Финн, Германец кој живее во Скопје: „Евтин авионски лет ме доведе во Македонија - се заљубив во земјата и се преселив тука“
- Детали
- среда, 11 септември 2024
„Татко ми работи како доктор во ординација во близина на Базел и го посетиле неколку Македонци. Кога им кажал дека син му се преселил во Македонија, биле воодушевени и го поканиле кај нивните семејства во Македонија, плус ја препорачале неговата ординација на други македонски иселеници, ете затоа ги обожавам Македонците!“, вели Финн Ваттчов (23), на кој Македонија му стана дом и кој за CRNOBELO.com вели дека сака да живее тука до крајот на животот.
Финн Ваттчов (23) е менаџер за маркетинг на социјалните медиуми, роден во Фрајбург на Брајсгау (Freiburg im Breisgau) во Германија, а на кој Македонија му е дом веќе две години.
За нашата држава тој вели дека е најубавата земја што некогаш ја посетил и во која веднаш се почувствувал како дома. Дури си замислува како тука еден ден ќе изгради куќа и ќе основа семејство.
За CRNOBELO.com тој споделува како се вљубил во Македонија:
Колку долго живееш во Македонија и зошто Македонија?
Првпат дојдов во Македонија во јуни 2022 година и начинот на кој тоа се случи беше чиста случајност.
Дотогаш не знаев многу за Македонија, односно знаев за земјата само затоа што претходната година ја победи Германија во фудбал со 2:1 и слушнав за Горан Пандев, така што моето знаење за Македонија беше прилично фудбалско.
Тогаш живеев во Хамбург во северниот дел на Германија и сакав да направам кратко викенд патување со еден мој добар пријател. И двајцата немавме премногу пари тогаш, така што ги пребарувавме најевтините летови достапни од Хамбург, а потоа го најдовме летот на Wizzair за Скопје.
Ги проверивме сликите на Google Maps и ги видовме статуите на главниот плоштад, парламентот, Водно и слично и навистина ни се допадна, па се одлучивме за таа дестинација и одлетавме за Македонија.
Кога стигнавме, веднаш ми се допадна тука и се заљубив во земјата, архитектурата, природата и луѓето.
Вторпат дојдов во јули на неколку дена, а веќе на крајот на август решив да се откажам од мојот живот во Германија и да се преселам овде, така што одлучувањето беше прилично брзо, би рекол.
Кога зборуваме зошто Македонија...? За мене Македонија е најубавата земја во која сум бил и има совршена комбинација од сè.
Сум бил на многу места, живеев во Литванија и претходно во Варшава неколку месеци, исто така имам живеено и во Њујорк два месеци и имам патувано многу.
И од сите тие места, само во Македонија веднаш се почувствував како дома.
Луѓето се многу топли и гостопримливи, храната е неверојатна, вљубен сум во природата и планините. Едноставно, миксот од сè ја прави совршена за мене.
Многу од моите пријатели и роднини ми го поставија истото прашање: „Зошто Македонија?“ и јас секогаш го велам истото: „Треба да дојдете за да доживеете сами“. Тешко е да се опише со зборови, тоа е само чувството на припадност овде и чувството како да сум дома.
Она што најмногу ти се допаѓа овде е...
Би рекол народот и традициите. Македонците се неверојатни луѓе, секогаш топли, гостопримливи и отворени да ги споделат своите традиции, нивната култура и нивниот јазик - особено со мене како странец.
На второ место, би ја рангирал природата - таа едноставно го одзема здивот.
Она што најмногу го мразиш овде е...
Би рекол две работи - кога треба да земам документи од владините институции и сè е неорганизиран хаос.
И второто нешто што ме прави малку нервозен е сообраќајот (во „шпицот“ од денот) во Скопје.
„Германецот во мене“ дефинитивно треба понекогаш да се прилагоди на балканскиот начин на возење.