„Децата од нашата градинка секој ден се надвор, пешачат, играат и на дожд и во кал“: Интервју со Јасмина Г. Алаѓозовска од приватната градинка „Никулец“
Какви се придобивките за децата од играта на отворено? Колку време поминуваат децата надвор секој ден?
Играњето во природа нуди мноштво придобивки за децата, па токму поради тоа се трудиме секојдневно да поминуваме од три до пет часа на отворено.
Сепак, сè зависи од промената на временските услови и годишните времиња.
Во зима секојдневно практикуваме повеќе пешачење и прошетки (за да се загрееме😊), а во пролет, лето и есен веднаш после појадокот се подготвуваме за повеќечасовна игра во природа.
Како што напомнав погоре, придобивки има многу:
- Физичкиот развој, каде што играта на отворено го надградува развојот на моторните вештини додека децата се вклучуваат во активности како трчање, скокање, качување, балансирање и слично.
- Играта со природата го стимулира исто така и когнитивниот развој преку охрабрување на истражување, решавање проблеми и набљудување на природната средина. Ја поттикнува имагинацијата и фантазијата така што им обезбедува отворено платно за имагинативна игра, дозволувајќи им на децата да ги креираат своите игри и сценарија, поттикнувајќи ја креативноста.
- Нуди сетилна стимулација преку допирање, мирис, слушање и гледање различни елементи во природата, подобрувајќи го сетилниот развој.
- Времето поминато во природа е поврзано со подобрено расположение и намалено ниво на стрес, што придонесува за целокупната емоционална благосостојба. Природната игра често вклучува одреден степен на ризик, дозволувајќи им на децата да развијат чувство на независност и да научат соодветно да ги проценуваат и управуваат ризиците.
Со оглед на тоа што дечињата поминуваат голем дел од времето надвор, како се справуваат со тековните вируси и настинки? Дали се забележува разлика во справување со истите?
Што се однесува до тековните вируси и настинки, ние не можеме да ги заштитиме децата од нив, но со тоа што тие голем дел од времето го поминуваат надвор на чист воздух и сонце, можеме да кажеме дека прилично лесно ги надминуваат.
Секојдневно ја следиме временската прогноза, вклучително и квалитетот на воздухот и на тој принцип одлучуваме каде ќе се движиме во текот на денот.
Доколку воздухот е загаден, одлучуваме да одиме на Скопска Црна Гора или на Водно.
Ние секогаш се придржуваме кон тоа дека нема лошо време доколку децата се облечени соодветно. Така, често го искусуваме дождот, ветрот, снегот и сонцето на места коишто не ја загрозуваат безбедноста на децата.
Каква облека или опрема треба да носат дечињата за активности на отворено?
Од големо значење е децата да бидат соодветно облечени за да се обезбеди удобност, безбедност и заштита од секакви временски услови.
Тоа подразбира облека соодветна на времето, заштита од сонце, опрема за дожд, удобни обувки, капи и слично. Секое дете си носи ранче во кое има шишенце за вода, дополнителна облека, сезонски додатоци...
Како ги адаптирате активностите на различни временски услови и сезони?
За да се адаптираат активностите во различни временски услови и сезони, важно е да се обезбеди безбедност, удобност и уживање на децата.
Приспособувањето на активностите на отворено на различни временски услови и сезони е од суштинско значење за да се осигура дека децата можат да уживаат во придобивките од играта на отворено во текот на целата година.
Секогаш даваме приоритет на безбедноста и ги следиме временските услови. Планираните разновидни активности и флексибилноста ни овозможува адаптација на различни временски услови, правејќи ја играта на отворено пријатна и едукативна во секоја сезона.
На пример, во ветровити денови ги истражуваме ефектите на ветрот со летање змејови, набљудуваме како ветерот ги движи предметите, се обидуваме да трчаме во спротивна насока на ветерот и слично.
Во дождливи денови децата се облечени во водоотпорни јакни и панталони за да бидат суви, а имаат неограничени игри со кал, скокање во барички и слично.
Зимските денови кога имаме снег се најинтересни за децата и тогаш градиме снешко, креираме едноставни снежни скулптури, ги истражуваме снегулките, ги набљудуваме замрзнатите езерца во паркот, ги храниме врапчињата, верверичките...
Ја истражуваме променливата средина со набљудување цветови кои цутат, лисја што паѓаат, птици што пеат, животни кои си одат и се враќаат.
Како ја поттикнувате креативноста и имагинацијата кај децата? Дали навистина кај новите генерации се забележува намалена концентрација?
Важно е да се забележи дека децата од предучилишна возраст се природно љубопитни и активни, а нивното учење често вклучува истражување и игра.
Иако е вообичаено за нив да имаат пократок опсег на внимание, исто така е од суштинско значење да се обезбедат активности соодветни на возраста и да се создаде средина што го поддржува нивниот развој.
Намалената концентрација и внимание кај децата од предучилишна возраст се забележува сè почесто, но сепак мора да се земат предвид индивидуалните разлики помеѓу децата.
Времето поминато пред екран, преголемата стимулација, недостатокот на доволно сон, факторите на животната средина како што се бучното или хаотично опкружување може да влијаат на нарушување на вниманието и концентрацијата кај децата од предучилишна возраст.
Запомнете дека децата најдобро учат преку игра, истражување и практични искуства.
Обезбедувањето на поддржувачка и отворена средина која ја вреднува и поттикнува креативноста, концентрацијата и имагинацијата ја поставува основата за позитивен и збогатен ран детски развој.
Сето тоа го постигнуваме преку секојдневни прошетки и игри на отворено, истражување во природа, раскажување и читање приказни, уметничко изразување, музика и танц, драмски игри, игри за решавање проблеми, игри со коцки, друштвени игри, слободна игра...
Едноставно е, децата треба поголем дел од денот да го поминуваат во игра на отворено или во природа.
Постои ли можност за попладневно преспивање во „Никулец“?
Во нашата градинка постои можност за преспивање и ние таа одлука ја оставаме на детето. Доколку детето се чувствува уморно и сака да легне за да одмори, тоа му го овозможуваме.
Ги вклучувате ли и родителите во одредени активности?
Ефективното вклучување на родителите не само што има корист за детето, туку и ја зајакнува врската помеѓу домот и градинката.
Создава мрежа за поддршка за развојот на децата и помага да се изгради позитивна и инклузивна образовна заедница.
Родителите се вклучени преку работилници, излети, проекти, дискусии и слично.