Анита Филева: „Магичните кафулиња покрај каналите ми се омилени во Амстердам, како и холандските вафли“
- Детали
- вторник, 05 јули 2022
„Во Амстердам иако има метро, автобуси, трамваи, како и воден сообраќај, сепак најпрактично е да се користи велосипед. Таму ретко кој вози автомобил (поради високата цена на паркинг услугите). Па, така и јас одлучив да го истражувам градот со велосипед“, раскажува Анита Филева (25) од Скопје, вработена во Итна помош, за CRNOBELO.com.
Анита Филева (25) од Скопје, има завршено општа медицина на Медицинскиот факултет при УКИМ и моментално работи во Итната медицинска помош во Скопје, а секој слободен миг го користи за патувања.
Има посетено многу земји досега, но последна на листата ѝ е Холандија, каде овојпат се посвети на истражување на Амстердам.
Анита за CRNOBELO.com открива зошто овој град ѝ е на листата на омилени европски градови:
Колку земји имаш посетено досега и со кого патуваш најчесто?
Иако бев студент на општа медицина мојата желба за патување секогаш си ја исполнував.
Секогаш ги искористував моите слободни денови за посета на нови градови. За точната бројка на посетени држави не можам точно да одговорам, но многу се.
Но, како највпечатливи дестинации досега можам да ги издвојам: Јапонија, Бразил и Мексико. Тоа се дестинации што најмногу ми се допаднале, а патувам секогаш со мојата сестра близначка Aнтоанела (погодени сме за сè).
Зошто токму Холандија овојпат?
Па, пред да почне пандемијата имавме планови да ја посетиме Холандија, поточно Амстердам, ама плановите некако ни пропаднаа поради самата ситуација со пандемијата, па откако почнаа да ги тргаат рестрикциите одлучивме дека сега е правиот момент.
Што те воодушеви најмногу?
Најмногу ме воодушеви огромниот избор на музеи и галерии. Амстердам има преку 50 музеи, па затоа невозможно е сите да се посетат.
Мене лично најмногу ми оставија впечаток: Riijskmuseum, Музејот на Ван Гог, куќата на Ана Франк, Moco музејот.
Зошто Амстердам е уникатна приказна?
Амстердам е уникатна приказна бидејќи е град кој е сосема поразличен од кој било друг град во Европа. Тоа е град кој е познат по ноќниот живот, фестивали, убавите канали, специфичната архитектура и богатата холандска култура.
Најнепријатен настан оттаму…
Па, откако првите денови од нашиот престој таму дневно одевме по 20km на ден решивме да земеме велосипеди.
Додека се навикнавме на сообраќајот беше тешко, на почетокот и имавме неколку непријатни ситуации, но после првиот ден сè беше полесно.