Успешни Македонци низ светот: Катерина од Гостивар работи во водечка ИТ компанија во Германија
- Детали
- четврток, 09 ноември 2023
„Постои разлика меѓу платите помеѓу мажите и жените во ИКТ секторот, но ме радува фактот што многу компании настојуваат да ги подобрат условите за жените“ - вели во интервју за CRNOBELO.com, Катерина Велјаноска, Македонка која неколку години работи како програмер во Бон, Германија.
Катерина Велјаноска (33) е гостиварка, која живее и работи во Бон, Германија, заедно со своето семејство, и е активист на Woman in Tech во Германија.
Катерина е специјалист за Cloud Computing и DevOps, а откако на Универзитетот за Југоисточна Европа во Тетово дипломирала на катедрата за компјутерско инженерство, на истиот универзитет во Скопје ги завршила постдипломските студии од областа на компјутерските науки.
Освен што е максимално посветена на својата работа, таа се заложува жените повеќе да бидат застапени во информатичкиот сектор, а во интервју за CRNOBELO.com зборува за тоа како е да се биде жена која работи во сектор, каде што сè уште доминантните и раководни позиции најчесто им се доделуваат на мажи.
Проследете го целото интервју со Катерина:
Од каде љубовта за компјутерските науки и кога за првпат сфативте дека имате талент за програмирање?
Уште во средно образование имав голем интерес кон компјутерските науки и одлучив моето образование да го насочам кон тоа поле.
Посебна благодарност кон мојот професор по компјутерска архитектура на Универзитетот за Југоисточна Европа, господинот Азир Алиу кој имаше големо влијание врз поттикнувањето на интересот за компјутерските науки и ме охрабри понатаму да го развивам мојот талент за програмски вештини.
Секако, тука се и сите останати професори на кои сум им многу благодарна.
Кога го добивте првиот компјутер и што беше прво што научивте да правите на него?
Првиот компјутер го добив како подарок од моите кога бев дете.
Првите работи што ги научив беа основни вештини за користење на компјутерот, а потоа се заинтересирав за тоа како функционира компјутерот и истражував во таа насока.
Се смета ли сè уште програмирањето само за машка професија?
Да, за жал жените ги има помалку во оваа професија, но лично сметам дека тие се исто така успешни како и мажите и постигнуваат големи резултати во полето на информатиката.
Со оглед на тоа дека студирав во Универзитетот на Југоисточна Европа можам да кажам дека таму посебно внимание се обрнуваше за поттикнување и мотивација на женските студенти во полето на компјутерските науки.
Уште во студентските денови бевме ангажирани во многу презентации и промоции и нè насочија кон заедничко вмрежување на жените во технологија.
Јас сум ентузијаст за вклучување на сè поголем број на жени во компјутерските науки, сум мотивирана во тоа што го работам и секојдневно се трудам да поттикнам сè повеќе млади девојки да го следат мојот пат во градење на кариера во полето на компјутерските науки и секогаш ќе бидам тука да ги поддржам за да ги надминат сите предрасуди со кои се среќаваат на нивниот пат за градење на успешна кариера.
Во таа насока беше и моето интервју кое неодамна го дадов за Woman in Tech за Германија, Австрија и Швајцарија.
Постои ли разлика во платите меѓу мажите и жените во ИКТ секторот? Кој заработува повеќе?
Да, мое мислење е дека постои разлика меѓу платите, но ме радува фактот што многу компании се заинтересирани за оваа проблематика и настојуваат да ги подобрат условите за жените во ИКТ секторот.
Сепак треба да имаме предвид дека платите се во зависност и од нивните вештини, искуства и работни позиции.
Што е она што го сметате за најголем успех што сте го постигнале досега?
Со мојата посветеност во работата јас успеав да бидам промотор на жените во технологијата и сум активен член на Woman in Tech во Германија.
Нашето здружение има за цел да ги поддржи и да го охрабри учеството и напредокот на жените во информатичката и технолошката индустрија.
Јас сум добитник на еден од најголемите грантови за доусовршување во областа на DevOps кој го доделува Германија на успешните млади информатичари.