Бобан Илиоски, светски шампион во кикбокс за CRNOBELO: „Жртвував многу за да стигнам до титулата“
- Детали
- петок, 01 декември 2023
„Долгогодишна напорна работа и голема жртва ме донесоа до титулата. Длабоко во себе ја посакував и бев одлучен да најдам начин да стигнам до неа, без оглед на цената што треба да се плати“, вели светскиот шампион во кикбокс, Бобан Илиоски.
„Македонија има светски шампион во кикбокс“, „Светска титула!“, „Се гордееме со нашиот Бобан“ се дел од насловите што осамнаа во медиумите, кога 27-годишниот Бобан Илиоски од Скопје победи на светскиот шампионат што се одржа во Лисабон, Португалија (26.11).
Неколку дена подоцна тој беше пречекан како херој на скопскиот аеродром од семејството, пријателите и навивачката група „Комити“ чиј член е одамна и самиот.
А, веќе следниот ден, наместо да се одмори, Бобан продолжи со активни тренинзи бидејќи од 7 до 14 декември го очекува ново првенство во тајландски стил Muay Thai, кое ќе се одржи во Анталија, Турција.
Во разговор за CRNOBELO.com, Бобан ни раскажа нешто и за приватниот живот, за неговата сестра, Андријана Илиоска, која е една од најуспешните македонски модели во светот, но и за спортот кој вели „го студира и живее“.
Лани освои европска, годинава светска титула. Искрено, ја очекуваше ли? Колку долго се подготвуваше и колку треба да си психички спремен за борбите, а не само физички?
Долгогодишна напорна работа и голема жртва ме донесоа до светската титула. Длабоко во себе ја посакував и бев одлучен да најдам начин да стигнам до неа, без разлика на цената што треба да се плати во целиот процес.
Тренинзите се тешки, но се водам од тоа да тренирам појако и попаметно од сите за да бидам подобар од сите.
А, со текот на годините сфатив дека психичката подготвеност е побитна од физичката.
Неколку десетици пријатели и фанови те пречекаа на аеродромот во Скопје. Очекуваше ли дека ќе се соберат за да прослават со тебе?
Луѓето што ме пречекаа на аеродром не се фанови, туку мои добри другари и фамилија.
Повеќето од нив се докажани членови на навивачката група „Комити“ во која сум член и јас.
Првенството се одржа во Португалија, но имаше ли време да прошеташ, да видиш нешто од земјата?
Првенството се одржа во Албуфера.
Па, по крајот на финалната борба, во која за среќа поминав без сериозна повреда, имав можност да го разгледам и градот во кој се одржуваше првенството, но и да го посетам Лисабон.
Кога ќе влезеш во рингот, размислуваш за нешто или сè што правиш е чист инстинкт во комбинација со добра подготовка?
Кога ќе влезам во ринг се препуштам 100% на моментот.
Фокусот е цел таму, притисокот е голем и, секако, тој момент го прави мечот поинтересен.
Сепак, знаеме дека кикбоксот е ризичен спорт и дека може да се случи сè.
Имаш ли посебен начин на исхрана за да бидеш во топ форма?
Од исхрана, преферирам строго здрава храна во текот на подготовките.
Ама кога имам можност, си сакам бургери и пици, што не се случува често.
Си се нашол ли некогаш во животот во ситуација своите борбени вештини да мораш да ги употребиш „на улица“ бидејќи некој те нападнал, испровоцирал?
Сега кога сум веќе докажан борец, не сум се нашол во таква ситуација.
А, и одбегнувам поради тоа што сум професионалец во тоа што го работам.