Иван Наумовски - оперски пејач со урбан стил: „Кога сум на сцена заборавам на сè што сум жртвувал во животот“
На Инстаграм често објавуваш фотографии од другите патувања. Можеш ли да издвоиш една дестинација што ти оставила најголем впечаток?
Египет! Без двоумење. Карнак храмот, пирамидите, сфингата, Луксор, црвеното море, нуркањето, сафарито, Каиро, прекрасните луѓе.
Огромен е Египет и исполнет со добри луѓе кои не поседуваат многу материјални добра, но се среќни, и може да се добие едно искуство и да се научи од тоа.
Уште како дете кога ја читав книгата „Историја на уметноста“ од H.W. Janson ми оставија впечаток страниците од древен Египет.
Минатата година имав можност да ги посетам сите места на кои сум се восхитувал. Не можам да го опишам тоа чувство на задоволство. Топло го препорачувам Египет како дестинација.
Со кого најчесто сакаш да патуваш?
Со луѓето кои ми значат во животот. Најчесто патувам за работа, а не за задоволство, и затоа тие патувања со блиските оставаат уште поголем траг во животот, затоа што се ретки.
Каква музика слушаш вообичаено кога се будиш? Што е она што ти дава доволно сила и енергија за да го започнеш денот?
Рано наутро не практикувам слушање музика, зошто понатаму во денот следат часови со студентите или мои проби за претстојните концерти, така што денот ми е целосно исполнет со музика.
Енергија имам секогаш, затоа што секој нов ден го чувствувам за нов предизвик и не знам што може да ми донесе.
Конкретно за популарна музика ги обожувам сите музички стилови, но најмногу ги сакам старите песни, оние пионерските рок песни.
Најмногу сакам да слушам музика во автомобил. Некогаш тоа што има на радио, некогаш соул, блуз, рок, поп, некоја симфонија или соната.
Некогаш подинамична и брза музика, некогаш балади. Сè зависи од тоа како се чувствувам и за каква музика конкретно сум расположен.
Но, кога ќе седнам на пијано, секогаш го свирам Оливер Драгојевиќ. За тој изведувач сум секогаш расположен.
Како вообичаено изгледа еден твој ден? Имаш ли некои ритуали што сакаш да ги споделиш?
Вообичаено денот ми е исполнет со најблиските, музика и работа. И без разлика дали е сончево, облачно, врнежливо или снежи, секогаш сум среќен затоа што го правам она што го сакам.
Ритуали немам, но има моменти кога чувствувам дека морам да бидам сам.
Тие моменти ми се еден вид медитација.
Кога џогирам, кога играм тенис, или одам во фитнес-центар ми е еден вид медитација, иако се давам физички.
Играњето шах или да испијам кафе ми е медитација. Да прочитам нешто што ме интересира исто така знае да ме одмори и да ми ги наполни батериите.
Одморот е есенцијален за да имам енергија да се дадам себеси на својата работа и на најблиските.
Кој е твојот ритуал пред настап? Има ли нешто што вообичаено правиш за да се подготвиш за настап на сцената?
Со социјалните мрежи се појави еден ритуал кој го практикувам и познат им е на моите следбеници.
Јас сум љубител на рачни часовници и секогаш со слика од часовникот кој го носам го најавувам почетокот, односно времето кога почнува концертот.
Тоа е еден ритуал каде што сите можат да видат каде и во колку часот настапувам.
Која е највисоката цел што би сакал да ја постигнеш во иднина? На која сцена би сакал да настапуваш еден ден?
Целта ми е понатаму како и досега да се стремам кон усовршување и да бидам присутен на меѓународната музичка сцена, како и во Македонија.
Секако дека ми е желба да настапам во некои врвни оперски куќи, но големо задоволство ми претставува да настапувам во Македонија и да изведувам премиерни композиции од македонски автори, и да ја негувам македонската класична музика, како и да ја промовирам интернационално.
А како професор би сакал да ги научам моите студенти на техничкиот и интерпретаторскиот аспект од пеењето, за да можат да бидат што поуспешни.
©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.
Б. С. Б. | Црнобело