Билјана Симовска, психолог: „Македонките се срамат да побараат стручна помош, a постпородилната депресија се јавува и кај мажите“
Психологот Симовска за CRNOBELO.com вели дека последиците од нетретирана ППД особено негативно се одразуваат на односот мајка–дете, на развојот на детето и предизвикуваат семејни проблеми...
Мајката која се соочува со ова нарушување има проблем во емоционалното поврзување со детето и потешкотии во грижата за него. Освен задоволувањето на основните потреби, таа не воспоставува доволно физички контакт и комуникација со бебето, не споделува нежности, не разговара со него, не му се насмевнува, не си игра, а може да го прекине и доењето.
Како последица од неадекватната емотивна врска со мајката, кај бебињата се зголемува веројатноста да се развијат емоционални и бихејвиорални проблеми (анксиозност, често плачење, нарушувања во исхраната и спиењето, заостанување во некои развојни процеси итн.), кои може да се провлекуваат и подоцна во животот.
Треба да се спомне дека во ретки случаи ППД може да се јави и кај татковците, а се манифестира со истите симптоми и негативно влијае на семејните односи, поддршката на мајката во грижата за бебето и останатите обврски и ја нарушува нивната добросостојба.
Како се третира постпородилната депресија?
Третманот на постпородилната депресија зависи од интензитетот и сериозноста на симптомите и нивното траење. Некогаш е доволно психолошко советување, но во потешки случаи е потребна фармаколошка терапија.
Психолошкото советување и психотерапијата придонесуваат за освестување и јакнење на капацитетите на личноста и се покажале како ефективен начин на надминување на ППД и слични состојби како постпородилната тага.
Кога постојат потешки симптоми, на пример суицидни мисли, мисли на самоповредување или повредување на бебето или историја на депресивно нарушување, неопходна е антидепресивна терапија, препишана од психијатар, а потоа и редовни контроли.
Важно е да се напомене дека, без разлика дали се работи за поблага или потешка депресивна форма, треба да се побара стручна медицинска помош за да се утврди исправна дијагноза и третман, бидејќи некогаш некои други здравствени состојби (на пример дисфункција на тироидна жлезда) може да предизвикаат слични симптоми.
Може ли да се спречи појавата на постпородилна депресија?
Ова се неколку совети кои може да помогнат во превенирање или ублажување на последиците од ППД:
Родителите да не си поставуваат превисоки очекувања од себе и да се растеретат од сомнежите дали се доволно добри родители;
Да го негуваат својот однос и заедничката поддршка;
Мајката да се поврзе со своето бебе во текот на бременоста, на пример преку галење на стомакот, зборување, изразување љубов и радост за доаѓањето на бебето;
Ако има услови, таткото или друга блиска личност да бидат присутни во текот на породувањето;
Мајката да биде социјално активна и да одржува контакт со пријателите;
Да побара помош во грижата за бебето кога има потреба за одмор;
Да практикува некоја физичка активност, да има квалитетна исхрана и да се грижи за своето здравје.
Дали жените во Македонија бараат стручна помош во случај на постпородилна депресија?
Превенцијата е најважна за да се избегнат компликациите и последиците од ППД. Во прва линија се матичните доктори, гинеколози и педијатрите кои го следат развојот на бебето, па имаат задача да информираат и едуцираат и навремено да реагираат со стручни насоки ако забележат некои од ризик факторите.
Според некои статистики 1 на 7 жени страдаат од ППД, а се смета дека 50% од жените кои имаат вакви тегоби не бараат стручна помош и поминуваат незабележано.
Ова ја отсликува состојбата во пошироки светски рамки, но истото важи и за Македонија.
Повеќето мајки не се ни свесни за својата состојба или се срамат да побараат помош.
Причините за ова се различни како недоволна информираност, културата и односот кон менталното здравје, поддршката од средината, достапноста до квалитетни здравствени услуги, социоекономскиот статус и слично.
Кај нас последните години има извесен напредок во барањето стручна помош и психолошки услуги, но сметам дека треба да се работи на подигањето на свеста кај нашата популација за важноста на менталното здравје и корисноста на психолошкиот третман кај состојби на ППД и други психолошки нарушувања.
Доколку имате потреба од совет или стручна помош, психолог Билјана Симовска можете да ја контактирате на мејл: Оваа е-адреса е заштитена од спамботови. Треба да ви е овозможено JavaScript за да ја видите..
©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.
А. Ј. | Црнобело