Александар Маркоски: „Патував 53 дена низ Африка со шатор, запознав сопственичка на болница за каснување од змии“
Ниту едно патување не може да помине без вкусување на локалната кујна. Каква е храната во Африка? Што ти се допадна, а што не?
Храната во Африка ја знаеме како светски познат проблем, но сепак изобилува со разновидност и интензитет. Најчесто храната ја купувавме попатно од локални извори.
Особено во источна Африка вредно е да се спомене изобилието на овошје и зеленчук, а за да го осетиме вистинскиот вкус на Африка се погрижи нашиот водич кој истовремено беше ангажиран околу готвењето на локални специјалитети.
Изненадувачки беше дека очекувањата за зачинета храна не беа исполнети, односно поради високите цени на зачините локалното население не е во можност да ги користи толку често.
Морам да напоменам дека кујната се ориентира премногу на месо, кое и на некој начин претставува општествен престиж и тоа беше дел кој не ми се допадна. Но исто така нема да го заборавам стекот од Куду во Боцвана.
Кои се највпечатливите ликови што ги запозна на патувањето?
Хм, ова е многу тешко за одговор, мојата страст е запознавање и интеракција со локалци, но и случајни средби со други патувачи…
Грубо би издвоил само мал број и не би навлегол во детали зошто: Елиза (21, Германка, која имала 6-месечно волонтирање во Кенија), Фарај (нашиот возач), Ма (сопственичка на камп во Аруша, болница за каснување од змија), Патрик (такси-возач, сонува да оди во Европа), Мојсеј (пријател од Малави, рибар), Ноам (21 годишна Израелка, патува сама низ Африка) и уште многу, многу други прекрасни души, разговори, размени…
Оствари ли контакт со локалците и успеа ли да продреш до начинот на кој тие живеат?
Како што спомнав претходно, да, и тоа ми е особено привлечно водејќи се од максимата дека сите сме луѓе, но со различни услови на развој… Па, се развиваме во различно убави индивидуи.
Треба малку вештина и напор за да се надминат стереотипите од двете страни, но потоа останува еден длабок и искрен допир.
Но, не смееме да заборавиме да споменеме дека глобализацијата и интернетот прави една груба зашеметеност; збунетост кон потребите, можностите и желбите, особено на оние групи кои биле во долга колонијална или општествена изолација.
Кенија, Танзанија, Занзибар, Замбија, Зимбабве, Боцвана, Намибија, Јужноафриканска Република… Од сите овие посетени земји во која повторно би се вратил?
Уф, повторно тешко, би сакал да ги поминам сите овие држави повторно, но овојпат со многу повеќе време во календарот. Африка има многу што да понуди.
Иако се сите во Африка, успеа ли да ги соочиш сличностите и разликите што постојат во земјите кои ги посети за време на експедицијата?
Да, особено помеѓу источна и југо-западна Африка, прилично драстична разлика во инфраструктура, стандард и општествени проблеми. Грубо земено колонијалната историја од различни колонизатори го има оставено овој печат зад себе.
На што те научи Африка?
Африка ме научи што е хакуна матата и поле поле (памана памана) и колку е вредно да се примени во животот.
©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.
Е. Х. | Црнобело