Марија од Скопје е криминалист и пишува трилери: „Истражував мапи и дејство на отрови за романите да бидат веродостојни“
- Детали
- среда, 27 март 2024
„Со романот „Сенки во подземјето“ наидов на игнорирање од страна на две издавачки куќи, но не се посомневав во себе. Ликовите што ги креирам се плод на мојата фантазија и тие немаат сличности со луѓето од мојата околина, но приказните што сум ги слушала во текот на студиите по криминологија придонеле за да ги создадам навиките на криминалците“ – вели во интервју за CRNOBELO.com, Марија Ралповска, авторка на кримиромани во Македонија.
Марија Ралповска е млада македонска писателка, која благодарение на романите „Сенки во подземјето“ и „Мастилна мапа“ стана една од најчитаните авторки кај нас, а за нејзините четива има само позитивни коментари во читателските кругови.
Добро разработените приказни, изградените ликови во романите и секако приказната која ве вовлекува и не ви дава мир додека не ја завршите, се чини дека е „магијата“ што прави оваа млада авторка брзо да стане меѓу попознатите писатели во Македонија.
Марија започнала да пишува кога имала само 14 години и тогаш го објавила својот прв роман „Фрагарија“, по што следувале и романите „Фрагарија и осумте чувари“, „Рај во пеколот“, книгите за деца „Самовилата од Виленија“ и „Моњо и вселенскиот брод“, како и кримитрилерите „Сенки во подземјето“ и „Мастилна мапа“.
Таа е дипломиран криминалист и моментално е вработена на Меѓународниот аеродром – Скопје, а слободното време го посветува на пишување романи и креирање приказни кои ќе им се допаднат и на најпребирливите читатели.
Во интервју за CRNOBELO.com, Марија зборува малку повеќе за тајните на нејзиниот занает.
За тоа како знаењата од факултетското образование успева да ги преслика во фиктивните светови што ги создава, но и за тоа што значи да се биде писател во рамки на еден мал пазар, како нашиот.
Во продолжение целото интервју со Марија:
Очекуваше ли дека ќе постигнеш толкав успех со романот „Сенки во подземјето“?
Очекував дека романот ќе го пронајде своето место во домашните библиотеки на читателите. Навистина ми е мило што приказната за криминалецот, банкарот и за јавниот обвинител успеа да допре до поголема публика.
Сметаш ли дека тоа што студираше криминалистика во голема мера те насочи и при изборот на жанрот во кој твориш?
Кога се запишав на Факултетот за безбедност, знаев дека кримироманот ќе биде жанр во којшто ќе се пронајдам.
Знаењето што го стекнав низ годините го користам и во романите, внесувајќи се во умот и во играта на криминалците, но и применувајќи ги полициските постапки што се неопходни за да се фатат криминалците.
Дали ликовите што ги креираш се инспирирани од вистински луѓе или од приказните што си имала можност да ги прочиташ и да ги слушнеш во рамки на студиите?
Ликовите што ги креирам се плод на мојата фантазија и тие немаат сличности со луѓето од мојата околина.
Меѓутоа, приказните што сум ги слушала во текот на студиите придонеле за да ги создадам навиките на криминалците и нивното оперирање, како и начинот на дејствување на инспекторите, задачите и текот на истрагата што води кон фаќање на негативците.
Со оглед на тоа што живееме во доба на социјални медиуми, често читателите ги оставаат своите коментари и мислења таму. Како реагираш ако прочиташ некоја критика или негативен коментар за твоето пишување?
Секој има различни мислења, ставови, перцепции.
Подеднакво ги ценам и позитивните и негативните критики.
Се трудам да ги забележам посочените недостатоци и да поработам на нив, создавајќи уште подобра приказна, без оглед дали станува збор за стилот на пишување, описите или ликовите.
Колку се трудиш да ги истражиш областите за кои пишуваш за да избегнеш ситуации кои се неверодостојни? Ти се случило ли да „заглавиш“ при проверка на некои податоци?
Сите ситуации што се дел и од реалниот свет ги истражувам темелно, а потоа ги внесувам во приказната.
Постојат одредени работи што имаат свој начин на функционирање и што не може да бидат измислени.
Во „Сенки во подземјето“ дејството се одвива во Париз и во неколку други градови низ Франција.
Детално истражував мапа од Париз, со имиња на улици, фотографии и описи на одредени места и како такви ги претставив и во романот.
Во „Мастилна мапа“ поголемо внимание посветив на потеклото и на ефектите од отровот што убиецот го користи кај своите жртви. Двете проверки траеја подолго, но податоците се веродостојни.