Стефан (26) од Градско ја запознал саканата во Софија и живеат во Полска: „Таа ми предложи да се венчаме“
Каков е животот во Полска? Какви се локалците таму? Има ли сличности со македонскиот народ и темпото на живот тука?
Животот во Полска не е ништо поразличен од останатите држави, луѓето живеат доста динамично и брзо како и во повеќето големи градови низ светот.
Сепак наликуваат доста на нас бидејќи се дел од групата на словенски јазици и култура па тука имаме многу сличности, покрај зборови во јазикот, така и во однесувањето на луѓето.
Колку е тешко или лесно да се најде работа како странец? Што работиш ти?
Јас можам да кажам дека од мое лично искуство не е тешко да се најде работа како странец овде, но исто кажува и самиот факт што има премногу странци што живеат и работат во Полска, поготово во поголемите градови.
Јас кога дојдов почнав да возам такси преку Убер, бидејќи оттаму ми направија работен договор додека јас бев во Македонија, па јас откако дојдов за кратко време почнав да возам и тоа многу ми помогна за брзо да го запознаам градот, начинот на живот, како функционираат луѓето, да запознаам многу луѓе итн.
Сега моментално работам во компанија што се занимава со реконструкција на стари градби, моментално реконструираме градба од 1853 година која е од големо значење за Краков како град, но и за Полска.
Работата ми се допаѓа премногу бидејќи е мануелна работа, надвор на отворено и е сведена на детали, каде што мораш да си смирен и трпелив.
Раскажи ни нешто за твоето искуство со патување низ Европа и работа како музичар...
Моето патување како Баскер започна во мај 2022 откако одлучив без никаква заштеда да отидам во Португалија со еден мој пријател којшто се преселуваше тој период таму, па јас искористив да отидам со него заедно.
Знам дека заминавме од Македонија и јас немав никакви планови освен тоа дека одам за Португалија. Прво застанавме Србија, јас го трчав полумаратонот во Белград потоа заминавме Загреб и останавме кај мој пријател и потоа од таму за Франција кај наши заеднички пријатели.
На тоа патување од Загреб за Анеси (Франција) ни се случи најлудото искуство во нашите животи.
Бидејќи по пат ја користевме апликацијата BlaBlaCar како би ги смислиле трошоците за пат, имаше една девојка која рече дека е по потекло од Албанија и таа патуваше со нас од Италија до Франција и таа ја украде колата.
За среќа успеавме да ја вратиме бидејќи мојот пријател којшто беше сопственик се фрли на покрив без размислување врз багажот и цели 30-40 минути ја имаше најлудата и најризична авантура во неговиот живот каде што можам да кажам дека беше на работ на смртта.
Благодарение на него и на полицијата којашто тој момент возеше во спротивен правец па виде дека тој е на покривот, успеа да ја сопре колата и да после тоа искуство можеме да го продолжиме нашето патување за Португалија.
Така да после тоа искуството што се случи на самиот почеток на моето патување јас си реков: па добро не може ништо полошо од ова, чим ова го доживеав што полошо може да се случи.
Јас во Португалија пристигнав со 20 евра бидејќи сè останато беа трошоци за патот, патував низ земјата цели три месеци, од север до југ и повторно на север.
Неверојатно искуство, уште на самиот почетокот имав таква среќа да се опкружам со група од прекрасни луѓе.
Низ Португалија патував со јавен превоз или со автостоп. Свирев во многу градови, мали и поголеми, сепак можам да кажам дека малите места ми пријаа многу повеќе.
Имаше ситуација кога додека свирев помеѓу неколку локали, еден локалец ме слушаше и потоа дојде и ме замоли да свирам во неговиот локал којшто беше надвор од туристичкиот дел и каде што муштериите беа само локалци, па за првпат слушнаа македонска музика и беа воодушевени, па јас научив и португалска песна баш од тој регион и им приредив изненадување, беше неверојатно.
Исто така, запознав бенд што свири балканска музика, а никој од бендот не е од Балканот (повеќето од нив беа од Јужна Америка).
Многу го слушаа и почитуваа покојниот Ферус, бев и нивен гостин, па имавме можност двапати да настапуваме заедно во еден локал во Порто.
Најинтересни ситуации исто беа кога налетува Балканци додека свирев, поготово Македонци, беа избезумени, не можеа да веруваат дека во Португалија можат да слушнат староградска музика.
Имав многу интересна ситуација додека свирев во едно многу мало место, три професорки поминуваа пред мене додека ја свирев „Не се фаќај Доне Донке“ и во тој момент не пеев.
И една од професорките почна да ја пее песната, а јас бев шокиран.
После два дена истите тие професорки, но сега со останатите колеги и ученици, ме сретнаа пак, но овој пат во Порто на кејот, па тука се фатија да играат оро и бевме атракција, сите луѓе од кафулињата околу нè гледаа и не знаеја што се случува.
После три месеци во Португалија морав да се вратам во Македонија во јули, па летото го поминав во Охрид, до крајот на септември, па не ми се веруваше кога и тука се сретнавме со една од професорките.
Од Охрид заминавме за Швајцарија со мојот пријател/колега што свири на гитара заедно со мене, но бевме само недела дена.
После Швајцарија отидовме заедно во Турција, па скоро три месеци имавме турнеја покрај целата обала, посетивме доста туристички места, свиревме во сите од нив и запознавме прекрасни луѓе од секаде.
Имавме настапи во некои локали во Измир и публиката беше одушевена од нашата музика, а каде и да одам јас свирам староградска музика.
Додека бев во Турција добив порака од еден виолинист од Хрватска, што сакаше да му се придружам него и на неговиот бенд на Канарски Острови почеток на јануари, па ете ме во февруари јас во Тенерифе.
Имаше премногу луди и преубави искуства за кои можам да раскажувам со часови, но за нив можеби во некоја наредна прилика.
После Канарски Острови на пат кон Македонија ја запознав мојата сопруга во Бугарија како што веќе напомнав.
Па летото го поминав во Охрид и потоа на есен заминав во Холандија, па Германија и оттаму два месеци во Малта, па по ова правевме планови со сопругата како да отидам што побрзо во Полска.
Каков ти беше животот во тој период? Дали ти беше тешко, како се снаоѓаше, дали добро заработуваше?
Животот во тој период ми се промени премногу, променив премногу перспективи за голем број работи, многу уверувања, многу соништа исто се применија, така да животот потполно се промени бидејќи јас се променив.
Воопшто не ми беше тешко, баш напротив, беше прелесно, сè беше некако лесно и течеше како река без крај.
Магични моменти беа дел од мојот секојдневен живот. Не се оптеретував да ја контролирам толку многу реката којашто тече туку едноставно почнав да верувам во процесот и додека пловам низ неа да се опуштам и уживам.
Заработував дури и повеќе од доволно можам да кажам, на почеток и јас бев изненаден бидејќи немав некои очекувања или верувања колку тоа би било, па ми беа сосема доволни некогаш дури и два до три часа на ден свирење како би можел да функционирам нормално.
Од кои земји/градови низ Европа имаш најдобри впечатоци, а од каде најлоши? И зошто?
Па во овие две години од моето константно патување Португалија, Охрид, Швајцарија, Турција, Канарски Острови, Холандија, Германија, Малта и сега еве Полска, можам да кажам дека горе долу секаде беше слично, нема некои големи разлики помеѓу овие места.
Секаде уживав најмногу што можев, можеби најмагично додека свирев ми е сепак Охрид, можеби поради тоа што публиката многу добро го знаеше мојот репертоар и самото тоа некако највеќе се вклопуваше, највеќе некако бев прифатен бидејќи сепак бев дома.
Како е да се биде уличен музичар низ Европа? Каде луѓето најмногу ги почитуваат музичарите? Каде даваат најдобар бакшиш?
Од мое лично искуство можам да кажам дека да се биде уличен музичар е најголемата слобода што еден музичар може да ја доживее, бидејќи живееш без големи планови и уживаш од момент во момент.
Исто така можам да кажам дека едни од најмагичните моменти се случуваат кога свириш на улица, бидејќи константно си во непознато, не знаеш која песна ќе ја свириш следна сè додека не ја завршиш претходната, не знаеш ниту во еден момент што сè ќе случи наредната минута, кој ќе помине.
Не знаеш дали некој ќе остави 50 евра бакшиш, едно евро или ниту едно.
Не знаеш кога ќе завршиш со свирење. Константно си во моментот без да се оптеретуваш и едноставно уживаш додека свириш.
Каде највеќе ги почитуваат, па можеби Португалија и Канарски Острови, а најмалку во Малта можеби (зборувам сега за локалците, не за туристи).
За бакшиш исто така можам да кажам дека Португалија се покажа од мое искуство супер, Канарски Острови исто така додека пак Малта можам да кажам дека мене лично најмалку ми се посреќи, но за среќа таму имавме четири свирки во рок од месец дена кои беа одлично платени, па така имаше некој баланс.
А, какви се свадбите низ Европа? Си имал ли некоја интересна случка од свирка, раскажи ни.
Сè уште не сум свирел на свадба низ Европа. Сум свирел на неколку настани и можам да кажам дека дури и од свадба ми биле помили.
Од секоја земја имам барем по едно такво специјално искуство што беше магично, како од филм, што нема да ги заборавам цел живот.
Ти недостасува ли Македонија? Би живееле ли некогаш тука?
Па да, нормално дека ми фали, поготово Охрид. Мене лично ми е најмагично место од сите што сум ги видел, чувствувам посебна магија и конекција, Охрид има посебно место во мене.
Додека пак луѓето не ми недостасуваат, бидејќи каде и да одам со музиката сепак ги привлекувам и сами доаѓаат до мене без јас да ги барам.
За живеење да, би сакале на одреден период да го искусиме и тоа, да живееме заедно макар на два-три месеци низ мојата Македонија.
©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.
М. М. | Црнобело