Македонецот што посетил 45 држави: „Фасциниран сум од Шангај, а сум побогат за многу познанства и пријатели“
- Детали
- четврток, 25 јули 2019
Најубавите жени што ги запознал Горјан Зивчевски се Колумбијки, град во кој со задоволство би се преселил е Валенсија, а дестинација што нема да ја заборави е Кина. Kaко патува овој 29-годишен Македонец низ светот?
Горјан Зивчевски (29), кој работи како консултант, уште од дете обожава да патува, а цел му е да ја напише неговата прва книга „Животот е патување“, во која раскажува за сите авантури кои му се имаат случено.
Тој вели дека уште од мали нозе сонувал да истражува за тоа како живеат луѓето надвор од нашата убава Македонија, како се однесуваат, што јадат, како работат. Но, решил на сите овие прашања да го добие одговорот не од документарни филмови, туку директно со посета на дестинациите.
Досега има посетено 45 од 195 држави, а неговата цел е посета на 100 држави до 50 години.
Неговиот начин на патување не е преку туристички агенции и фотографирање пред важни споменици и знаменитости. Тој патува евтино и истражува детално.
Горјан за CRNOBELO.com пренесува како изгледаат неговите авантури:
Како успеваш да работиш, а паралелно да патуваш толку многу?
Имам само 20 слободни работни денови, но во Македонија имаме околу десетина дополнителни неработни денови како празници, па со добра организација на времето може да се посетат и до десетина различни дестинации во годината.
Подалечните дестинации ги планирам неколку месеци пред патувањето да започне.
Колку те чинат овие авантури?
Пред секое патување планирам буџет, кој за секоја дестинација е различен. Најдобро потрошени пари се оние за патување, тоа е нешто што ни останува во меморијата, нè прави побогати, поедуцирани и попозитивни луѓе.
Најевтини преиоди за купување билети се од февруари до мај и од септември до крајот на ноември.
Која е најдалечната земја што си ја посетил и впечатокот оттаму?
Кина е земјата која ме остави без зборови, иако не беше на мојата листа, патувањето за Кина се случи спонтано. Кина е комунистичка земја со модерен дух, многу различна од Европа.
Ме фасцинира начинот на тоа како функционира 22 милионски град како Шангај, каде сè е организирано и секој си го знае редот во урбаниот хаос на мегалополисот. Кинескиот ѕид со должина од 5000 километри и преубавата планина Huashan, со најдолгата жичница на светот, која ве носи на висина од 2.500 метри, каде глетката е прекрасна.
Бев фациниран од гостпоримливоста на Кинезите. Белите луѓе се навистина ценети за нив. Интересно е тоа што честопати локалните жители се фотографираа со мене, сите се позитивни и насмеани, подготвени да ви помогнат иако не зборуваат добро англиски.
Кој е најубавиот град, според тебе, што си го посетил досега?
Бидејќи ние во Скопје немаме море, тоа секако е град кој има море и долга песочна плажа каде после напорниот работен ден би уживал на плажа.
Град кој мене ми остави навистина позитивен впечаток е Валенсија, ист број на жители како Скопје, само со многу палми и огромна песочна плажа, прекрасна храна и забава. Валенсија е градот каде се надевам дека ќе живеам во иднина.
Највкусна храна има во…
Македонија е земјата во која има најубава храна. Тоа може да го потврдат многу мои пријатели од странство кои биле воодушевени колку е вкусна и квалитетна македонската кујна и македонското вино.
Најубави жени има во…
Иако сè уште не сум ја посетил Колумбија, имам запознаено неколку девојки од Колумбија на моите патувања кои освен што се неверојатно убави, имаат посебна харизма и енергија.
Најниски цени има во…
Украина е земјата во која ќе се чувствувате како германски или скандинавски турист, каде сè е скоро дупло поевтино од Македонија.
Кафе чини од 30 денари па нагоре, пивото од 40 денари па нагоре.
Највисоки цени има во…
Норвешка, Швајцарија и Израел се земјите кои ги имам посетено, а каде цените се скоро три и повеќе пати повисоки од Македонија.
Швајцарија каде за пиво би платиле од 6 евра па нагоре во бар или ресторан. Овде може да најдете корисни информации за цените.
Колку Македонија е поврзана со авионски летови со светот?
Патувањето никогаш не било полесно. Моментално од скопскиот аеродром има околу 30 различни дестинации, кои може да бидат конекција до други светски градови.
Доколку имате план да посетите некоја дестинација проверте ги авионските карти од софискиот, белградскиот и солунскиот аеродром, сигурно ќе пронајдете евтина карта за некоја европска и светска дестинација.
Најлошата работа што ти се случила во странство…
Можеби и не е толку лоша, но тоа би рекол дека беше чекањето неколку часа на шангајскиот аеродром, заради проверка за виза за Србија, бидејќи летот ми беше до Белград и објаснување каде се наоѓа Македонија.
Најдобрата работа што ти се случила во странство?
Многу познанства и пријатели. Побогат за околку петстотини познаници и дваесетина нови пријатели.
Најголема желба ти е да ја посетиш…
Латинска Америка (Бразил, Аргентина, Перу, Уругвај), заради прекрасната природа и опуштеноста и енергијата на Латиноамериканците.
Исто така сакам да ја посетам Јапонија, бидејќи сум по професија машински инженер заради технолошките иновации и новитети.
Дали си бил ограбен на пат?
Не, сè уште.
Носиш ли сувенири од земјите во кои патуваш?
Купувам знаменца од секоја земја каде патувам, еден ден се надевам дека ќе имам 195 знаменца во мојата колекција.
Доколку можеш да бираш, каде би сакал да живееш?
Португалија или Шпанија.
Фотки од неговите патувања:
С. С. | Црнобело