Бранко Илиески живее во Австралија: „Работам во пошта, а за време на викенди како шанкер - сакам да го прошетам светот“
- Детали
- недела, 11 декември 2022
На свои 20 години, поминувајќи низ Широк Сокак Бранко мечтаел еден ден да ги посети Седумте светски чуда кои ги сретнал во многу книги и документарни емисии. Бил свесен дека за тоа требало многу пари, па се одлучил да направи нов чекор во животот и затоа заминал во Австралија. Таму работи напорно и досега има посетено 4 Светски чуда. Инспиративниот битолчанец ја споделува својата животна приказна за CRNOBELO.com...
Битолчанецот Бранко Илиески, за многумина познат и како Branx, е човек чија најголема страст е патувањето. Живее и работи во Австралија. Веќе неколку години работи во австралиската пошта, а за време на викенди работи како шанкер и коктел мајстор.
Татко му е главниот виновник што го „заразил“ со вирусот на патување. Бил наставник и често го носел Бранко со себе на школски екскурзии низ Балканот.
На свои 20 години, поминувајќи низ Широк Сокак Бранко мечтаел еден ден да ги посети Седумте светски чуда кои ги сретнал во многу книги и документарни емисии. Бил свесен дека за тоа требало многу пари, па се одлучил да направи нов чекор во животот и затоа заминал во Австралија.
Љубопитноста го натерала во рекордно време да научи англиски јазик и да се вработи. Собирајќи ги првите пари успеал да резервира патување во Египет и тогаш го посетил првото Светско чудо, Големата пирамида во Гиза. На Бранко ова му е едно од најдрагите патувања и мотивација за сите нови подвизи во животот.
Бранко ни раскажува за своите патувања:
Бранко, постојано си во движење. Колку земји имаш посетено досега?
За сите овие години имам посетено околу 40 земји. Од Индија, Непал, Северна Кореја, Јапонија, Малдиви, Египет па сè до Француска Полинезија и уште многу други држави.
До ден денес сè уште патувам, никогаш немам застанато... Не можам ни самиот да си одговорам, но постои нешто однатре што постојано ме тера да откривам нови дестинации. Сфатив дека за „вирусот“ за патување не постои лек!
Патувањата се најголемите изненадувања за мене. Посебно оние каде што можам да видам како живеат други луѓе, да запознам поинаква култура, историја, да склопам нови пријателства... Тоа е нешто магично, а оние кои патуваат верувам дека ќе ме разберат.
Кога постои јазична бариера како успеваш да се разбереш со луѓето?
Во повеќето земји се зборува англиски јазик, така што на тој начин пробувам да се разберам со луѓето што ги запознавам на патувања. Ама секогаш прво истражувам за местата кои сакам да ги посетам, па после купувам авионска карта.
Која работа што ја имаш направено била изненадувачки прекрасна, а претходно си немал такво очекување?
Секоја земја си има своја убавина и шарм.
Се сеќавам кога првпат во животот скокнав со падобран во Дубаи. Тоа беше навистина адреналинско искуство, посебно да се види Дубаи од птичја перспектива. Беше доста скапо, ама вредеше целото искуство...
Многу спомени ми доаѓаат на памет, како што се пливање со кит, со делфини, со зелени желки, со ражи. Искачување на Хималаите...
Постои ли земји на кое повторно би се вратил?
Египет, Непал и Јапонија. Тука повторно би отпатувал. Заедно со Малдиви и Тајланд. Овие земји ми оставија посебни траги.
А, места во кои не би сакал да припариш пак?
Ванкувер и Унгарија.
Место во кое би можел да живееш до крајот на животот?
Без размислување, Тајланд. Ја чувствувам како нешто свое.