Марија од Велес живее во Хамбург: „Се преселивме со другарка, Германците постојано ми бараат ајвар“
Сигурно се навикна на пивото, но каква е германската кујна? Кој нивен специјалитет тебе лично најмногу ти се допаѓа?
Да, се навикнав, но има моменти кога сум многу жедна за ладна кригла Скопско со два прста пена.
За мене готвењето е како терапија, ме релаксира и сакам да пробувам нови рецепти. А, кога сум дома и имам шанса да готвам, често експериментирам во кујна. Животот е поубав со зачини и сусам… многу сусам.
Недела е денот за убав германски појадок, со богат избор на леб од маалската пекара. Изборот е вистина доста голем, а и не верувам дека би згрешиле што и да одберете.
Кој е твојот совет за сите Македонци кои планираат да се преселат во Германија?
Често велам дека странство не е за секој, водејќи се по оваа теорија верувам дека тоа е одлука која мора да ја донесат сами, сепак не е мал чекор.
Раскажани ми малку во поглед на јавен систем, превоз, здравство и образование: дали функционираат лесно и брзо?
Точно е дека има ред и дисциплина, но исто така познато е и дека бирократијата има посебен шарм, па посредувањето на документи знае да биде тренинг за нерви.
Јавниот превоз е одличен сè додека не седите во воз и одеднаш не го чуете оној сигнал кој ве информира дека ќе има доцнење од 10+ минути. Општопозната е љубовта кон Дојче бан. Но, сума сумарум не би многу да се жалам.
Немам некое големо искуство со здравствените институции, но можам да кажам дека секаде е потребен термин и често се чека доста.
Образованието е малку поразлично од нашето и има неколку поделби за насочување кон одредена струка/занает или продолжување со универзитетско образование.
Дали би се вратила во Македонија? Кои се твоите планови за иднина?
Не, не би се вратила.
Во моментов работам на резолуциите за 2024-та и сè уште не сум дефинирала сè. Но, знам дека сакам да продолжам да се надоградувам на професионално поле и да продолжам да патувам секогаш кога ќе имам шанса.
Од твоите социјални мрежи гледам дека често патуваш, една од твоите последни авантури беше Куба, раскажи ми за тоа патување?
Првата желба во 2023-та ми беше да патувам повеќе, бидејќи претходно не сум била во можност. Решив дека ќе патувам и секој месец ќе посетам по една нова земја. Станува збор за кратки но слатки патувања од по 3-5 дена.
Можеби звучи малку напорно, но со добар план и користење на викендите во комбинација со државни празници и слободните денови не беше толку тешко, сепак желбата беше голема. Посетив вкупно 12 земји, 11 земји во Европа и едно од тие патувања беше на другата страна од светот, во Куба.
Заедно со двете најдобри другарки решивме дека сакаме нешто ново и егзотично, па се решивме за Куба. Каква авантура!
Што те воодушеви, а што те разочара во Куба?
Куба е како мало парче историја кое е ставено во некоја временска капсула кое стоело, стои и најверојатно уште долго ќе стои така, недопрено од светот.
Е, сега спомнувајќи го останатиот дел од светот, верувам дека поголемиот дел ја гледа само убавата страна и е воодушевен од старите автомобили, пурите, румот и салсата…
Но, Куба има и друга страна, е за таа страна ретко кој зборува бидејќи воопшто не е привлечна. Мислев дека балканските земји се сиромашни, но после тоа искуство, сфатив дека не се.
За жал просењето е насекаде, но луѓето не бараа пари туку ги сакаа остатоците од храна што ги имавме. Маркетите беа празни, буквално празни. Доколку имате среќа ќе налетате на некој маркет каде што има еден цел рафт кој е полн со доматно пире од почеток до крај или можеби вода и по некоја ситна закуска во форма на бисквити кои имаа вкус на сè само не на бисквити, но тоа имаше и тоа купувавме.
Да не бидам погрешно сфатена, сакам само да ја доловам ситуацијата и состојбата во која се наоѓа островот.
Манго! Тоа можев да јадам секој ден за појадок, ручек и вечера бидејќи беше на секој чекор и речиси не чинеше ништо. Се заљубив во вкусот и не верувам дека би пробала подобро манго на друго место.
Какво е локалното население, во поглед на култура, начин на живот, стандард
Во разговор со локалното население дознавме дека сè уште постојат бодеги каде секој месец луѓето доаѓаат за да земат храна и на крај добиваат печат во книшката без која не може да добијат ништо.
На месечно ниво добиваат по 1kg брашно, 1kg ориз и 2 јајца. На секои 2 месеци, едно четиричлено семејството добива по една паста за заби. Доколку во семејството има дете до 3 години, имаат право на млеко во прав, бидејќи нормално млеко секако нема.
Земјата е толку сиромашна што никако не може да просперира. Она што имаат да го понудат нема како да го извезат бидејќи немаат средства за да се произведе пакувањето на тие дадени производи. Остров е, а немаат бродови, нема како да ловат риба.
Кога стигнавме таму, ни кажаа: „Онаму каде што логиката завршува, Куба почнува“. По неколку дена во Хавана, сфативме и зошто.
Можеби немаше леб да се купи, но ни кажаа дека промената на полот е бесплатна.
Сакав да дознаам повеќе за земјата и често разговарав со луѓето, па еден дечко кој работеше како келнер (неговата трета работа) во кафулето каде успеавме да „фатиме“ интернет и да се скриеме од жештината, ни раскажа малку повеќе за животот таму.
Просечна плата на месечно ниво е 13 долари, а бидејќи неговата прва работа е програмер тој добивал повеќе т.е 20 долари, а негов пријател кој е доктор заработувал најмногу односно 50 долари на месечно ниво. Беше тоа микс од емоции и чувства, а највеќе вина бидејќи се чувствувавме привилегирано, а не можевме многу да помогнеме.
Но, не би било фер да не ја спомнам и убавината на островот. Мислам дека немам доволно зборови со кои би можела да ја опишам убавината на една од најубавите плажи во светот која се наоѓа во Варадеро, мора да се доживее таа тиркизна боја на водата, белиот песок, палмите…
После вкусот на мангото, плажата ми беше нешто најблиску до мојата замисла за тоа како би изгледал рајот кога би постоел.
Зеленилото, пештерите и недопрената природа во Вињалес ме воодушеви. Со останатиот дел од групата велевме дека се наоѓаме во некоја сцена од Jurassic Park, а најголема закана не беше некој т-рекс туку беше забот на сиромаштијата.
Куќата на Хемингвеј кога би можела да проговори за сите тајни кои ги носи во себе, би ја слушала со часови.
Хавана си има свој шарм, постојано има џагор на улиците. Од една страна трчаат деца со фудбалска топка, од друга страна седи некој заљубен пар, па поглед ќе ви украде некој олдтајмер, а позади него уште два други и секој поубав од претходниот. Отворени дрвени прозорци, звукот на салсата и некој дедо кој решил да танцува како да времето не му ги украло годините. Имаше некоја магија градот, некоја убава енергија која ме беше натерала да верувам дека јас би можела да се загубам низ тие мали и тесни улички кои тежат недокажани приказни, по цел ден.
Не би го менувала за ништо ова искуство и дефинитивно би се вратила пак. Благодарна сум што танцував, се смеев, пеев и сонував со отворени очи заедно со толку убави, паметни и широкогради луѓе на другата страна од светот.
Но, сега можеби е време да се спремам за некое друго патување на другата страна од светот, онаа спротивната, да се загубам некаде во земјата на насмевките.
©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови и фотографии е казниво со закон.
И. Ј.| Црнобело / фото: Приватна архива