Александар Маркоски: „Патував 53 дена низ Африка со шатор, запознав сопственичка на болница за каснување од змии“
- Детали
- петок, 03 март 2023
Александар Маркоски е роден во Прилеп, а веќе неколку години живее и работи во Хамбург, Германија. Тој е страстен планинар, велосипедист, номад, патувач, фотограф, стоматолог… За себе вели дека е среќно неоженет без куче/маче, без одговорности. Има посетено 56 држави на 4 континента и посветено работи на остварување на своите соништа и многуте планови.
Александар Маркоски на својот Инстаграм профил редовно ги споделува впечатоците од своите патувања.
Во продолжение следува разговор со Александар кој ни раскажува за неговата авантура низ Африка која траеше скоро два месеци...
Неодамна се врати од патување која започна во Момбаса, Кенија, а заврши во Кејп Таун, Јужноафриканска Република... Како беше организирано целото патување кое траеше скоро два месеци?
Точно така, пред кратко време се вратив од едно патување низ Африка и иако вообичаено сум навикнат да патувам во сопствена организација, трагајќи по слобода, но во овој случај го согледав недостатокот на backpacking – инфраструктура и претпазливоста зачинета со европски стереотипи, не познавајќи ја општествената структура и културолошките навики на овој пра-континент (разликите на големо мое изненадување и не се толку големи, но сепак постојат) и грижата на моите блиски ме натера да се одлучам на ова патување од кое најголемиот дел беше организирано како активен одмор со агенција (40 дена), а почетокот и крајот беше време за себе, во сопствена режија.
Престојуваше 53 дена во Африка – како изгледаше маршрутата која ја помина за тој период?
Да, маршрутата започна во Момбаса, Кенија мојот прв допир со Индискиот океан, за да продолжи кон Најроби, главниот град на Кенија, најголем и најразвиен град во источна Африка. Во хаосот на Најроби се обедини зачетокот - групата од 9 млади луѓе (подоцна се прошири до 20 души), кои доаѓаа од повеќе точки на овој свет, Нов Зеланд, Швајцарија, Германија, Норвешка, Велика Британија, САД, Холандија итн.
Продолживме кон Танзанија преку Аруша, Серенгети, Нгорогоро, Дар ес Салам, Занзибар, Иринга за да преминиме кон Малави и познатото езеро кое го носи истото име.
Од Малави, каде и прославивме Нова година, патувањето продолжи кон Замбија во националниот парк јужна Луангва, потоа Лесото за да после 20 дена дојдеме до гратчето Викторија Фолс (Викториините водопади) во Зимбабве. Оваа точка беше за неколкумина крај на патувањето но исто така и почеток на нова дружба со нови луѓе кои се приклучија тука.
Наскоро преминавме во Боцвана, посетувајќи го Чобе националниот парк и продолживме кон Маун и Окаванго делта. Фасцинирани продолживме преку Калахари, пустината во Намибија, потоа Виндхук-главен град на Намибија, за да се упатиме кон последниот маларија ризичен регион Етоша национален парк.
Од Етоша патувањето продолжи кон Шпитцкопе, Швакопмунд, пустината Намиб, Фиш-ривер кањонот за да преминеме во последната држава на ова патување Јужноафриканска Република. Во Јужна Африка преку Спрингбок се упативме кон еден од трите главни градови на оваа република Кејп Таун.
Колку визи ти беа потребни за да ги посетиш сите овие земји?
За жал, Македонија сè уште нема развиено дипломатски односи со африканските држави, па за осум држави ми беа потребни осум визи. Доброто е што најголемиот дел од нив може да се добијат преку онлајн апликација.
Каде преноќуваше за време на патувањето?
Како што споменав претходно, концептот на патувањето беше активен одмор, па со тоа најголемиот дел од ноќевањата беа кампување во шатори, а со тоа и посебен контакт со опкружувањето и природата.
Скоро целото патување го помина со луѓе од различни држави. Како изгледаше ова групно патување, ако земеме предвид дека најчесто си навикнат да патуваш сам?
Во секој случај патувањето во група за некој кој е навикнат да патува сам или со друштво, но во сопствена организација, претставува голем предизвик, особено ако се земе предвид тоа што поминувавме доста долго време заедно во тесен простор на нашиот Ландо (кампинг автобус).
Сепак, можам да речам дека целиот предизвик беше интересно искуство кое во секој случај носи промени кај секого.
Според тебе зошто Занзибар е толку популарна дестинација?
Занзибар е еден прекрасен архипелаг, со совршено пријатна клима бели песочни плажи и топла вода од Индискиот океан. Интересна мешавина на Африка, зачини, ислам и јужно-азиска, индиска култура.
И покрај тоа што мојата посета беше во европска зима, поточно за време на католички Божиќ, владееја прекрасни 35 Целзиусови степени и претежно сончево време.
Кои ти беа најинтересните моменти од целото патување?
Ова туристичко патување ми понуди посебни моменти за паметење. Морам да ги истакнам: кратерот Нгорогоро и Серенгети, Малави како една од најсиромашните земји во Африка, Викторините водопади, Окаванго делтата и пустината Намиб.
Посети неколку национални паркови, па какво искуство се сафари екскурзиите?
Вкупно на целото патување посетив седум национални паркови, а со тоа и имав можност за исто толку сафари екскурзии, но поради сезоната на миграција на животните особено голем впечаток ми остави тридневното сафари во Серенгети и Нгорогоро кратерот кои со самото географска поставеност претставуваат пред сè пејзажен вариетет, но исто така во овој период поради изобилието на животни особено интензивно искуство.
Блиските средби (приближно 2-3 метри) со лавови, слонови, жирафи, носорози, бафала, леопард, гепард и илјадниците газели, антилопи и зебри оставаат секој еден без здив…
Набљудувајќи ги во нивното природно опкружување и активности, особено ако имате среќа како нас, па имате можност да ги набљудувате сцените на лов и интеракција помеѓу различните видови.