Бобан Спасевски: „Пиво на Малта е 2 евра, климата и морето се рај, но од Македонија ми фалат планините“
- Детали
- понеделник, 18 февруари 2019
„Лошата страна е гужвата и постојаното поскапување на кириите на становите, но има 300 сончеви денови, живописни плажи и плата неколку пати повисока од Македонија за истата работна позиција, па Малта е добра опција за привремен престој и работа“, вели 28-годишниот Бобан.
Бобан Спасевски (28) е апсолвент на факултетот за туризам и бизнис логистика при Универзитет „Гоце Делчев“ во Штип, но веќе една година живее и работи на Малта.
Тој вели дека оваа мала држава му е како втор дом и веќе го има истражено секое катче од неа.
Работи како обезбедување на бродско пристаниште, а секој слободен миг го користи за кајакарење, откривање на нови забавни катчиња во Малта и уживање во богатиот ноќен живот.
Тој ги сподели со нас неговите впечатоци од животот и работата на Малта:
Зошто токму Малта како дестинација за работа?
Па, најверојатно затоа што тука дојде еден мој другар и неколку месеци се одлучив и јас. Полесно е да се одлучи човек кога некој свој ќе ти каже како се живее таму, како да стигнеш, посигурно е кога има кој да те пречека и понуди сместување.
Но, исто така Малта како дестинација за работа нуди големи можности за вработување, отворени се многу работни позиции и говорат англиски јазик, што е многу олеснителна околност. Секако не е само добра за работа, климата е прекрасна со многу сончеви денови и нормално има море.
Најдобра плажа на Малта…
Најдобра плажа е кај што нема луѓе. Искрено, Малта има прекрасна природа, но е различна од нашата. Преовладуваат повеќе карпести предели и не можат да се пофалат со долги песочни плажи, но секако има прекрасни плажи.
Има карпести плажи кој имаат кристално чиста вода, а најдобрата е Блу Лагун, која е на сестринскиот остров Комино. Од песочните плажи можат да се издвојат Парадајз Беј, Голден Беј, Ривиера, Прити Беј и најголемата Мелиха Беј.
Но, бидејќи сум авантурист по природа и ми се здодевни нормалните работи, сакам да истражувам, па кајакарам и откривам „нови“ плажи. Тоа се плажи до кои може да се дојде само по воден пат и се непосетени од луѓето, е баш таму си го наоѓам мирот и спокојот.
Најдобар специјалитет од локалната кујна…
Веган сум една година, така што не би можел многу да ја пофалам нивната локална кујна, ја немам вкусено. Традиционалната им е претежно невеганска, но нема кој дошол, а не пробал пастици.
Може да се одвојат Фтира, Бигила, Фенебек, Лампуки, Патата, Имгарет и др. Секако имаат и веганска вкусна храна која е се почеста во менијата.
Најдобра архитектура на Малта има во…
Новодојденците обично велат сè е исто - жолто. Преовладува барокна и неокласична архитектура, издадени мали тераси кои се обоени, ѕидови изградени од нивниот традиционален за градба жолт камен.
Новите градби се разликуваат од старите, стилот им е урбан и најчесто се згради од четири и повеќе катови. Карактеристично е што немаат коси кровови со ќерамиди, туку рамни кои се користат како тераси или пент хаус.
Главниот град Валета има прекрасна архитектура, но исто така на сестринскиот остров Гозо има архиктетура која ви го одзема здивот, ѕидови со жолт камен издлабени со разни историски скулптури.
Ноќниот живот е…
Лудница! Имаат многу активен ноќен живот, многу ноќни барови, клубови кој работат до раните утрински часови.
Најпознато место е Пачевил, тоа е област од неколку улички на кои се распоредени најпознатите ноќни клубови, но има и на разни локации добри места за забавување.
Омилено место на Малта ти е…
Секаде кај што сум опкружен со природа и не сум во некоја гужва. Едно од омилените места ми е Дингли клифс, тоа е највисокото место на Малта со околу 200 метри надморска височина.
Има прекрасен поглед кон морето, хоризонталата на небото и морето е волшебна, особено кога заоѓа сонцето. Тоа се моменти кога се молчи и се восхитува на погледот.
Омилена ми е и Цитаделата во градот Викториа на Гозо, тоа е тврдина со голема катедрала во средината, секако во Викторија го има и највкусниот вегански сладолед.
Какви се платите, цените и стандардот на живот?
Малта е економски јака земја со брзорастечка економија, но сепак не е место каде би можеле да дојдете на печалба за кратко време и да се вратите во Македонија со поголема заработувачка. За живеење стандардот е добар, со една просечна плата можете да платите кирија, сметки, да се храните добро и да заштедите.
Платите се на принципот по работен час, така што минимално е 4,31 евро, па нагоре, во зависност од работата која ја работите. Во споредба со работа во Македонија каде се заработува пример месечна плата од 200 евра, тука за истата работа и работни часови се заработува околу 900 евра. Но, тие кои сакаат повеќе да заработат и се вредни можат да работат повеќе часови или друга привремена работа.
Цените на храната во споредба со македонските во зависност од продуктот се или исти или малку поскапи, така што лебот е 90 центи, веганските млека се околу 2 евра, овошјето и зеленчукот малку се поскапи, но сепак достапни.
Кафулињата се исто како во Македонија, така што пиво е околу 2 евра, еспресо 1,5 евра, цеден портокал околу 3,5 евра. Секако цената варира според тоа кое место сте го посетиле. Но, за разлика од Валета, Гозо е многу поевтино за живот во секоја смисла.
Што работиш и дали си задоволен од заработувачката?
Искуството од Македонија го продолжив и тука, работам како обезбедување, односно како Port security officer, обезбедување на бродско пристаниште.
Заработувачката е солидна за добар живот, можам да заштедам нешто околу 200 евра минимум, а притоа да си дозволам нормален живот и нешто повеќе од тоа.
Кога е ек на сезона? Дали има туристи во текот на цела година? Од кои земји доаѓаат најчесто?
Малта е земја која има над триста сончеви денови, така што сезоната е преку целата година. Ек на сезоната е од средината на мај до крајот на септември, но водата е топла и во текот на октомври.
Туристи има од секаде, но најчести се Британците, Шпанците, Италијаните, нормално има и многу Балканци кој доаѓаат во посета на роднините кој им живеат тука.
Забавни активности достапни за туристите…
На Малта невозможно е да ти биде здодевно. Забавни активности има во зависност од тоа каков тип на активност сакате.
Така што секојдневни се крстарењата со бродови околу Малта со рута кон Комино и Гозо, но тие којшто мислат дека 30 евра е скапо за вакво крстарење, можат да одат со автобус до терминал и со фери брод за 4,5 евра да го посетат Гозо и за 10 евра Комино.
По копно се достапни двокатни автобуси, кој на катот се без кров. Налик на нашите автобуси за градски превоз. Се вози низ цела Малта или Гозо по јужна или северна рута.
Најдобрата страна на животот на Малта е…
Прекрасната клима, сончевите денови, позитивната енергија, можноста за работа и заработувачка, близината на плажите и морето, сето тоа придонесува за животот на Малта да е забавен и исполнет.
Добра околност е тоа што летот до Македонија е прилично евтин и брз, така што со директен лет за час и половина сте назад во милата ни татковина.
Најлошата страна на животот на Малта е…
Како и сè во животот ништо не е перфектно, така што има и лоши страни за живеењето на Малта. Непризнаеноста на Македонија во ЕУ ја отежнува можноста за градење на кариера или вработување на некоја добра позиција каде што бараат вработени со ЕУ државјанство.
Секако, со тек на годините киријата на становите се зголемува што придонесува до дополнителни тешкотии.
Каков е народот? Колку локалците имаат предрасуди кон дојденците?
Срцки се, што би рекол цимерот мој. Малтежаните се прекрасни луѓе, отворени за муабет, дружба, немаат предрасуди кон дојденците. Ако прашаш за некое место кај се наоѓа ќе ти одвојат многу време за да објаснат.
Особено прекрасни се разговорите со стари лица кои за време од половина час додека се возите во автобус ќе ви ја раскажат цела историја на Малта и за нив и нивното семејство.
Јазикот им е голем процент арапски така што малку се погласни кога разговараат и за момент ќе помислиш дека се караат. Патем нема кој бил во Малта, а да не научил да каже „Мела“ (зборот што го користат постојано како пауза кога размислуваат).
Каде би сакал да дочекаш пензија?
Не замислував дека олку тежок бил одговорот на ова прашање, но сепак би дочекал пензија во Македонија. Кога би имал право на македонска и малтешка пензија сигурно би бил пензионер кој би живеел некаде надвор од градот на некое мирно место во близина на некоја планина, мала куќа со голем двор и нормално многу многу животни во него.
Кога мислиш на Македонија најмногу ти недостасува…
Нормално семејството. Но, кога мислам на семејството мислам и на моите мачки. Ми недостасуваат и прошетките по планините и шумата, овде немаат планини.
Ми недостасува и возењето мотор по автопат, овде немаат автопат, а ниту јас мотор.
Фотки од престојот на Бобан на Малта:
С. С. | Црнобело