„Сакам да останам во Македонија и да се борам за нашето здравство“: Д-р Марио Јакимовски, специјализант на клиниката за хематологија
- Детали
- недела, 24 март 2024
„Македонија заостанува во поглед на бројот на пријавени донори на коскена срцевина. На нашата клиника секојдневно и без застој се спроведуваат трансплантации веќе 24 години, a годинава за првпат беше спроведена трансплантација од македонски донори“ – вели за CRNOBELO.com д-р Марио Јакимовски, доктор специјализант на Универзитетската клиника за Хематологија.
Марио Јакимовски е 28-годишен доктор специјализант на Универзитетската клиника за Хематологија во Скопје.
Тој потекнува од Крива Паланка, а по завршениот факултет за општа медицина како еден од подобрите студенти, се вработува и денес работи на Одделот за трансплантација на хематопоетски матични клетки (коскена срж).
Тој започнал со специјализација во 2023-та година, а со него разговаравме повеќе за тоа зошто е важно да се донира коскена срж, во кои случаи таа може да спаси живот, но и за предизвиците со коишто најчесто се соочуваат студентите и специјализантите по медицина, кои одлучуваат да останат во Македонија и се иднината на нашето здравство.
Во продолжение целото интервју на д-р Марио Јакимовски за CRNOBELO.com:
Од каде љубовта кон медицината? Кога знаеше дека еден ден сакаш да станеш лекар?
Мојата желба за да ја изучувам и работам медицината се роди уште од основно образование.
Всушност… Со ова прашање ме потсетивте на еден тежок пат, во кој е вложен голем труд, макотрпна работа и огромна желба, а тоа е рецепт за да се стане успешен лекар.
Работиш на Одделот за хематологија. Можеш ли да ни појасниш каква област е хематологијата и зошто се одлучи да специјализираш токму во таа област?
Хематологијата е комплексна гранка на медицината која се занимава со болести на крвта.
Предизвикувачки чин во Хематологијата е тоа што скоро сите хематолошки болести се крајно непредвидливи, посебно кога станува збор за малигните хемопатии.
Што се хематопоетски матични клетки и постои ли интерес кај Македонците за донирање на матичните клетки?
Во секој организам, коскената срцевина е извор на сите клетки од крвта.
Во коскената срцевина се наоѓаат хематопоетски матични клетки кои континуирано создаваат нови клетки на крвта и ги заменуваат уништените клетки.
Во случај кога коскената срцевина ќе се оштети од болести или некои лекови, таа престанува да ги создава овие неопходни клетки на крвта што доведува до сериозни болести.
Затоа хематопоетските матичини клетки се заменуваат со нови.
Што се однесува до интересот за донирање хематопоетски матични клетки, мислам дека нашата држава заостанува во поглед на бројот на пријавени донори во регистарот на дарители на коскена срцевина.
Меѓутоа во последните неколку години, клиниката успешно спроведува акција под називот „Биди срцевина, биди херој“ за подигнување на свеста за дарување ХМК.
Оваа прилика би сакал да ја искористам за да испратам апел за што поголем број на млади лица да се пријават како дарители во регистарот, бидејќи со тоа се спасуваат животи.
Постои ли одреден рок на чување на матичните клетки и колкав е тој?
Доколку постои потреба хематопоетските матични клетки да се криопрезервираат (замрзнат) нивниот рок на траење е неограничен.
Во пракса спроведувањето трансплантација се одвива во првите неколку месеци од дијагностицирање на болеста, па затоа криопрезервираните матични клетки се искористуваат брзо.