Голманот Костадин Захов за родната Струмица: „Со семејството најмногу сакам да одам на околните водопади“
- Детали
- среда, 29 мај 2024
„Вреди да се посети црквата Св. Илија која се наоѓа на неколку километри од Струмица, а е обиколена со многу зеленило и е место кои ги стишува мислите“, вели голманот Костадин Захов за серијалот „За мојот роден град“ за CRNOBELO.com.
Голманот Костадин Захов (36) е роден во Струмица, но поради кариерата, повеќе од една и пол деценија не живее таму.
Сепак, постојат многу работи кои го врзуваат за Струмица, пред сè семејството кое живее таму - родителите, брат му и внуците.
Па, поради нив и бројните пријатели кои ги има од дете, секогаш со многу радост си оди дома.
Дино, како што го викаат пријателите, за CRNOBELO.com сподели кои му се омилените места во и околу градот во кој е роден:
„Струмица имам желба да ја посетам барем еднаш месечно, а некогаш одам и почесто.
Околу 15 години не живеам таму, но сите што сме иселени од дома знаеме какво е чувството кога ќе стапнеш во родниот град.
Во овој период од годината најчесто се дружиме во природа.
Затоа, како едно од омилените места што секогаш ме потсетуваат на Струмица морам да го споменам градскиот парк каде што има неколку ресторани, мало езерце и многу мир.
Вредно да се посети е и црквата Св. Илија која се наоѓа на неколку километри од градот, а е обиколена со многу зеленило и е место кои ги стишува мислите.
фото: Википедија
Да се посети Струмица, а да не се видат водопадите во Колешино и Смоларе, кои со својата убавина го воодушевуваат секого, е навистина жално.
Затоа се трудам секогаш кога имам време, мојата дружба со фамилијата или другарите да се одвива на овие неколку места.
Луѓето што ме познаваат знаат дека сум голем љубител на кафе, па така, во Струмица има неколку кафулиња и интересни места кои ми се омилени, а вреди да се споменат (и посетат).
Тоа се два многу автентични локали 'Вторник крафт бар' и Salt&Peper.
Едниот ќе ве нагости со своите уникатни производи што не можат да се најдат никаде во државата, а другиот со специфичното мени и големиот асортиман на пива.
Меѓу поинтересните места во градот е и кафулето 'Мала сцена', кое за момент ќе ве однесе низ улиците на Италија.“