Ивана Јариќ: „Љубовта ме одведе во Бразил, јавниот превоз им е ужасен, плажите - рај“
- Детали
- вторник, 06 октомври 2020
„На почетокот на врската бев малку скептична бидејќи на брод често се зборуваше дека Бразлиците изневеруваат и само бараат забава. Тоа е точно, секогаш се подготвени за авантура за една ноќ, но во врска и брак се верни и грижливи партнери, вели 32-годишната скопјанка.
Ивана Јариќ Соуса Роша (32) е новинар и фотограф на крузер, родум од Скопје. Љубовта ја одведе во Бразил и сега живее таму со својот сопруг Луис.
Живее во внатрешноста на Сао Паоло, гратчето Индаиатуба, со околу 230.000 жители. Вели дека тој се смета за еден од побезбедните градови за живеење, со добро развиена индустриска зона и мал степен на криминал.
Таа за CRNOBELO ги споделува своите искуства од животот таму:
Колку време живееш во Бразил и како се одлучи на ваков чекор?
Во Индаиатуба сум од почетокот на пандемијата во Бразил кога се прекинаа крстарењата и дојдовме дома, веќе шест месеци. Пред две години поминав два месеци тука, како тест дали ќе ми се допадне.
Какви се Бразилците како партнери?
Пред сè, многу забавни, искрени и романтични. Лесно искажуваат и покажуваат емоции и се многу страствени, понекогаш не ни бираат ни време ни место да поделат бакнеж или прегратка.
На почетокот на врската бев малку скептична бидејќи на брод често се зборуваше дека Бразилците изневеруваат и само бараат забава. Тоа е точно, но кога не се во врска, бидејќи тогаш се секогаш подготвени за авантура за една ноќ. Во врска и брак се верни, грижливи и одлични пријатели.
Како партнери сè уште се држат на старото правило дека мажот е глава на семејството и дека тој треба да заработува, па имаме мали негодување околу тоа кој е главен по дома.
Што ти е најомилено во оваа земја?
Плажите, плажите и плажите. Долги песочни плажи со палми и разбранувано море. Тоа е љубов на прв поглед.
И убавината е што во Бразил нема чадори и лежалки, едноставно се слободни, бесплатни и можеш да се позиционираш каде што сакаш. Има подвижни шанкови кои нудат пиво, коктели и секако кокоси.
Што те нервира најмногу во оваа земја?
Сообраќајот и јавниот превоз. Имаат прелош автобуски превоз, стари автобуси, постојано доцнат и немаат клима. Јас, вечно исплашена од возење, во Скопје немав проблеми, или пешки или со ЈСП, ама тука е друга приказна.
Среќа што сме во прилично мал град, па за сега се снаоѓам со велосипед или Убер, одлично функционира тука. Често се случува да се заглави во сообраќај, посебно во големите градови. Друга работа што ме нервира се моторите, има премногу и возат брзо и лудо, поради што секојдневно има несреќи.
Какви пријатели се Бразилците?
Исто како и партнерите, забавни и лојални. Уште се навикнувам на фактот дека не им треба покана да дојдат на гости, едноставно се појавуваат на врата со пакет пиво.
Секогаш се тука кога е потребна помош. Кога дојдов дури ме учеа да готвам ориз и грав на нивен начин.
Какви се на поле професија?
Меѓу екипажот на брод Бразилците важат за мрзеливи, неодговорни и занемарувачи на работните обврски, се шегуваат на работното место и се обидуваат да поминат со полесно. Но, тука веќе е друга приказна, има од сè по нешто, сепак Бразил е огромна држава. Има и одлични професионалци, но и мрзливци кои преживуваат од ден на ден, како да им недостасува амбициозност.
Факултетското образование е прилично скапо, така да почесто сретнувам луѓе без диплома. Оние кои имаат завршено факултет заработуваат над просекот и се навистина почитувани. Интересно е што постојат многу професионални курсеви кои се замена за факултет.