Стефан Стојчевски: „За мене Порто е најубавиот град, а Португалците се луѓе кои живеат за добар провод“
- Детали
- недела, 23 октомври 2022
„Мислам дека во текот на целото разгледување на Порто бев тој што најмногу исчезнуваше од целата група или попатно застануваше за да улови уште некој кадар. Во одредени моменти ни самиот не бев свесен колку Порто со целиот свој шарм може да ме освои и води далеку“, споделува Стефан Стојчевски (23) од Крива Паланка за CRNOBELO.com.
Стефан Стојчевски (23) од Крива Паланка е на крајот од своите студии на насока Туризам на Институтот за географија при ПМФ. Скопје исто така го чувствува како свој град затоа што своите средношколски денови ги поминал таму.
Кога се навраќа на тој период, на честите патувања на релација Крива Паланка – Скопје му се буди и желбата да биде во постојано движење, приспособување на нови средини, запознавање на нови луѓе и соочување со предизвици што непознатото знае да ги донесе. Сите овие работи биле пресудни за градење на неговата личност.
И после 8 години потребата да се спознае татковината, но и светот не мирува во него, па затоа патувањето, планинарењето и фотографирањето се суштински дел од Стефан.
За CRNOBELO.com Стефан споделува зошто е вљубеник во патувањата и која му е омилена дестинација:
Како човек што има потреба од постојано движење од една до друга дестинација, од една до друга земја, какво значење има патувањето во твојот живот?
Не би можел да си го замислам животот и секојдневието ако секое утро, откако ќе се разбудам нè помислам каде би можел животот да ме однесе следно.Бидејќи не сум личност што би можела да го помине своето време на едно место, својот немир го заменувам со мир наоѓајќи возбудливост веднаш штом ќе го напуштам домот и многупати планот на агендата знае да се промени, а тоа е едно од нештата како успевам самиот себеси подобро да се запознам и да ја согледам својата истрајност.
Мислам дека начинот на кој патуваме може многу да каже за нас каква личност сме.
Патувањето ми ја има променето перспективата за животот и светот. Новите откритија ни помагаат да ги прошириме хоризонтите. За жал, дел од луѓето различноста што постои во светот ја немаат сфатено како една позитивна причина за запознавање на нови пријателства, култури, религии, земји…
Како фотограф што најмногу сакаш да пренесуваш преку твоите фотографии?
Сакам фотографијата да зборува повеќе од мене, да успее да ја пренесе истата таа фасцинираност, што успеала мене да ме застане и да сликнам некој момент од секојдневието на луѓето, заборавените објекти каде некогаш постоел живот.
Најмногу преку моите фотографии се обидувам да ги доловам и афирмирам природните убавини со кои располага Македонија, а истите тие фотографии ги објавувам на мојот Инстаграм профил @photosby_stojchevski.
Велиш дека една од омилените дестинации која си ја посетил досега ти е Порто... Со какви очекувања замина во Порто, а со што се соочи кога стигна таму?
Патувањето до Порто навистина траеше долго, со сменети повеќе превозни средства, но во ниту еден момент возбудата за Португалија која ми беше ставена на списокот дека барем еднаш во животот треба да ја посетам не дозволи заморот премногу да го почувствувам.
Порто го замислував како еден вообичаен европски град, но кога пристигнав таму уште на прв поглед ја воочив разликата од моите претходни патувања во некои европски градови, дека Порто е град на два континента.
На кој начин ги истражуваш новите места, се препуштат со веќе подготвени информации или одиш како те води патот?
За себе секогаш велам дека за мојот следна дестинација нема да имам план, всушност посветувам внимание само на насоките како би се водело моето патување, на кој начин би пристигнал до тоа место, цени за сместување, исхрана, транспорт и со мало истражување каде се наоѓаат локациите како би заштедил на време, а останатото го оставам да ме води моментот.
Секогаш со можност нешто ново да се случи во текот на патувањето, не практикувам да се форсирам, едноставно сакам што е можно подобро да го доживеам местото и луѓето.
Кои места секој мора да ги посети кога ќе отпатува во Порто?
Порто е град кој нуди возбудливи погледи, кои се доволни за од првпат да се вљубите во него, а едни од тие места се дефинитивно, Стариот дел на градот Рибеира, каде низ средновековните калдрмисани тесни улички можеш да прошеташ и да поминеш низ многубројните улични музичари, ресторани, барови и по некој продавач што знае вешто да те застане.
Прошетка долж двата брега на реката Дуро, исто така треба да се помине и автентичниот метален мост Понте Луис I, којшто се издига над реката Дуро, а од него се добива воодушевувачки поглед кон градот. Тука е и главната железничка станица Сао Бенто, во срцето на градот и задолжително би ја препорачал за посетување и ако не патувате со воз до Порто.
Надворешната фасада е изградена од францускиот архитектонски стил на Беауџ-Артс, но кога ќе влезете во влезниот хол ќе ве воодушеват 20.000 сини и бели плочки на кои се илустрирани историјата на Португалија. Железничката станица ми остави впечаток на музеј.
Ме фасцинираа и црквите Capela das Almas, Igrejo do Carmo, Igreja Paroquial de Santo Ildefonso, статуата Dom Henrique, фонтаната Чифариз да Руа Ескура, книжарницата Ливрариа Лело, претставува една од најубавите книжарници, дури и авторката на Хари Потер се има инспирирано од неа.
Што ти беше најинтересно додека го истражуваше градот?
Мислам дека во текот на целото разгледување на Порто бев тој што најмногу исчезнуваше од целата група или попатно застануваше за да улови уште некој кадар. Во одредени моменти ни самиот не бев свесен колку Порто со целиот свој шарм може да ме освои и води далеку.
Интересно беше тоа што додека го обиколуваш градот никогаш не одиш по иста надморска височина, затоа што целиот град те шета горе-долу и постојано се качуваш и спушташ.
Која локална храна ти беше највкусна?
Морската храна од Атлантскиот Океан и едно од локалните традиционални јадења. Ќе ја спомнам франсиња, внатре има секаков вид на месо (печено месо, колбас со лук, шунка) се покрива со топено сирење и со зачинет сос.
Секако, виното од Порто не треба да се прескокне, затоа што важи за едно од најдобрите во Португалија.