Јасмина Мукаетова: „На Туркс и Кајкос е најубавата плажа на Карибите, игуани имаше насекаде на островот“
- Детали
- вторник, 25 мај 2021
„Ако проверите на интернет пребарувачите каде се наоѓа најубавата плажа на Карибите, ќе добиете информација дека тоа е плажата Грејс Беј, која се наоѓа во Туркс и Кајкос и е токму пред ресортот во кој ние бевме сместени, The Beaches“, раскажува Јасмина Муакетова.
Јасмина Мукаетова, која имаше успешна музичка кариера во Македонија, веќе 13 години работи и живее во САД. Сега има сосема друга професија и се реализираше во улогата на сопруга и мајка.
Таа обожава да патува со сопругот и двете деца, а омилени ѝ се егзотичните дестинации.
Со неа проговоривме за нејзиното неодамнешно патување на карпискиот остров Туркс и Кајкос:
Колку време живееш во САД, кое место поточно и како си задоволна?
Веќе 13 години, поминаа откога го промениив меридијанот и временската зона. Додека живеев во Македонија и главна преокупација ми беше музиката, многу патував и секогаш се враќав дома, ама една пролет заминав во Америка и повторно згазнав на македонското тло дури после 6 години.
За тоа време, револуција од промени се случија во мојот живот, го сретнав човекот, поради кого останав и ја засакав оваа земја, ги родив двете дечиња кои ми ги променија приоритите, афинитетите и аспирациите во животот, и на крај ја променив професијата.
Како се одлучивте за одмор токму на Туркс и Кајкос? Колку Американците ја посетуваат оваа егзотична дестинација?
Туркс и Кајкос е преубав тропски остров кој се наоѓа на Карипскиот архипелаг, лоциран многу блиску до Мајами и Доминикаската Република. Тоа е многу атрактивна туристичка дестинација, каде што сезоната трае цела година, поради извонредната температура од просечни 24 Целзиусови степени во текот на зимскиот период и 28 Целзиусови степени во текот на летото.
Островот е многу мал, има само само 31.000 жители, а годишно доаѓаат околу 1.5 милиони туристи, да уживаат во убавините кои природата несебично ги подарила на тоа место.
Песокот има блескава бела боја, а водата е кристално чиста, дури нерално провидна.
Во кој период од годината беше таму и кој период мислиш дека е најдобро да се посети Туркс и Кајкос?
Бевме на почетокот од април, и можам да констатирам дека поминавме извонредно време, и покрај тоа што бевме резервирани пред да заминеме, со оглед на околностите под кои светот фукнионира моментално и административните процедури потребни за патување.
Во тој период децата го имаа Велигденскиот распуст од училиште и решивме да се тргнеме на кратко од реалноста и сите рестрикции кои ги донесе новото нормално време. Престојувавме во ресортот The Beaches, и сум навистина импресионирана од тоа што беше понудено да се види и доживее таму.
Туристичката сезона во Туркс и Кајкос трае во континуитет во текот на целата година, поготово е актуелна во зимскиот период, за време на празниците, кога температурите на северната хемисфера се релативно ниски.
Јас преферирам да патувам во тропските дестинации токму тогаш, кога времето во Њу Џерси е ладно, тропското сонце и извонредната тропска клима ме регенираат и во духот и физички.
Колку чини патот дотаму од САД?
Одговорот е многу релативен, и пред сè зависи од личните преференции. За време на празниците и викендите кога има голема заинтересираност за патување и кога се неработните денови, тогаш цените се највисоки.
Исто така многу зависи и од можноста за планирање однапред. Доколку патувањата се купени барем неколку месеци однапред, тогаш, постои веројатност за нешто пониски цени, ама конкретно за Туркс и Кајкос, варијантите се многу минимални.
Првиот впечаток по пристигнувањето…
Патувањата на тропските дсестинации се многу слични. Првиот впечаток е секогаш чувство на возбуда, почеток на забавувањето на ритамот на функционирање и опуштање. Впечатливо е богатството на бои, бујната вегетација, која тропската клима ја одржува во перфектна форма цела година.
Тоа е убавина за очите и срцето, која ве обзема и станувате свесни дека на кратко ја имате можноста, континенталното сивило да го субституирате со тропскиот спектар на бои. Топлината и убавината стимулираат генерирање на позитивна енергија со која чекорите понатаму.
Имаше ли рестрикции поради пандемијата?
Во периодот додека престојуваме на островот Туркс и Кајкос, беше на сила полициски час и ограничено движење. Сепак во ресортот, немаше никакви временски ограничувања, тој е огромен по површина и е составен од 4 дела: Карипски, Француски Ки Вест и италијански дел. Ние престојувавме во италијанскиот дел, кој е лоциран на средината од ресортот и беше фантастична локација.
Зошто Туркс и Кајкос е еден поинаков свет?
Јас не би го издвоила само Туркс и Кајкос, како еден посебен свет, туку Карипските острови воопшто. Во таа група острови претходно ги имам посетено: Бахамите, Доминиканска Република, Јамајка и Аруба. Сите се многу слични и по малку различни еден од друг.
Туркс и Кајкос се разликува од другите по впечатливо белиот песок и беспрекорно бистрата провидна вода. Ако проверите на интернет пребарувачите каде се наоѓа наубавата плажа на Карибите, ќе добиете информација дека тоа е плажата Грејс Беј, која се наоѓа во Туркс и Кајкос и е токму пред ресортот The Beaches, каде што престојувавме ние.
Дали Туркс и Кајкос навистина е дестинација за совршен одмор?
Да, совршен избор затоа што ги исполнува сите критериуми за идеален одмор. Климата е извондредна, таму владее вечна доцна пролет и исто така ќе имате можност да уживате во бескрајно чистата вода и белите песочни плажи.