Марија од Радовиш 10 години е во количка: „Не дозволив тоа да ми е пречка во животот - возам АТВ, магистрирав, имам успешни бизниси“
И покрај животот во количка, ти си секогаш ведра и насмеана... Колкаво влијание врз тоа има твојата работа во одгледувачницата за шарпланинци?
Одгледувачницата Mountain Eyes Kennel е посебно скапоцена за мене, бидејќи таа е остварување на еден детски сон.
А ги надмина моите очекувања и ми причинува посебно задоволство.
Имам прекрасни кучиња кои се претставници на расата која со векови е тука на нашите простори и претставува автохтона раса за која сметам дека светот допрва треба да слуша.
Но, јас никогаш не гледам на ова како на бизнис. Тие се мојот вентил за релаксација.
Секој момент поминат во мојата одгледувачница е преубав и сакам засекогаш да остане така.
Америка, Франција, Германија и Италија се само дел од државите во кои има куче шарпланинче од мојата одгледувачница.
Неретко објавуваш фотки и дека возиш АТВ... Ти беше ли тоа предизвик или се снајде лесно? Како се чувствуваш во тие моменти?
Пред повредата ги сакав моторите, возев мал скутер.
Не е реткост во светот да се види како луѓе кои не можат да одат, да возат АТВ или некое друго возило. Луѓето можат да ме видат и на АТВ, тоа ми беше желба некое време.
Си го купив сама, со желба за поголема слобода.
Со оглед на мојот ангажман, го користам за поминување време во природа со моите кучиња и е навистина една забавна активност која го исполнува моето слободно време.
Успешна си на неколку полиња. Како успеваш да постигнеш сè?
Не успевам да постигнам сè, иако од страна делува така. Се трудам колку што можам, а секогаш е присутна помошта од моите најблиски.
Немам време да ми биде досадно, живеам исполнет живот. Зборот „досадно“ кај мене не постои, не се користи.
А, како би ги мотивирала луѓето кои поминале низ истото (или се во слична ситуација со тебе)?
Сите ние имаме некои маки, големи и мали. И секој мисли дека неговата е најголема и најтешка.
Но, јас сум сигурна дека секогаш може и полошо, а може и подобро.
Затоа, мојата порака е да се фокусираме на убавите нешта, да бидеме благодарни на сè што сме, а не на сè што не сме.
Прочитајте и Марија (26) од Радовиш е единствена жена одгледувач на шарпланинци во Македонија: „Кај нас се раѓаат шампиони“
©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.
А. Ј. | Црнобело