Марија од Скопје е криминалист и пишува трилери: „Истражував мапи и дејство на отрови за романите да бидат веродостојни“
Работиш ли на нешто ново во моментов и можеш ли да ни откриеш некои детали што е тоа?
Минатата година од печат излезе мојот кримироман „Мастилна мапа“, а во тек е подготовка на вториот дел.
Романот открива една тајна чувана со години, пренесувана преку допирот на мастилото.
Тоа е приказна што ги поврзува легендите, желбата на човекот за семоќност и вечното прашање: дали постоиме само ние или живееме во паралелни светови?
Една обична тетоважа е причина за играта наречена живот или смрт, а девојката и инспекторот влегуваат во трка со времето, следејќи го убиецот што постојано чекори пред нив.
Колку е тешко во Македонија да се издаде роман? Што треба да знаат сите оние што посакуваат да се остварат како писатели?
Според сопственото искуство не би рекла дека процесот на издавање роман се одвива тешко. Важно е идејата да биде добро пренесена во приказната, да успее да ги привлече и издавачите и читателите.
На оние што сакаат да творат би им порачала да не се откажуваат на првата пречка на патот и да веруваат во себе, да бидат истрајни.
Еве, јас ќе ви откријам дека токму со романот „Сенки во подземјето“ наидов на игнорирање од страна на две издавачки куќи, но тоа воопшто не ме натера да се посомневам во себе.
Напротив, романот излезе од печат во издание на „Арс Ламина“, со коишто имам одлична соработка, а јас продолжив да пишувам.
Може ли да се преживее само како писател во Македонија или е неопходно да се има и друга споредна работа?
За жал, ние имаме релативно мал пазар, па така пишувањето не е доволно како основен извор на егзистенција.
Засега тоа за мене претставува хоби додека сѐ уште се надградувам себеси и се надевам дека еден ден ќе објавам дела и надвор од границите на Македонија.
Имаш ли некои ритуали што ги практикуваш пред пишување?
Обично пишувам доцна во ноќта. Ја сакам тишината и сакам да сум сама, тогаш моите мисли се најгласни и целосно можам да се внесам во светот што го создавам.
Кој е тој што секогаш има можност прв да го прочита тоа што си го напишала? Имаш ли некој што ти е најголема поддршка и те охрабрува додека работиш и дали ги прифаќаш критиките што ги упатува?
Мојата мајка имала можност прва да ги прочита романите и расказите што сум ги пишувала и да даде свое мислење како читател.
Секогаш ги прифаќам нејзините критики, иако тие, главно, се однесуваат на начинот на пишување или на описите.
Честопати знам да споделам некои идеи со мојата најдобра пријателка или со сопругот, па заедно ги разработуваме и ги оформуваме за потребите на приказната.
Во оваа прилика би сакала да им се заблагодарам на моите родители што уште додека бев дете ме поддржаа во замислата да творам и беа покрај мене во процесот на издавањето на мојот прв роман.
©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.
Б. С. Б. | Црнобело