Александра Крстевска, живее и работи во Лисабон: „Португалците се гостопримливи, но често доцнат - не брзаат никаде“
- Детали
- четврток, 24 февруари 2022
Александра Крстевска (23) магистер по бизнис администрација, која сака да шета низ светот, латино-американски танци и веќе 14 години свири на флејта, по неколку години патување и посетување на различни земји, веќе 2 години живее и работи во Португалија.
Поразговаравме со неа за нејзиниот живот во Португалија, како и за искуството студирање во странство...
За време на твоите студии во Скопје имаше можност да бидеш дел од Еразмус+ програмата и да посетиш различни младински размени и тренинг курсеви. Од сите моменти поминати надвор од границата на Македонија на кои постојано им се навраќаш?
Четирите години од моите студии на МБУ дефинитивно ќе бидат едни од најубавите години исполнети со прекрасни и незаборавни моменти.
Во овој период бев дел од многубројни проекти овозможени преку Еразмус+ програмата, преку кои имав можност да ги посетам скоро сите европски држави.
Преку младинските размени и тренинг курсевите, запознав многу луѓе кои и ден денес се мои блиски пријатели. Но, она што секогаш ќе остане во моето сеќавање се патувањата во централна Америка, Порторико како една од моите омилени дестинации.
Иако се смета за една од најризичните земји со високо ниво на криминал, за мене беше едно незаборавно патување. Затоа и се одлучив да го истражувам овој остров сама.
Покрај сите проекти во странство, еден семестар студираше и во Португалија. Какво искуство донесе со себе од таму и зошто секој студент треба да оди да се обиде да помине барем еден семестар во странство?
Студирањето надвор од нашата држава дава можност да ги согледаме разликите и да се надоградуваме со различни искуства и едукативни програми кои ги нема кај нас.
Португалија е држава која има квалитетен образовен систем, голем избор на факултети а воедно и смерови за кои никогаш не ни помислив дека постојат како опција за студирање во високо-образовна институција.
Преку Еразмус+ програмата, бев студент на еден семестар во Браганса, мало гратче во северниот дел каде времето е многу поладно од кој било друг дел во Португалија.
Универзитетот располагаше со безбројни активности, дружби, курсеви за сите студенти и голем избор на предмети кои беа достапни на англиски и португалски јазик.
Секој студент кој би сакал да додаде едно незаборавно искуство за време на својот „академски живот”, да запознае луѓе од различни култури и националности, дефинитивно треба да студира во странство и да ја искористи можноста.
По завршување на семестарот сакаше повторно да се вратиш во Португалија и таму да живееш. Кои беа причините што те натераа да донесеш таква одлука?
Уште од самиот момент кога за првпат излегов од аеродромот во Порто, почувствував некоја топлина, мир и убавина која беше невозможно да се опише. Го почувствував мојот втор дом.
И навистина никогаш не го сменив моето мислење, Португалија е сè уште моето омилено место кое каде и да одам, секогаш едвај чекам да се вратам.
Ми се допадна начинот на живот, различностите и културата. Покрај Португалците, има голем број на имигрирани националности од Бразил, Ангола, Франција и сите тие се еднакво прифатени како и домашното население.
И секако, времето и високите температури се една од главните причини што дава позитива кај секој кој живее тука.
Како се случи повторно да заминеш во Португалија и тоа на година дена волонтерска работа, а потоа и да најдеш работа?
Како што претходно спомнав, по завршување на моите студии, бев решена дека сакам да се вратам во Португалија. И благодарение на Волонтерски Центар Скопје во соработка со португалска невладина организација, заедно со мојата другарка Ана имавме прилика да бидеме интернационални волонтери како дел од програмата за млади на Еразмус+.
Проектот беше во времетраење од една година, и секако повторно во Португалија, но овојпат во централниот дел. За време на овој долгорочен проект, бев дел од многу национални активности, работилници и волонтерска работа во основни училишта.
Паралелно со волонтерската работа ги завршував и моите мастер студии. Па секако, оттука се роди и желбата за да ја започнам мојата кариера и да се вработам.
По завршување на волонтерскиот проект се вработив во белгиска компанија која има претставништво во Лисабон на позицијата сметководител.
Ти беше ли лесно да се адаптираш на португалскиот начин на живот и по што се разликува од оној во Македонија?
Животот во Португалија е како бајка. Она што на почетокот ми беше многу чудно е смиреноста на луѓето тука. Ја нема онаа бука и брз живот на кој бев навикната да живеам претходно.
Никој не брза никаде, сите живеат релаксирано и смирено. Сите ги почитуваат правилата, законите и никој не обрнува внимание на луѓето од околу. Накратко, секој го живее својот живот.
Какви се Португалците како народ?
Португалците се гостопримливи, секогаш среќни и насмеани, уживаат во сончевото време, со добро вино и храна, додека пак кафето го пијат во една голтка, но сепак не брзаат никаде.
Поради овие причини имаат тенденција да доцнат исто како и јавниот превоз кој во многу моменти знае да биде непредвидлив.
За нив семејното обединување е навистина важен чин, па семејните ручеци во недела се вообичаени. Исто така, обожаваат фудбал, па би било чудно како и не би, сепак го имаат Кристијано Роналдо, нели?
Според тебе, што е она што Лисабон го прави посебен град и го издвојува од другите дестинации?
Лисабон е град во кој секој што дошол се заљубил и посакал никогаш да не го напушти. Океан, сонце, сурфање, плажа, добра храна и преубав поглед каде и да одиш низ овој град. Има ли нешто поубаво од тоа?
Градот е мирен и без бука на улиците. Но сепак, ноќниот живот е вистинска забава. Сè што еден авантурист би посакал, може да најде тука.
По веќе 2 години живеење во Португалија во различни градови, Лисабон беше и сè уште е мојот омилен град, мојот втор дом.
Каков беше Лисабон во последните неколку месеци?
Последните месеци во Лисабон беа преполни со туристи. Иако сме во време на пандемија, Лисабон никогаш не престана да ги полни срцата на туристите.
Рестораните и баровите беа секогаш отворени, со некои минимални рестриктивни мерки. Забавите во ноќните часови беа насекаде низ улиците на Лисабон, клубовите и баровите.
И секако, температурите достигнуваа до 25 Целзиусови степени во зимските периоди. Интересни случувања што привлекоа туристи беа натпреварите во сурфање и карневалот како еден од најочекуваните настани во годината.
До пред неколку години Лисабон беше една од најевтините дестинации во Европа, какви се цените сега?
Португалија е една од земјите на ЕУ со најниски стапки на инфлација. Но во последниве месеци, годишната стапка се искачи до највисокото читање кое исто така беше високо во 2012 година.
И покрај тоа, цените за живот се навистина во граница на нормалата. Секако и дека се зависи од местата каде ќе купите нешто. Лисабон е покрај океански, и главен град, каде релативно сè е малку поскапо од останатите делови во Португалија.
Што е она што секој треба да го проба кога ќе дојде во Португалија?
Секој кој ќе ја посети Португалија, би требало да проба барем еден од 365-те рецепти на рибата Bacalhau, Порт црвено слатко вино, pastel de nata еден од најпопуларните специјалитети на португалските десерти и ginja ликер со вкус на цреша.
Но најбитното од сè, пробајте да уживате во убавините на оваа земја, океанот и прекрасното време.
© CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.
Автор: Е. Х. | Црнобело