Александра Радовиќ за CRNOBELO: „Се трудам да ја научам ќерка ми на вистинските вредности“
На сцената и на телевизиските гостувања сте секогаш одмерена, елегантна, смирена... Каков е вашиот приватен стил? Носите ли некогаш тренерки, на пример?
Ја менувам често фризурата за луѓето да не ми велат дека ги потсетувам на Моника Белучи. Не сум сигурна дека тоа ми годи.
А во однос на стилот, сакам да сум мала дама, го сакам тоа. Имам и тренерки, ама и тие се малку fashion.
Имате скоро 50 години, а изгледате одлично. Како го одржувате младешкиот изглед на кој може да ви позавидат и многу помлади жени?
Да, во септември ќе полнам 50 години. Имам и утрински и дневни и вечерни рутини, колку сакате.
Негата е нешто на што мора да се обрнува внимание од најраната младост. Кога ќе ми речат: „Имаш убаво лице“, им кажувам дека тајната е што уште од 20 и некоја година вложував во правилна нега на лицето.
Резултатите од ова се гледаат многу подоцна. А јас сум жив пример за тоа, дека негата во 20-тите се гледа кога ќе наполните 50 години. Кожата памти и навистина е така.
Сега луѓето филозофираат: „Леле а што јадеш? А колку вода пиеш?“ Можеби се тоа глупости, можеби и не се, но се трудам да водам некој нормален живот, да тренирам многу, колку што можам да се хранам здраво. Скоро секој ден имам тренинзи.
Дали готвите?
Повремено да. Мајка сум па сакам да спремам нешто за моето дете.
Но, тоа се некои поедноставни јадења, кои се подготвуваат брзо.
А дали сте строга мајка? Вашата ќерка годинава ќе наполни 14 години...
Не знам, искрено. Мислам дека времето ќе го покаже тоа.
Се трудам да бидам праведна и да ја научам ќерката на тоа кои се вистинските вредности, да знае да разликува што е добро, што е лошо, да знае како да се однесува во различни ситуации, да не повредува други луѓе, да се стави себеси на туѓо место и да види како би се чувствувала таа ако некој ѝ го направи на неа истото.
Мене истото ова ме учеше мајка ми, но кога бев во пубертет знаев да ѝ кажам дека лошо ме воспитала, дека таа е виновна, зошто сега јас да мислам како им е на другите, зошто некој не мисли како ми е на мене.
На овие години сфаќам колку е всушност важно да се ставиме на местото на другите и малку од друг агол да ги согледаме работите, па дури и да најдеме оправдување за нивното однесување или постапки.
Ако се навратите на целата своја кариера, постои ли нешто за што жалите и би го смениле?
Да, да, жалам за некои работи.
Не би прифатила некои работи, некои натпревари кои беа бесмислени и глупави.
Сосема за крај, што може да очекува македонската публика на концертите во април?
Публиката може да очекува многу љубов. Но и да види колку многу труд е вложен во сето ова, не само затоа што долго не сум била тука, туку затоа што на секој концерт пеам како да ми е последен во животот и се трудам да дадам сè од себе, а луѓето да си заминат со насмевка, полни со емоции.
Во каква состојба и да дошол некој, барем да му е малку полесно и поубаво кога ќе излезе од салата.
Мојот бенд звучи многу подобро во живо отколку на снимките од студио, по тоа сме познати. Само нека дојдат луѓето расположени.
©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.
А. Ј. | Црнобело