Амела од Скопје e мајка на две деца со попреченост: „Леон имаше најтежок степен на аутизам, а сега е дете со натпросечна интелигенција“
Како се манифестира аутизмот кај вашиот син во моментов?
Леон беше дијагностициран со најтежок степен на аутизам, кога кажувам најтежок, мислам на оној каде не знае која му е мајка, татко, баба, дедо, гледање во една точка, немаше говор, немаше груба и фина моторика, а сега е дете со Аспергер и натпросечна интелигенција.
Аспергеровиот синдром се разликува од останатите пореметувања од спектарот на аутизмот по тоа што кај него воопшто нема застој во јазичниот и когнитивниот развој.
Сепак, во стандардните дијагностички критериуми не е спомната моторичката неспретност и атипичната употреба на јазикот, што се јавува често.
Кои се најголемите предизвици со кои се соочувате секојдневно?
За мене нема предизвици, има само секојдневно исполнување со љубов, тоа е она што децата ме научија, посебно детето со аутизам - мојот син и мојот глас од тишината.
Во какви активности уживате заедно? Што тој најмногу сака да прави? Сака ли да се дружи со дечиња?
Уживаме да се гушкаме, да си даваме безрезервна љубов, најмногу сака да посетува разни градови и манастири и цркви, таму е најисполнет и најсреќен.
Со сестра му се многу поврзани, таа е негова ѕвезда водилка, сѐ прават заедно - слушаат музика, читаат книги, играат во паркови, уживаат во долги прошетки.
Сака да се дружи, но и брзо знае да селектира со кого - доколку слушне нешто што него не му е во ред, на пример несоодветни зборови, безобразни, ако види агресија кај другите деца ги избегнува и не сака да се дружи со нив. Тој точно кажува зашто прекинал во играта со нив, но сепак не се децата виновни, сѐ е до едукацијата од дома, нели?
Колку е потребна помош во животот со деца со аутизам?
Зависи од степенот на попреченоста на детето со аутистичен спектар на нарушување, но секако, секогаш е потребна, не само помош, туку и разбирање и поддршка од најблиските и од околината со која се опкружени децата со аутизам.
Што би рекле дека е најтешкото нешто за вас како мајка на детенце со аутизам? А, кој е најголемиот благослов?
Нема ништо тешко кога навремено се прифаќа состојбата и се работи и на себе, и на детето.
Најголемиот благослов е тоа што децата ми се живи и здрави и покрај сите искушенија што животот ни ги носи секојдневно, што сепак останувам со својата трпеливост и љубов кон секој предизвик.
Каков совет би дале на родителите кои имаат дете со аутистичен спектар?
Како мајка на дете со аутизам би им дала совет никогаш да не се откажуваат од работата со своето дете, а воедно и да работат пред сѐ на себеси - само така ќе успее и нивното дете да се подобри.
Стојам на располагање да ме контактираат сите на кои би им користел мој совет.
Во вашата книга „Гласот од тишината“ го споделувате своето животно искуство. Раскажете ни малку повеќе за инспирацијата за истата.
Во книгата е споделено секое мое разработено несвесно ЈАС и истражувањето кај аутизмот на едно дете, сите подеми и падови кои животот ми ги приредил.
Ова е книга за секое човечко битие кое секојдневно наидува на препреки, сеопфатна е и вреди да се прочита.
Инспирацијата е токму фактот што секојдневно наидувам на луѓе со очај и болка која ја потиснуваат во себе, на родители кои не знаат каде и како понатаму. Мотивација ми е сето она што го имам доживеано и преживеано и согледано во мојата околина.
©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.
Е. П. | Црнобело / фото: приватна архива