Сузана Спасовска е наша инспиративна наставничка - работи со љубов, ја декорира училницата, децата ги смета за најчисти души
Според Вас, кои се највредните карактеристики на еден наставник?
Најважната карактеристика на еден наставник е пред сè да ги сака и да ги почитува учениците. Потоа да успее да направи чувство на заедништво од сите негови ученици кои доаѓаат од различни семејства, да им овозможи чувство на припадност во училницата, да ја доживеат како свој втор дом.
Да биде достапен за комуникација во секое време, да биде грижлив подеднакво кон сите ученици. Да постави високи очекувања за своите ученици, но и да се труди и да им помогне истите и да ги достигнат. Да се труди да ги инспирира своите ученици постојано за осознавање на нови знаења.
Да се приспособува на потребите на своите ученици. Има уште многу други, но доволно е да ги поседува овие.
Што Вам, Ви е најтешко во професијата?
Мојата професија си ја работам со голема љубов и не можам да кажам дека има тешкотија што се однесува во однос на работата со ученици. Да речеме гореспоменатата административна работа, но со тек на време се навикнав и на неа.
Со кои предизвици се соочувате како наставник?
Да се биде наставник денес треба да сме спремни на секакви предизвици и да се приспособуваме многу брзо и лесно на глобалните промени.
За мене постојан предизвик е да успеам да создадам желба кај моите ученици за учење, напредок, да постигнат повисоки цели од оние коишто самите си ги поставиле.
А најголемиот предизвик ми беше за време на пандемијата кога за краток период требаше да се подготвувам за учење на новата платформа, а воедно имав и ученици со физичко присуство во училница. За првпат почувствував страв дека нема да можам да го дадам максимумот од себе.
Но, за кратко време го надминав и тој предизвик и слободно можам да кажам дека сум горда на самата себе, затоа што јас не сум растена со компјутери. Почнав да ги користам на повозрасни години и од таа причина постоеше страв кај мене.
Покрај наставната програма, колку често воведувате екстра активности и кои се тие?
Реализацијата на наставната програма не би била успешна и не би имала ефект доколку не се воведуваат новитети и екстра активности.
Најлесно се учи преку игра, а интернетот ни нуди безброј едукативни игри преку кои научуваат и послабите ученици затоа што тоа го доживуваат како забава. Потоа, најразлични истражувања и експерименти кои ги правиме со учениците, а многу често вклучуваме и родители со различни професии.
Што е најважно за еден ученик внимателно да ја следи наставата? Со кои тактики го задржувате нивното внимание?
Доколку се предава материјата на интересен начин и се внесуваат новитети, успехот е загарантиран. Особено е важно да не им се даваат само информации на учениците кои ќе треба да ги меморираат. Најважно е тие самите да истражуваат и да доаѓаат до нови сознанија.
Најчесто работиме во групи каде што учениците истражуваат на една тема од најразлични аспекти, а потоа ги споделуваат информациите и сите дискутираат и даваат свое мислење. Вака сработена нова наставна единица многу повеќе се памети и знаењето е долготрајно.
На овој начин успевам да ги вклучам и најнезаинтересираните ученици. Секое мислење се слуша се дискутира и од секое се извлекува она најдоброто.
Мојата улога е да ги насочувам и да им помагам на учениците како најлесно да го совладаат материјалот. Ова особено дава добри резултати.
Имате ли поддршка од родителите на учениците? На кој начин соработувате со нив?
Родителите нам ни го доверуваат она што нив им е најважно во животот. Своето дете. Секако треба да имаат доверба во наставникот.
Довербата треба да си ја заслужиме ние самите со нашиот однос и пристап кон родителите. Кога ќе успееме да го направиме тоа поддршката и соработката со родителите ни е на највисоко ниво.
За успех на секое дете многу е важна соработката на родителот и наставникот. Најчестата соработка е во изнаоѓање начин да се олесни учењето на детето и да се постигнат добри резултати и дисциплина која е многу важна.
Потоа, во организација на прошетки, излети, посети, најразлични прослави во текот на учебната година. Исто така многу често повикувам и родители да бидат дел од наставниот процес кога наставните програми го дозволуваат тоа.
Со родителите се организираат и најразлични работилници и хепенинзи, а средствата собрани од истите ги користиме за потребите на одделението.
Дали според Вас, учениците доволно читаат, задолжителните лектири и книги по избор?
Дали учениците ќе ги читаат задолжителните лектири и книги по избор многу зависи од нас наставниците. Моето искуство како родител и како наставник кажува дека ние сме тие што треба да им создадеме навики и љубов кон читањето.
Јас лично многу читам благодарение на мојата наставничка од средно по македонски јазик. Се трудам кај сите мои ученици да ја развијам љубовта кон книгата и досега имам голем успех.
Многу е важно прочитаното од страна на децата да се дискутира за време на слободните активности за да сфатат дека не читале напразно, да се вреднува и да се испочитува нивниот труд. Јас така успевам моите ученици да ги мотивирам, освен задолжителна, да читаат и друга литература.