Јасмина Мукаетова: „На Туркс и Кајкос е најубавата плажа на Карибите, игуани имаше насекаде на островот“
Најлошата страна на Туркс и Кајкос е …
Навистина не можам да дадам квалификација - лоша страна, повеќе би рекла аномалија е тоа што островот е многу мал, а има преголема заинтересираност за посета од страна на туристите.
Високата побарувачка исто како кај основниот закон во економијата на понуда и побарувачка ги ескалира цените на услугите и го квалификува островот како еден од најскапите за одмор во светот.
Како се движеше таму, кои места ги посети?
Бевме концентрирани на активности во ресортот, затоа што беа на сила рестрикции во движењето, а голем дел од атракциите на островот беа целосно недостапни и затворени за посета.
Најромантична сцена на која посведочи на Туркс и Кајкос е …
Романтичната вечера на плажа на зајдисонце. Поглед кој го одзема здивот, доживување кое е незаменливо.
Какви се локалците? Има ли сиромаштија? Во какви домови живеат?
Ектремна контрадикторност помеѓу тоа што може да се види во ресортот и надвор од него. Можам да констатирам дека не е едноставен животот на месното наление во Туркс и Кајкос, се забележува несредена инфраструктура и живелиштата се доста оскудни, ама ете тие луѓе уживаат во природата и беспрекорната клима, и затоа се ведри и насмеани.
Каква е храната? Највкусното нешто беше …
Храната во ресортот беше приспособена на гостите, од каде што доаѓаат. Имаше сѐ за сите, медитеранска, континентална, азиска и секако традиционална карипска.
Јас кога патувам преферирам да ја консумирам храната којашто е автентична за дестинацијата, во случајот тоа беше комбинација на слатко и солено, прекрасни вкусови на менито. Грев е да издвојам нешто, едноставно сè беше одлично.
Имаше ли специфичен растителен и животински свет?
Да секако, изобилие од бои и шаренило на украсната хортикултура, обликувана со префинет вкус. Ама како што реков претходно природата била прекумерно дарежлива на тој регион и со човечката креативност, формирани се уметнички творби од цвеќиња, растенија и дрвја.
Од животинскиот свет, најкаракретистични се игуаните, кои може да се забележат насекаде. На островот живеат многу други ендемични видови на гуштери, а исто така многу интересно е фламингото, кое може да се забележи на плажите, како плени со убавата невообичаена розова боја.
Дали би го препорачала како дестинација за одмор на сите?
Да секако, одете, патувајте, уживајте и радувајте се на убавините на Туркс и Кајкос, кој ветува неповторливо доживување!
©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.
Симона Симионова | Црнобело