Игор Стојанов - Баркли, комичар: „Животот го посветив на изнудување туѓи насмевки“
Кој „муабет“ најмногу ги засмева? Постои ли нешто што секогаш „пали“?
Не постои лоша шега, може да постои само лошо време и место. На мене е да ја проценам енергијата и да ги изустам вистинските зборови.
А како сигурна варијанта, секогаш го избирам хуморот на сопствена сметка, тоа секогаш пали.
Ти се случува ли поради смеењето на публиката да се засмееш и ти, до толку што не можеш да продолжиш?
Неизмерно сум среќен кога шегата е толку добра, што покрај публиката, ќе ме насмее и мене.
Но во таквите ситуациии, секогаш знам да се контролирам и да продолжам понатаму.
Си се блокирал ли некогаш на сцена?
Да, тоа се моментите кога на сцената си статичен како кип, а во себе правиш салто за да заврти тркалото.
Но ваквите блокади ги оставив во минатото, каде што и им е местото.
Постои ли тип на луѓе кои не би сакал да ги имаш во публика?
Секако дека постои, имам и име за нив, се викаат „Ај насмеј ме ако можеш“.
Најчесто имаат скрстени раце, скиселена фаца, понекогаш и чепкалка во устата, не знаат зошто дошле на стенд-ап, а јасно можеш да видиш дека не се слепи, затоа што покрај сите наведени карактеристики имаат и глуп поглед.
Кој е стенд-ап комичар од Македонија или од регионот на кој му се воодушевуваш?
Му се воодушевувам на секој оној кој се труди и успева да донесе ведрина на лицата на луѓето. Колку повеќе нè има, толку повеќе среќата ќе се мултиплицира.
Будно следам сè што се случува на сцената, учам и од помлади и од постари колеги.
А доколку треба да издвојам една личност, би го одбрал човекот кој уште како дете ми ја има всадено љубовта кон хуморот, преку неговите досетки што будно ги следев на малите екрани, станува збор за Тони Михајловски.
Кому му ги кажуваш „скечовите“ пред да ги објавиш јавно? Постои ли некој за кој знаеш дека ако успееш да го насмееш, ќе ја насмееш и публиката?
Веќе имам доволно искуство за да можам самиот да проценам што би поминало пред публиката.
Но, секогаш тука за консултација е мојата помала сестра Габриела, таа ги слушнала моите најлоши шеги и е мојот најискрен критичар.
Нејзините другарки често ѝ љубоморат затоа што има „смешен брат“, а таа ладнокрвно им вели „Верувајте, не е секогаш толку смешен“.
Што е следно во агендата на Баркли?
Во мојата агенда следен е проектот „Можевме“, во кој учествувам заедно со легендарните Бојан Велевски, Марјан Георгиевски и Божидар Божиновски.
Ова шоу обработува политички и општествени теми, а во наредниот период ќе биде прикажано во повеќе градови низ Македонија, со големо финале во Скопје на 27 парил во Националната опера и балет.
Во меѓувреме работам и на текст за моето второ самостојно стенд-ап шоу и кројам планови за многу проекти, за кои јавноста дополнително ќе биде известена.
Она што со сугурност можам да го ветам, е дека следуваат многу хумористични содржини на социјалните мрежи.
Од кога го носиш овој прекар?
Баркли ме викаат по дедо ми Димко (шега). Овој прекар го добив како дете, додека тренирав баскет, затоа што сум потсетувал на легендарниот НБА играч, Чарлс Баркли.
Некако се залепи за мене и до ден денес со гордост го носам прекарот Баркли!
©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.
А. Ј. | Црнобело