Ева Богоевска, наша виолинистка: „Тајланд е рајот на земјата, но постапката за виза навистина ме измачи“
- Детали
- недела, 05 февруари 2023
„Тајланд е рајот на земјата, прекрасните плажи и острови никого не можат да остават рамнодушен, бањањето со слончињата беше искуство што беше од непроценливо значење за мене, а ми оставија впечаток посетата на тигрите и секојдневните дружења со мајмунчињата“ – открива за CRNOBELO.com македонската виолинистка Ева Богоевска, која важи за „чудо од дете“ меѓу младите македонски музичари.
Ева Богоевска од Скопје e 23-годишна виолинистка, редовен член на Македонската Филхармонија со работно место – прва виолина тути. Важи за една од најпознатите млади македонски музичари, со голем број признанија и награди, а во интервју за CRNOBELO.com открива дека кога не патува за музички настапи, тогаш патува за да одмори и да ги посети местата и земјите што сака да ги види.
Ева започнала да изучува виолина на 7-годишна возраст во класата на проф. Анна Кондратенко, а на само 16-годишна возраст се запишала на Факултетот за музичка уметност во Скопје во класата на проф. Олег Кондратенко и во 2020-та година дипломирала со највисок просек 10,00.
Во 2021-ва година ја добила наградата за најдобар студент во државата од Факултетот за музичка уметност во Скопје.
Во 2022-ра година магистрирала со највисок просек 10,00 во класата на еминентниот педагог проф. Сергеј Островски кој предава на музичкиот универзитет во Женева, Швајцарија.
Ева е добитник на голем први меѓународни награди меѓу кои позначајни се:
- Прва награда на Фестивалот за музика во Сан Ремо, Италија во 2012 година;
- Лауреат од прв степен на реномираниот Меѓународен фестивал за класична музика во Санкт Петербург, Русија.
- Во 2016 година, како претставник од нашата земја, освоила Гранд При на Меѓународниот Фестивал за класична уметност и култура кој се одржа во Ерусалим, Израел.
- Во 2017 година добила прва награда на најголемиот Интернационален натпревар за класична музика базиран во Њујорк.
- Како прво наградена во својата категорија (во која се натпреваувале околу 200 кандидати од сите континенти во светот) ја добила наградата-концертен настап во Карнеги Хол, Њујорк.
Ева има настапувано повеќепати како солист со Македонската филхармонија како и со Националниот оркестар на операта и балетот во Хо Ши Мин, Виетнам.
Како солист има остварено солистички настапи во Словачка, Малезија, Виетнам, Италија, Русија, Франција, Австрија, Чешка, Унгарија, Португалија, Америка, Израел, Турција и кај нас.
Има учествувано на повеќе семинари и интерактивни конференции меѓу кои позначајна е конференцијата која се одржа во Берлин, Германија, каде земала активно учество со свој труд како претставник на нашата Музичка младина на првата конференција за нови начини во изведбите на класичните дела организирана од Интернационалната музичка Младина.
Ева е член на оркестарот за филмска музика FAMES, со кој има остварено концертен настап во Дубаи, Обединети Арапски Емирати.
Но, кога не патува заради настапите, Ева секој слободен миг го користи за да отпатува некаде на одмор, а неодамна беше во посета на Тајланд,.
Искуството од посетата на оваа земја го пренесува за CRNOBELO.com:
Колку земји си посетила досега и колку често патуваш?
Јас обожавам да патувам. Патувањето ме прави среќна и исполнета. Досега сум патувала во многу земји за реализација на мои концертни настапи и рецитали, но и туристички, за одмор.
Имам посетено над 25 земји меѓу кои позначајни се: Малезија, Виетнам, Тајланд, Италија, Монако, Шпанија, Русија, Франција, Швајцарија, Холандија, Германија, Австрија, Чешка, Унгарија, Словачка, Португалија, Америка, Израел, Турција, Обединети Арапски Емирати, Египет, Тунис…
Дали виолината секогаш и секаде ја носиш со себе и дали кога патуваш задолжително оставаш период во денот наменет за вежбање?
Кога патувам за одмор, најчесто не ја носам виолината со мене, но секогаш чувствувам одговорност и „грижа на совест“ бидејќи не вежбам во тие денови кои сум ги предвидела за одмор.
Често размислувам и на тоа колку време ќе е потребно да ѝ посветам на виолината после одморот за да се вратам во посакуваната кондиција.
Колку часа се патува од Македонија до Тајланд?
Патував од Скопје до Виена околу два часа, а потоа од Виена до Бангког околу единаесет часа.
Престојував два дена во Бангког, седум дена на Пукет и 4 дена на прекрасниот остров Пи-Пи.
Што беше прво што ти остави впечаток кога пристигна во Тајланд?
Најголем впечаток ми остави тајландската култура, кујна и природа. Прекрасните разнобојни будистички храмови и палати и високите облакодери, тајландската кујна зачинета со прекрасните луто-кисели и слатко-лути сосови и тропските овошја како мангостин, драгон фрут, рамбутан.
Прекрасните плажи и острови никого не можат да остават рамнодушен.
Тајланд е рајот на земјата и е дефинитивно дестинација за одмор која би ја препорачала на сите.