Никола Ѓаковски: „Плажите во Доминиканската Република се како на Гугл фотки, литар гориво чини 220 денари“
Долови ни ја атмосферата, како живеат локалците?
Нивното животно мото е „Има време за сè!“ Живеат од денес за утре, сиромаштијата е очигледна насекаде, дури 30% од населението во 21 век сè уште нема пристап до електрична енергија.
Интересно е тоа што јазот на богати и сиромашни е толку голем што е навистина непријатно да се гледа. Сакаат да се дружат со сите, сакаат да спознаваат нови култури и се мошне пријатни за разговор.
Каков е сообраќајот?
Лудо и незаборавно искуство. Длабоко сум уверен дека 50% од населението нема положено за возачка дозвола.
Главно превозно средство се моторчињата, кои ги има насекаде. Се вози исто како и кај нас од десната лента, но дефинитивно возачките навики се различни.
Сум возел низ цела Европа, сум возел и во Истанбул, но нешто како ова никогаш немав ни замислено.
Кое место ти остави најсилен впечаток?
Хмммм, доколку би требало да се одлучам за едно место, тоа би било островот Саона. На самиот остров е сниман филмот „Пиратите од Карибите“, тоа е доволен показател со какви сè убавини е облеан островот.
Исто така, имав можност да нуркам на 30 метри длабочина, веднаш до островот Каталина. За првпат во живот видов како изгледа жив корален гребен, имав можност да држам морски сунѓер во рака и да пливам веднаш до ража. Искуство кое ќе го паметам цел живот.
Урбанизирано ли е? Какви се патиштата?
Да, сè е урбанизирано. Имаат и „dry try“ патека, нешто кое ние никогаш нема да го видиме. Патиштата, особено оние главните автопатишта, се одлични за возење.
Интересно е тоа што во склоп на градовите има премногу лежечки полицајци, коишто е невозможно со поголема брзина да се поминат. Воедно цената на литар гориво е 220 денари.
Какви се океанот и морето за пливање?
Атлантскиот Океан и Карипското Море се многу топли. Просечната температура на водата околу островот е 29 степени. За мене беше шок, веројатно научен дека не е убаво веднаш да се влезе во море.
Бранови скоро и да нема, но постојат плажи кои се наоѓаат во заливи. На истите тие е идеално за сурфање и при помала брзина на ветер.
Важи ли она Инстаграм vs. Реалност за некои места? Што изгледаше совршено, а те разочара во живо?
Овде и најлошиот фотограф со малку среќа ќе направи одлична фотографија. Апсолутно сè коешто претходно го имав видено и гуглано испадна дека е истото во живо.
Разочарува односот на дел од хотелите во поглед на чистењето на алгите од плажите. Некои од хотелите се обидуваат со само еднаш неделно чистење да го задржат изгледот, што во пракса е сосема различно.
Доминиканската Република нè потсетува на изобилство од бои, дали е навистина така?
Тоа е посебно искуство. Имам патувано навистина многу низ светот, но тука сè беше некако слеано. Како сè да е на своето место, без притоа да ја нарушува природата.
Од плажите до планините во централниот дел, преку новите ресорти до старите делови на градови, сè е поставено да има хармонија.
Каква е храната?
Сплет на многу вкусови. Поради долгогодишното владеење на Шпанците, храната која ја преферираат Доминиканците е нивна.
Обожаваат месо, одгледуваат многу различни видови на животни и исто така се топат во овошје.
Лично, како вечно желен за пробување на нови вкусови, имав можност да пробам многу различни овошја.
Интересно е тоа што поради лесниот начин да стигнат до Јапонија во последните 10-тина години ја сакаат јапонската кујна и се обидуваат да ја внесат во својот секојдневен живот.
Ти беше ли напорно на моменти поради некои работи кои не му годеа на твојот организам?
Доколку треба да одвојам нешто поради кое ми беше напорно е тоа што сакав да пробам што е можно повеќе. Имаат толку многу различни видови на овошје и зеленчук што е жално да не се искусат повеќето.