Емилија Андоновска: „Кафе во Финска е 5 евра, а од сауна излегувавме директно на снег“
- Детали
- петок, 29 март 2019
„Летот до Финска беше долг и напорен, но вредеше… Бевме сместени во прекрасна дрвена куќа на финско семејство, шетавме по замрзнато езеро и појдовме во куќата на Дедо Мраз. Оваа земја е магична“, вели 27-годишната скопјанка.
Емилија Андоновска (27) е мајка на две прекрасни дечиња, сопруга, вљубеничка во мода и патувања, обожава англиска книжевност и секој пат кога животот ѝ нуди можност за авантура го прифаќа тоа.
Така, таа со својот сопруг замина на 15-дневно патување во прекрасната Финска каде почувствува како живеат локалните жители, која е тајната на нивната среќа и што сè нуди оваа скандинавка земја.
Таа ги пренесува нејзините впечатоци оттаму за CRNOBELO.com:
Како изгледаше патувањето дотаму, која беше целта на посетата?
Патувањето беше интересно и возбудливо бидејќи сменивме три авиони во еден правец со чекање од 8 часа во Стокхолм.
Целта на нашата посета беше да се види финската култура, скандинавскиот начин на живеење, прекрасната недопрена природа на оваа земја со многу езера… Го одбравме токму зимскиот период бидејќи сакавме да ја видиме оваа земја на тие минусни температури, но и бидејќи мојот сопруг Никола е голем љубител на скијањето.
Нашиот престој беше 15 дена, од кои 7 дена во прекрасната и единствена Лапонија. Бевме сместени во градот Васа и за да стигнеме до Лапонија ни беа потребни 11 часови возење.
Авионскиот билет нè чинеше нешто помалку од 800 евра повратни билети за двајцата.
Чувството при слетување на финското копно? Каква беше температурната разлика?
Слетувањето беше некаде по полноќ. По излегување од авионот го почувствувавме северниот студен воздух. Бевме пресреќни што го допревме тлото на Финска.
Ако ние се качивме на авион од Истанбул со +10 степени, а слетавме во Васа на -17 степени, оставам на вас да процените која е таа разлика.
Какво искуство е финската бања? Колку локалците се зависни од неа?
Финската сауна е едно благодатно искуство. Луѓето во Финска просто не можат да си го замислат животот без сауна. Во секој дом имаат сауна, тоа е здравјето на еден Финец.
Престојувавте кај семејство од Финска, во што се разликува финското домаќинство од македонското? Какви се нивните навики?
Пред сè да кажам дека 90% од нивните куќи се направени од дрво бидејќи имаат огромни пространства на шуми, може да се каже дека блиску секоја куќа има шума. Нивните куќи се со високи тавани и се преубави.
Куќата во која ние бевме сместени беше прекрасна и секој детаљ беше на свое место. Финците го имаат организирано секое ќоше од куќата да биде добро искористено и функционално.
Како семејство денот им почнува организирано без ни малку стрес, заедно си помагаат во сè, а така ги воспитуваат и нивните деца.
Какви беа цените?
Кафето во Финска на пример чини 5 евра, пивото беше 3 евра во маркет, а коктел чинеше 10 евра во кафуле.
Финска е магична земја затоа што…
Финска е едно изобилие на многубројни езера и многу шума. Финска е магична како во зима така и во лето. Држава со многу малку жители, а толку огромна.
Најзабавното искуство од вашето патување?
По толку убави денови поминати во шетање, во возење на ски санка, во скијање, шетање по големото замрзнато езеро, уживање во СПА и во сите знаменитости и ресторани, за да се одмориме од напорниот ден кога ќе се вратевме дома одевме право во сауна.
По сауната излегуваме надвор на снегот каде што од возбуда не ни чувствуваш дека ти е ладно и се враќаш назад - ете тоа за нив е здравје.
Најнепријатната ситуација од вашето патување?
При враќањето назад од Истанбул до Скопје авионот падна во безвоздушен простор и тоа дефинитивно беше единствената непријатна ситуација.
Колку Финска е примамлива земја за туристите?
Сите што имаат можност навистина вреди да се допатува до Финска, посебно до Лапонија има многу што да се види и доживее.
Таа е неверојатна да не заборавиме дека и Дедо Мраз е токму од Лапонија, па преубаво е да се види и неговата куќа.
Фотки од патувањето:
С. С. | Црнобело