Дивна Милковска: „Ме изморија нагорнините во Лисабон, но градот е магичен и Португалците се прељубезни“
- Детали
- вторник, 12 април 2022
„Лисабонците си имаат свое темпо што многу ми се допадна. Си прават одмор за семејството и за самите себе после 14 часот сè до 18-19 часот како што некогаш било и кај нас. Не го прифаќаат темпото на „робот“ и работење 24/7“, раскажува Дивна Милковска (32) од Струмица за CRNOBELO.com.
Дивна Милковска (32) од Струмица, сопруга и мајка на две мали дечиња, обожава патувања, а највоодушевена е од патувањето во Португалија.
Вели дека за неа Лисабон е најубавиот град на светот.
Зошто е тоа така, Дивна споделува за CRNOBELO.com:
Зошто токму Португалија?
Уште како мала родителите ми ја пренесоа желбата за патувањата и отворање на нови хоризонти. За тоа сум им вечно благодарна затоа што по секое ново патување, посебно далечно, доживуваш некоја позитивна промена на твојата личност.
Пасијата за патување исто така ја дели и мојот сопруг, па понекогаш благодарение на двете супер бабички имаме можност да бидеме и сами на неколку денови, исто како кога бевме во врска.
Португалија ни беше желба од поодамна затоа што за разлика од другите држави во Европа ниту сопругот, ниту јас, ја имавме посетено. Исто така не беше премногу далеку со оглед на тоа дека не можеме да отсуствуваме премногу долго.
Што те воодушеви најмногу?
Уште пред да заминеме, некои наши пријатели кои веќе биле ни раскажуваа за љубезноста на Португалците. И навистина беше така, се уверивме во тоа на лице место.
Воодушевена сум од нивната срдечност и љубезност спрема туристите за разлика од некои други европски метрополи и можам да кажам дека можеме многу да учиме од таа нивна скромност и начин на гледање на животот, во кој нема место за надменост и натпревар.
Обожавам да патувам на такви дестинации, каде не учиш како да гледаш што е можно по од високо, туку баш напротив сфаќаш дека сè е минливо и важи само сегашниот момент и сторената добрина.
Зошто Лисабон е уникатна приказнa?
Лисабон е уникатна приказна сам по себе со својата шареноликост и возбуда. Постар е и од Рим, а од Лисабон постар град во Европа е само Атина.
Најстарата библиотека на светот се наоѓа токму таму. Градот има за секого по нешто, но најмногу за младите.
Вистинското шоу започнува после 22 часот. Лисабонците си имаат свое темпо што многу ми се допадна. Си прават одмор за семејството и за самите себе после 14 часот сè до 18-19 часот како што некогаш било и кај нас.
Не го прифаќаат темпото на „робот“ и работење 24/7.