Драгана од Скопје: „Имам над 1.000 барбики, омилената ја платив 400 евра, заради филмот Barbie интересот за куклите порасна“
- Детали
- среда, 26 јули 2023
„Моментално омилена ми е куклата Elina од филмот Barbie Fairytopia од 2006 година која е самовила, а крилјата ѝ светат. Барби манијата дефинитивно го раздвижи пазарот и ги зголеми цените, но знам дека тоа минува брзо“ – вели во интервју за CRNOBELO.com Драгана Василевска, колекционер на барбики.
Драгана од Скопје е дипломиран професор по француски јазик и книжевност која има импресивна колекција од „Барби“ кукли.
Таа во моментов има над 1.000 кукли, од кои има отворени, но и нови во кутија, а со неа разговаравме повеќе за тоа како „Барби“ треската што го зафати светот влијае врз нејзиното хоби и колку цените на куклите пораснаа откако премиерно беше прикажан филмот Barbie со Марго Роби и Рајан Гослинг.
Проследете го целиот разговор со Драгана:
Која ти е најдрагата барбика во моментов?
Моментално омилена ми е куклата Elina од филмот Barbie Fairytopia од 2006 година која е самовила, а крилјата ѝ светат.
Како мала посакував да ја имам, но дури 20 години подоцна си ја исполнив желбата.
За која од барбиките што ги поседуваш најмногу си се измачила за да ја пронајдеш? Раскажи ни што се случи?
Има повеќе барбики кои се класифицирани како „ретки“ или потешко се наоѓаат.
За мене конкретно имало 2-3 такви, но со трпение сум ги собрала сите. Се работеше за барбиката Elina од филмот Barbie Fairytopia .
Барбиката била пуштена во продажба кратко време пред премиерата на филмот во 2007 година, но брзо потоа сите од истата биле повлечени од продавниците и на нејзино место била издадена нова, различна кукла.
Имено, се работело за прототип издание каде Mattel по грешка ги пуштиле прототипите во продажба.
Барбиката не била наменета да се продава туку била сѐ уште експериментална додека се одлучувале кое издание да го произведуваат.
Тие луѓе кои тогаш имале шанса да ги купат барбиките од продавница успеале, кратко потоа сите од нејзе биле уништени од страна на Мattel.
За среќа, имало колекционери кои решиле да не ја отвораат и да ја зачуваат за еден ден да им донесе пари, и вистина така било: 16 години после, истата кукла вреди над 500 американски долари.
Јас долго време ја барав и ја најдов кај колекционер во Холандија кој ми ја продаде за 400 евра.
Интересен е фактот дека тој ја купил за само 50 евра од холандскиот пазар, од жена која воопшто не ја знаела вредноста.
Во нашиот случај продавачот си зеде убави пари, а јас „собрав сили“ и одвоив пари за да можам да си ја дозволам.
Постои ли некоја барбика по која подолго време трагаш? Која е таа?
Јас секогаш наоѓам барбики кога не барам! Имавме случка оваа зима каде бевме со момчето во Италија и успеавме да прошетаме низ неколку градови.
За мене задолжително е да ги поминеме сите локални продавници за играчки бидејќи никогаш не знаеш што ќе најдеш, и така и се случи.
Додека одевме кон железничката во Торино попатно сретнавме старо продавниче со кукли каде влеговме и најдов 4 барбики кои ми фалеа.
Момчето ме погледна „под око“ бидејќи знае што ќе се случи, па ги купивме и моравме да си земеме и куфер на крај за да си ги донесеме.
Во главно ги имам собрано повеќето од оние „главни“ кукли, но се разбира дека сѐ уште има такви кои ми недостасуваат.
Моментално сум во потрага по барбиката „Мерлиа“ од филмот „Барби и приказната за Сирената“ од 2010 година.
Кај нас во Македонија се имаат продавано истите кукли, но сѐ уште немам сретнато некој кој ја чува нова во кутија и сака да ја продаде.
Не е ретка барбика, но повеќето од огласите се во Америка, па доставата ми е скапа. Доколку ја најдам во Европа или уште поубаво во Македонија би ја зела сигурно!
Го изгледа ли новиот филм Barbie и кои се твоите впечатоци?
Го изгледав филмот и бев на премиерата тука во Скопје.
Целата организација беше преубава, но за жал не успеавме да купиме метална кофичка за пуканки.
Додека стигнавме, сите биле распродадени за помалку од час. Интересен беше фактот што моето момче нудеше сума тројно поголема од онаа која се продаваше на минувачи во Сити Мол кои веќе ја имаа кофата.
Но, и покрај тоа што имаше луѓе кои држеа и до 3 кофички во рацете, никој не сакаше да ни ја продаде. Па, еве еден апел и до Синеплекс, доколку имаат барем една на залиха да ме контактираат.
Впечатоците ми се позитивни, филмот е хумористичен и забавен и дефинитивно би го погледнала уште еднаш!
Колку Барби влијае на твојот стил на облекување?
За изненадување, Барби влијае многу малку. Розово скоро и да немам во мојот гардеробер со исклучок на 2-3 парчиња!