависат од начинот на живеење.
И во Македонија, како и во Германија, ако имате пари тогаш можете да потрошите многу на ресторани, хотели, патувања, кирија и слично, но секако општо цените овде се пониски од германскиот стандард, но и платите овде се пониски.
Генерално трошам помалку овде отколку во Германија, особено за кирија, струја, вода и ресторани. Германија стана многу скапа од тие аспекти, а сите Македонци што можеби се преселиле од овде во Германија или останале таму некое време ќе знаат на што мислам.
Едно кафе во Германија е околу 5 евра, додека во Македонија е 1-2 евра. Особено традиционалната македонска храна во кафеана е дефинитивно поевтина од германските ресторани, додека квалитетот на храната често е подобар.
Колку Македонците се разликуваат од Германците на поле пријателство и кариера?
Би рекол дека Македонците се потопли и поотворени од Германците.
Германците навистина не се дружат премногу, додека македонските кафулиња се често полни и сите се познаваат помалку или повеќе со секого. Земјата е мала и сите се поврзани и се поддржуваат, што според мене е многу убава работа.
Во Германија на странците навистина нема да им помогнат како што мене ми помагаат луѓето овде.
Зборувајќи за работата, мислам дека Македонците ги сфаќаат работите малку полежерно и поопуштено.
Во Германија фокусот на работата е многу висок и сите се повеќе или помалку фокусирани на својата работа. Кога ќе запознаете некого, првото нешто што го прашувате е што работи.
Овде во Македонија луѓето не се стресуваат премногу за работата или не се дефинираат себеси според тоа што работат, а тоа според мене е поздрав пристап.
Кои навики на Македонците ти се најинтересни?
Навистина ги сакам традициите поврзани со Велигден и Божиќ, особено специфичната храна.
Годинава го прославив мојот прв православен Велигден во црква во центарот на Скопје со традиција на кршење на велигденски јајца и интересно ми беше тоа што важи дека чие јајце нема да пукне тој човек ќе има среќа во следната година.
Бев на една македонска свадба досега, а наскоро ќе одам на втората и многу сум возбуден.
Сè уште треба да ги разберам сите традиции на денот на свадбата подобро, но едноставно беше навистина убаво тоа што го доживеав.
Омилено место во Македонија...
Ова ми е доста тешко прашање бидејќи има толку многу места што ги сакам овде, но ако треба да одлучам ќе кажам Охридското Езеро.
Сум бил на толку многу места во светот и ова е едно од најубавите места што сум ги видел, навистина е магично.
Ако треба да се одлучам за место во близина на Скопје, би рекол езерото Козјак.