Оливер Јанкуловски: „Цели 8 години чекав австралиска виза - работам 2 работи, Мелбурн е совршен, но сè е предалеку“
- Детали
- вторник, 03 јануари 2023
„Добив покана од тетка ми да ги посетам во Австралија и јас со задоволство ја прифатив. Кога отидов, се заљубив во Австралија и единствен начин да се вратам таму, беше да учам, па моето семејство се жртвуваше за мене и некако собра доволно финансии да ме испрати. Потоа, следуваше долг и болен процес за да се добие постојана виза, особено затоа што бев сам и сè требаше сам да финансирам, па затоа паралелно со студиите работев“, ја започнува својата приказна Оливер Јанкуловски (36) за CRNOBELO.com.
Оливер Јанкуловски (36) по потекло од Горно Оризари, битолско, има завршено средно образование во Битола, па потоа заминал на факултет во Софија, Бугарија и по факултет отпатувал во Австралија како турист, но оваа земја му станала дом.
Оливер живее веќе 12 години во Австралија, но со големи отсуства од по неколку години, затоа што токму патувањето му е најомилено хоби.
Оливер за CRNOBELO.com открива детали за животот во Австралија:
Зошто токму Австралија? Кога прво ти падна на ум идејата да се преселиш и колку време беше потребно до реализација? Сам или со семејството?
Голем дел од мојата фамилија живее во Австралија од 80-тите години, па пораснав со идејата дека еден ден ќе ја посетам.
Добив покана од една тетка да ги посетам откако дипломирав и јас со задоволство ја прифатив поканата. Кога отидов се заљубив во Австралија и единствен начин беше да се вратам да учам, па моето семејство се жртвуваше за мене и некако собра доволно финансии да ме испрати.
Потоа, следуваше долг и болен процес за да се добие постојана виза, особено затоа што бев сам и сè требаше сам да финансирам, од тоа што работев дури живеев таму.
Но, по 8 години успеав - станав државјанин, наспроти што дури и миграциски агенции ми кажуваа дека немам можност да останам.
Ти се допадна ли Австралија на прва? Беше ли тоа љубов на прв поглед по слетувањето или ти требаше период на адаптација?
Веднаш се заљубив! Не ми требаше многу размислување дали сакам да се вратам да живеам таму засекогаш, се чувствував многу повеќе како да припаѓам во тоа општество, oтколку во Македонија.
Зошто Австралија е уникатна земја?
Јас сум голем љубител на природа, птици и животни, а Австралија има сосема уникатна флора и фауна.
Доста од животните во Австралија се најопасни во светот и тоа ме фасцинира многу. А и има доста други уникатни карактеристики, но животинскиот свет ми е омилен.
Како ти изгледа секојдневието?
Па, во Австралија иако животниот стандард е многу добар, сепак мора доста да се работи.
Кога сум таму главно работам две работи една со полно работно време од понеделник до петок од 9 до 17 часот во канцеларија и другата ми е во зоолошка градина за викенди, што воедно ми е хоби.
После работа одам понекогаш на вежбање и половина денови од неделата излегувам на вечера или пијалак со пријатели или се релаксирам дома со чаша вино и Нетфликс.
За викенди често одам на т.н. „роуд трипс“ со пријатели и така времето ми е целосно исполнето и ретко имаш време да ти биде здодевно.
Колку брзо се снајде на поле кариера? Со што се занимаваш?
Па, најлесно да се остане беше да се учи за готвач, па поработев на тоа поле, сè додека не добив постојана виза, но ја напуштив работата, не ми се допаѓаше и заминав на 6-месечна прошетка по светот.
Кога се вратив, работев во туристичка агенција затоа што и тоа и ми беше факултетот.
По некоја година и тоа ми здодеја, па заминав на друго 9-месечно патување.
Потоа работев, како што споменав, во зоолошка градина, но со короната тоа стана многу сложено, па се вработив во државната администрација во одделот за вработување и иако оваа работа беше идеална сепак желбата за патување беше посилна и моментално сум на патување околу светот за година и пол, а за работа секогаш ќе има, кога и да се вратам во Австралија.