Оливер Андреевски: „Цел живот посакував да бидам зет на Галичка свадба, aдетот кој го очекувам со нетрпение е бричењето“
- Детали
- вторник, 11 јули 2023
„Тие што ме познаваат знаат дека целиот мој живот сум посакувал еден ден да бидам јас зет на Галичка свадба, додека пак за Елисавета ова ќе биде прва посета и учество на манифестацијата. Со свршеницата се запознавме пред нешто повеќе од 6 години, а 5 години бевме многу блиски другари. Судбината реши минатата година во септември, токму во Галичник да се роди поблиска релација“, открива за CRNOBELO.com, Оливер Андреевски, годинешниот зет на „Галичка свадба“.
Следниот викенд (15-16.07) во Галичник ќе се одржи 60-тата по ред манифестација „Галичка свадба“. Годинава, зетот ќе биде Оливер Андреевски, кој по потекло е од Галичник од семејството Шулески, а невестата е Елисавета Булоска, со потекло од Охрид.
Подготовките за свадбата траат веќе подолг период, а младоженецот Оливер Андреевски во ексклузивно интервју за CRNOBELO.com ни откри повеќе детали за нивната врска, но и за тоа како токму тие биле избрани да бидат зет и невеста на годинешната манифестација.
Оливер (28) е дипломиран етнолог и антрополог, кој работи во Центарот за младински активизам ЦМА „Крик“, како координатор за вмрежување и развој, а невестата Елисавета (31) е дипломиран психолог и гешталт терапевт и работи самостојно како гешталт психотерапевт.
Оливер ни откри дека Галичник за нив како пар има мошне големо значење, а двајцата се особено горди што годинава биле избрани да бидат зет и невеста на манифестацијата.
Разговорт со Оливер Андреевски:
Колку години сте во врска со Елисавета и дали бевте возбудени што токму вие сте избрани да бидете зет и невеста на годинешната манифестација?
Со Елисавета се запознавме пред нешто повеќе од 6 години и 5 години бевме многу блиски другари.
Судбината реши минатата година во септември, токму во Галичник да се роди поблиска релација, а веќе во април да нѐ натера да се пријавиме за зет и невеста на Галичка свадба.
Тие што ме познаваат знаат дека целиот мој живот сум посакувал еден ден да бидам јас зет на Галичка свадба, додека пак за Елисавета ова ќе биде прва посета и учество на манифестацијата. Секако дека сме возбудени, а како се наближува денот возбудата расте од час во час.
Колку години наназад си бил учесник на манифестацијата Галичка свадба?
На галичката свадба поактивно учествувам од 2016-та година, додека во претходните години сум бил само во публика.
Кој ќе биде кум на свадбата?
Кум на свадбата ќе биде Константин Карадафов, мој најдобар другар и колега.
Заедно со него ќе биде кумата Лидиа, која е Германка со една четвртина македонско потекло.
Кој дел од подготовките пред свадбата ти е најголем предизвик?
Најголем предизвик е помнењето на сите детали од обичаите.
Заедно со Елисавета, по неколкупати неделно го повторуваме сценариото во кое детално се опишани обичаите, за да се осигураме дека сме целосно подготвени.