Никола Настески: „Возење на санка со хаски во Лапонија е 150 евра, а ноќевање во игло 1.500 евра“
- Детали
- сабота, 02 март 2019
„Во Лапонија се чувствувате како да сте во сцена од книгата Повикот на дивината, околу вас има ирваси, хаски и фински коњи и кога спиете во игло ви изгледа како да сте на облаци“, вели 28-годишниот Никола.
Никола Нaстески има 28 години, работи како стјуард и вели дека ги посетил сите континенти.
Последна во низата му беше Лапонија и вели дека ова е уникатен дел од земјината топка, кој секој треба да го посети. Тоа е најголемиот и најсеверен дел од Финска.
Проговоривме со него за неговите впечатоци оттаму:
Лапонија е....
Вистинска магија. Нешто уникатно и невидено, кое мора да се види и доживее.
Климата е...
Овој период е околу -10, но до пред 10 дена стигнуваше и до -40. Во длабока зима денот трае само 2 часа, а ноќта 22 часа, а во ло лето е обратно.
Снегот не е стопен повеќе од 6 месеци воопшто.
Изгледа како сцена од бајка, како да сте во некој од цртаните за Дедо Мраз или од книгата Повик на дивината.
Какви се цените и услугата од локалците?
Сè што е убаво и уникатно е најчесто скапо, но кога имате пријатели низ целиот свет сте многу богати и можете сè да остварите. Тони Гогов е мој пријател што работи во Лапонија и тој ме покани и ми ја покажа Лапонија во најубаво светло.
Ноќевање во игло во Лапонија се движи околу 1.500 евра, цената на кафе е околу 3-5 евра, а пиво 7-10 евра.
Како изгледа возењето на моторна санка низ овој снежен рај и колку чини тоа задоволство?
Возењето со моторна санка низ снежната убавина беше нешто посебно. Многу е адреналински.
Се постигнува брзина до 140 километри на час и за два часа може да се поминат прекрасни делови од Лапонија кои задолжително треба да се видат. Насекаде имаше ирваси и хаски.
Цената е 150 евра за два часа.
Како изгледа да се спие во игло?
Чувството е неописливо. Погледот, снегот, светлината, ѕвездите и тишината се сè што е околу тебе. Се чувствуваш како да спиеш на облаци.
Се претвораш во Џек Лондон и си главен актер во Повикот на дивината, но вработените се толку подготвени да ти помогнат во секој момент, па во таа дивина се чувствуваш безбеден.
Најдобрата страна на патувањето во Финска...
Запознавањето со селото на Дедо Мраз, нордиското традиционално скијање, возењето со моторна санка како технологија која постојано напредува во изминатите години и санкање со хаски како во минатото. Порано немале друго средство освен ирваси, хаски и фински коњи.
Наредна дестинација на листата...
Би сакал нешто комплетно различно, како на пример Мумбаса во Кенија.
Уште фотки од неговото патување:
С. С. | Црнобело